Клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп викендов по 5-ти пат ќе ја организира меѓународната трка насловена како „Storm Riders 2017“ на мото крос арената во Лагово.

Клубот за екстремни спортови „SkyRiders“ од Прилеп ќе биде домаќин на мотокрос трка која ќе се одржи на патеката Лагово крај Прилеп.

Трката оваа година нема да се бодува за шампионатот на Македонија во мотокрос, ќе има ревијален натпревар, а Македонија ќе остане без ниту една официјална трка за 2017 година.

Натпреварувачите во Лагово ќе бидат поделени во 4 класи: MX1, MX2, MX3 и OPEN CLASS, а најавени се гости од Србија, Грција, Албанија и Косово.

„Ова ќе биде единствена мото крос трка годинава организирана во Македонија и сите возачи од државава се исклучително нестрпливи да учествуваат на еден ваков настан. Во изминативе години стекнавме едно реноме, имаме патека која е направена според сите стандарди и целта е овој натпревар да премине во меѓународна трка со натпреварувачки карактер. Мислам дека во иднина ќе ги постигнеме овие наши замисли“, истакна Златко Спиркоски, секретар на клубот за екстрекни спортови „Skyriders“.

Според предвидената програма во сабота ќе се возат тренинзи, а во недела квалификациите и трките. Во недела од 8:30 изутрина започнува техничката контрола, а првата трка на програмата е во 11:05. Иако трката нема да се бодува за шампионатот на Македонија во мотокрос ќе бидат запазени сите правила и прописи како и мерење на времето.

Прогнозата за недела е сончево време и температура од 11 степени, одлични услови за мотокрос трка и убаво поминат неделен ден, се гледаме во Прилеп.

Back To Top