Постои убедување дека тоа се пред сè, лоши момци, криминалци, небањати, пијани, надувани битанги. Дека таа моторџиска “багра” води неморален живот и сл.

Многу пати сум се прашувала зошто криминалецот качен на мотор, не е само криминалец, туку е моторџија, а зошто истиот криминалец во автомобил или пеш не го нарекуваат автомобилист или пешак туку едноставно криминалец. Да драги мои, добро би било да разберете дека криминалец е криминалец, наркоман е наркоман,  алкохоличар е алкохоличар, без разлика на неговото превозно средство.

mariovo 714 20090715 1918695252

Триесетина год. сум опкружена со моторџии и верувале или не, меѓу нив има прекрасни луѓе со големи срца, со најразлични професии и образование,  полни со преубава енергија и чувство на слобода. Дали сте знаеле дека вистински моторџија, никогаш нема да ве остави на пат, дека и последниот сендвич или чаша вода ќе го подели со вас. Многу мото-клубови и моторџии учествуваат во хуманитарни акции, во крводарителни акции, накратко, тие се секогаш тука да помогнат кај што е потребно. Тоа се луѓе кои не трпат ограничувања, имаат свој став,  ја сакаат слободата и ги живеат своите сништа. Треба да поседувате посебен дух и желба за таквиот динамичен живот. Многумина од вас животот го поминуваат  во удобноста на својот дом. А тие (ние)? И ние си имаме обврски како секој од вас, одиме на работа, имаме семејства, некои си имаат деца, помагаат по дома, ама се разликуваат по тоа што утрово се во Скопје, а попладнето или вечерта можат да бидат на било кое место. Тоа е нивната слобода. Па затоа, кога ќе чуете моторџија, знајте, тоа е човек со авантуристички дух и огромно срце, а нивниот дом е онаму, кај што е нивниот мотор.

За разлика од удобното патување со автомобил, каде што возачот и совозачот се заштитени и конфорни, патувањето со мотор е вистинска авантура. Мораш да се носиш со сите временски прилики и неприлики. На крајот на краиштата мора да бидеш под постојано напрегање и максимална концентрација за да сочуваш жива глава. Затоа, вие возачите на автомобили, пред да направите било каков прекршок, добро внимавајте на моторџиите зашто нивните животи се многу ранливи додека се на своите мотори. Внимавајте на нив, оти и тие се нечии синови, ќерки, браќа, сестри, сопрузи….

Правата вистина за моторџиите многу лесно ќе ја дознаете од дружењето со нив. Само така ќе сфатите, дека под кацигата и кожата, со мали исклучоци, се наоѓаат најнормални луѓе, чија што единствена „винa” е чувството за слобода,  големитe мотори и невообичаен, честопати бунтовен изглед. Треба да ги разберете моторџиите како луѓе со поинаква страст. Нивното моторџиство не е никаков хир, ниту тоа е нивното хоби, тоа е едноставно нивниот начин на живот. Секој има право да си го одбере својот начин на живеење со должно почитување кон добробитта на сите во заедницата.

Извор: Гушни го Светот

Back To Top