Се одлучивте за прв пат да ја посетите тркачката патека на еден од отворените денови, во продолжение ќе прочитате сè што треба да знаете за новото искуство.

Секоја тркачка патека организира „track days“, отворени или слободни денови во кои секој ентузијаст може со својот мотоцикл за одреден надомест да вози по патеката.

Имајќи во предвид дека сè уште немаме наша патека, текстов го пишуваме за патеката Серез која ни е најблиску и е хомологирана од ФИМ, советите можат да се применат и за било која друга патека, освен за деловите кои се напишани конкретно за оваа (пример цената на чинење).

seres pateka

Мотоцикл

На патеката може да дојдете со било каков мотоцикл, логично е да појдете со брзински, но се случува да се сретнеме со луѓе со нејкед па дури и со туристички мотоцикли. Со што ќе појдете зависи само од вас, ниту е забрането ниту пак е срамота да се отиде и со постар мотоцикл, па затоа не дозволувајте тоа да биде пречка за вашиот прв ден на патеката. Тркачките оклопи не се задолжителни, можете да појдете со мотоциклот со кој возите по улица таков каков што е.

motor na serez

Опрема

За да можете да учествувате на отворениот ден потребно е да ја имате целата заштитна опрема: кацига, кожно одело со штитници, чизми и ракавици. Оделото може да биде дводелно, треба да се закопчува за горниот дел. Осигурајте се дека опремата која ја носите навистина ќе ве заштити, ја носите пред се заради вашата безбедност, не заради контролорите на патеката.

buzo seres

Гуми

Гумите се важен дел од вашиот прв ден на тркачката патека. Осигурајте се дека имате доволно „месо“ на нив и дека не се премногу стари. Серез е патека која „јаде“ гуми, очекувајте дека после 2-3 посети на патеката ќе треба да ги промените. За споредба, тркачите на оваа патека менуваат сет гуми после 1 ден, или барем задната гума после секоја трка.

Притисокот на гумите е многу важен, без разлика какви гуми возите притисокот треба да биде помал отколку оној што го возите на улица. Пример, доколку возите Diablo Rosso или Continental SportAttack на улица со притисок 2.4 напред и 2.2 позади, пред да излезете на патеката на ладни гуми притисокот не треба да биде повеќе од 2.1 за предната и 1.9 за задната.

zizi seres trka

Секоја гума има препорачан работен притисок, пумпањето на ладно е почетна точка со цел за време на возењето да се постигне овој притисок. Доколку можете набавете мерач за гуми (го има на банзиските на Макпетрол), важно е да го мерите притисокот на гумите пред излегувањето на патеката кога се ладни и по влегувањето во боксот и по потреба да го регулирате притисокот. За гуми кои се наменети за трки како што е Supercorsa SC или GP D212 препорачаниот притисок на ладна гума е 1.8 напред и 1.6 за задната, а потоа по возењето овој притисок се искачува до 2.3 напред и 2.0 позади.

Патеката во Серез е со должина од 3186 метри составена од 16 свиоци од кои 9 се десни, а 7 леви. Ова значи дека десната страна од гумите ќе ви биде повеќе „изедена“, но ништо за што треба да се грижите на почетокот.

Важна напомена: Проверете на сајтот на производителот на гумите кои ги возите (не на форуми) кој е препорачаниот притисок за вашите гуми.

guma motor serez

Очекувања и реалност

На патеката најчесто има бавна и брза група со која можете да возите, искрено ви препорачуваме да започнете со бавната група, колку и да сте брзи на Стража или на Партизанска, тркачката патека е друг свет. Започнете полека, запознајте се со стазата и со однесувањето на вашиот мотоцикл на овој асвалт. Нема дупки, нема луѓе кои претрчуваат, нема таксисти што вртат на две полни ленти. Само вие и асвалтот. Можете да возите колку што сакате, но не заборавајте дека не сте на МотоГП, и да ве помине некој, немојте да го бркате, има време за тоа.

Сите ние сме Роси или Маркез во главата, па дури и кога имаме 30 цм од коленото до асвалтот. Сите поаѓаме со тоа дека ќе излеземе на патеката и ќе направиме нов рекорд, сите ќе ни плескаат и ќе ни се поклонуваат. Потоа ќе дојдете на патеката ќе влезете со брзата група и ќе ве поминат како воз бандера.

Потрудете се да останете со ладна глава. На отворените тренинзи нема мерење на време, и тоа е последната работа за која треба да се грижите. Воопшто не е важно времето кое ќе го постигнете, не сте на трка. Целта е да возите во контролирана средина со одлични услови, да го подобрите вашето возење и да се забавувате.

Тркачката патека за моторџија е како тобоган за дете, ќе сакате повторно и повторно да се вратите, искуство кое не се заборава. Се надеваме дека многу наши возачи ќе се заразат од болеста наречена тркачка патека, и дека ова ќе биде поттик за во иднина да започнат да возат и трки.

cobe seres

Трошоци

Цената за слободен тренинг за цел ден изнесува 55 евра за време на викендите (петок до недела) и 45 евра од понеделник до четврток. Закупот на бокс изнесува 50 евра од понеделник до четврток, преку викенд цената на боксовите е 200 евра.

Трошоците се индивидуални, а вклучуваат транспорт на мотоциклот со кој ќе возите, котизација за патеката и трошоци на самата патека. Мотоциклот можете да го однесете до патеката и со возење но не е препорачливо заради заморот и евентуални несакани оштетувања на моторот. Доколку го носите со приколка или комбе, од Скопје до Серез преку Дојран има 260км, додека пак преку Гевгелија па Солун има 310км но патот е подобар.

Tрошокот за еден ден изнесува +/-150 евра, 50 евра за патеката, 70-80 евра за бензин и/или транспорт, остатокот за јадење и пиење за цел ден.

Што да понесам?

Серез е патека на која доколку не сте во бокс ќе ви треба тенда бидејќи сонцето е немилосрдно. Ако одите со мотоцикли до таму организирајте една кола за носење на сите работи. На делот предвиден за поставување на мотоциклите има приклучок за струја и на патеката има тоалети и вода (која не е за пиење). Можете да си поставите масичка и столчиња, а душек на дување е одлична работа за да одморите. Понесете си облека за пресоблекување, возењето на патеката е физички напорна. За мотоциклот, доколку имате не заборавајте греачи за гумите, понесете и алат кој би можел да ви затреба и понесете се што можеби имате од делови (рачки за кочница/кумплунг, ногарки, шалтер...).

seres ekipa

Доколку имате било какви прашања ви стоиме на располагање.

Back To Top