Македонските мотоциклисти успешно ја започнаа сезоната во Источно-Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам и Европскиот шампионат во супермото.
Македонските мотоциклисти успешно ја започнаа сезоната во Источно-Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам и Европскиот шампионат во супермото.
Првата трка се возеше на патеката Плевен во Бугарија, на која МФМ имаше 4-ца претставници.
Во класата до 125цц (SP Junior) своето деби го имаше младиот Аргетим Рамадани (МК Мотори), во класата до 600цц (SBKS600) го проследивме возењето на искусниот Игор Спиров - Зизи (МК Гого) како и новајлијата Али Леноски (МК Мотори). Македонија имаше свој претставник и на Европскиот шампионат во супермото преку Слободан Ивчески - Цобо (МК Сакамото) кој настапи во класата „Open“.
Условите за тренинг и квалификации не беа наклонети кон возачите, но затоа пак на денот на трката наместо дожд имавме суво време, сува патека и одлични услови за трки.
Младиот и талентиран Аргетим Рамадани ја започна кариерата со пехар за освоеното второ место во својата класа. Иако имаше лесна задача да дојде до пехар со оглед на конкуренцијата од 3 возачи, пехарот ќе биде огромен мотив за него и се надеваме дека на следната трка ќе продолжи со одличниот успех.
Во класата SBKS600 одличниот Спиров дојде до 5-то место во конкуренција од 20 возачи. Во неговата класа борбата е навистина голема, па така честопати се случува на стартот да следиме и по 30-на учесници. Возењето на Зизи не охрабрува дека веќе на следната трка ќе може да се надеваме на подобар успех, со оглед на тоа што во изминатите година на првата трка од сезоната секојпат имал послаб резултат.
Во оваа класа за прв пат го следевме и Али Леноски. Тој настапи со мотор кој го купи само неколку денови пред трката, и за прв пат се појави на тркачката патека, па затоа претставува одличен успех за него фактот што трката ја заврши на 15-та позиција.
Слободан Ивчески имаше тешка задача против силната конкуренција во отворената класа на Европскиот шампионат во супермото. На двете трки кои се возеа во Плевен тој заврши на 8-та позиција носејќи ги првите бодови на своето конто во ова натпреварување.
За галеријата од возбудувањата во Плевен кликнете овде.
Следните трки се возат на 15-ти јуни повторно на патеката Плевен во Бугарија.