Мото клубот „Ендуро Тим - Водно Скопје“ сезонава по втор пат ќе ја претставува нашата земја во меѓународните натпреварувања, овој пат со далеку посериозен пристап од минатата, кога беше формиран тимот и за прв пат настапија на БМУ Европскиот шампионат.

Ендуро Тим - Водно Скопје е еден од ретките клубови во земјава кој сериозно се зафати со вложување во мото спортот. Денеска на крајно професионален начин на прес конференција беа претставени нивните возачи и плановите на тимот за сезоната.

Минатата година со двајца, оваа со четворица натпреварувачи тие го продолжуваат настапот во БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам но и во шампионатот во мотокрос.

20180315 112803

Како и минатата година, во брзински мотоциклизам ќе настапи Христијан Бузалковски кој оваа сезона ќе вози во две класи SP125 и F600, а настапот на Игор Спиров во F1000 за жал е неизвесен. Во БМУ Европскиот шампионат во мотокрос ќе настапат Христијан Станкович и Виктор Караколев, двајцата во категоријата до 250 кубни сантиметри, во класата MX2 (МХ2 Јуниор).

„За разлика од лани, оваа година сме побројни. Имаме четворица професионални возачи и дваесетина члена кои возат Ендуро мотоцикли. Идејата е оваа година попрофесионално да се претставиме во меѓународни рамки. Набавивме нови мотоцикли, се надеваме дека оваа сезона ќе биде многу подобра од лани. Лани имавме охромен успех, освоивме две втори места во двете класи што возеа нашите натпреварувачи. Оваа година се надеваме на шампионска титула“, истакна Владимир Димов, претседател на Ендуро Тим - Водно Скопје.

Во однос на македонскиот шампионат за кој се зборува дека ќе се вози, тој истакна:

„Сѐ уште официјално нема трка во Македонија. Но, во план се две или три трки - мотокрос и ендуро. Брзински трки нема да има, затоа што немаме стаза за такво нешто. Нашиот клуб се пријави да биде организатор, крајниот збор треба да го даде Федерацијата. Ендуро трката би се одвивала во близина на воениот полигон „Стенковец“, додека мотокрос трките има шанси да бидат на патеката Забел во Куманово или Орман во Скопје“, додава претседателот.

20180315 131819

Збор на прес-конференцијата имаше и секретарот на клубот, Ненад Бошевски.

„Ова ни е втора сезона како ќе се натпреваруваме. Имаме успеси, полека се зголемуваме како тим. Лани бевме доста добри, да не речам и одлични ако се земат предвид можностите кои ги имавме. Годинава ќе се потрудиме да биде уште подобро. Стремиме кон учество на европските шампионати. Со резултатите сакаме да ја поттикнеме државата да не поддржи и помогне за да има поголем одзив во овој спорт и сите заедно културата на мотоциклизмот да ја однесеме на повисоко ниво. Оваа година сме посериозни и финансиски и организациски и сите заедно сакаме повисоки пласмани“, вели Бошевски.

20180315 133049
Еден од адутите на Ендуро Водно е Христијан Бузалковски кој ќе ја вози својата втора сезона во БМУ.

„Оваа година исто како и лани ќе се натпреварувам во БМУ шампионатот во брзински мотоциклизам. Работиме напорно, се надевам дека ќе дојдеме до одлични резултати, исто како и минатата сезона, па ако не и подобри“, вели Бузалковски.

20180315 133035

Останатите двајца членови на тимот се нови - Христијан Станковиќ и Виктор Караколев.

„Оваа сезона ќе натпреварувам во класите МХ2 и МХ2 Јуниор и воедно ќе бидам првиот во историјата на Македонија што ќе се натпреварува на едно европско првенство. Учество ќе земам и во Балканскиот (БМУ Европскиот шампионат во мотокрос) и Македонскиот шампионат, а ако се има средства, ќе се пријавам и во Грчкиот. Во Српскиот шампионат сакам да освојам златна кацига, тимот набави нов мотор и ќе се обидам да ја исполнам желбата на сите“, истакна Станкович.

20180315 133042

Виктор Караколев се надоврза на изјавата на својот колега, Станкович:

„Очекувањата ми се да ги подобрам резултатите од минатата година. Сезонава ќе имам седум трки од Балкански шампионат, околку четири до пет Српски трки и целиот Македонски шампионат. Нов сум во тимот, но сите целиме кон подобри резултати“.

Во брзинскиот шампионат ќе се возат 12 трки во 7 викенди, во Грција, Романија и Бугарија. Ќе се бодува за Европскиот, за Бугарскиот, за Романскиот и за Македонскиот шампионат. Во мотокрос шампионатот кој веќе започна планирани се 7 рунди (14 трки) во 7 викенди, тие ќе се бодува за Европскиот и за Српскиот шампионат. 

Back To Top