Во петокот, мотоциклите на Honda делуваа прилично моќно на патеката „Termas De Rio Hondo“ во Аргентина. Дани Педроса беше предвоник на првиот слободен тренинг, а Кал Кратчлоу беше веднаш зад него. На вториот слободен тренинг, Марк Маркез направи поголема предност во однос на Кратчлоу, а останатите возачи беа далеку зад него.

Во саботата, Маркез изгледаше дека е непобедлив и покрај грешката на квалификациите. Беше за шест десетинки пред Јохан Зарко и имаше одлична брзина за време на третиот слободен тренинг кој се возеше на влажни услови.

На четвртиот слободен тренинг, тој беше за една секунда побрз од тимскиот колега Педроса, предност која беше речиси засрамувачка. Знаците беа и повеќе од јасни, oва беше трка која Маркез можеше да ја загуби.

marc marquez valentino rossi argentina gp motogp

И токму тоа и се случи, дури и пред да се запалат светлата на патеката. Комбинацијата на непознавање на правилата и паника доведе до тоа да ги загуби сите шанси за победа само што се симна од мотоциклот и се обиде да го запали директно на патеката.

Оттогаш, грешките само се повторуваа, а ситуацијата стануваше се полоша. До крајот на денот, тој успеа да ги прокоцка сите шанси за освојување на поени од Гран При трката на Аргентина. На крајот дури направи и дефицит од 15 бода во однос на Андреа Довициозо.

Покрај тоа, успеа да креира и целосен медиумски хаос околу себе, но, да бидеме искрени, за тоа имаше и мала помош.

Незнаењето не е оправдување

Но се започна со непознавање на правилата. Кога се врати повторно на патеката, се појавија проблеми со моторот на неговата Honda RC213V.

Неговата реакција во првиот момент беше исправна: ја крена раката во воздух. Но тоа траеше една секунда (или да бидеме попрецизни 1.26 секунди) пред да скокне од мотоциклот и да се обиде со туркање да го запали.

Тоа започна еден синџир на настани кои потоа креираа незапирлив бран на контроверзии.

Првата грешка на Маркез беше што се симна од мотоциклот. Правилникот на FIM е јасен. Делот 1.18.13 го вклучува следниов параграф:

„Секој возач кој има некаков проблем со мотоциклот, мора да остане на него и да крене рака. Не е дозволен обид за одложување на стартот на било каков начин.“

Маркез најпрво го направи правилниот потег со тоа што ја крена раката. Но ги прекрши правилата кога се симна од него и се обиде со туркање да го запали. Тоа, само по себе, е веројатно и причината за казната која ја доби.

Проблемите ги зголеми откако го заврте мотоциклот и почна да вози во спротивен правец, што преставува кршење на делот 1.21.11. Со тоа веројатно и дополнително ги налути стјуардите кои можеби и ќе му простија за првата грешка.

Конфузија на сите страни

Маркез вели дека конфузијата која настанала на патеката е виновна за грешките кои ги направил. „Кога излегов на патеката, имав проблем со моторот и застанав. Но обично ова никогаш не се случува“, изјави тој за медиумите веднаш по завршувањето на трката.

„Ја кренав раката но немаше никој околу мене. Тогаш почнав да го туркам мотоциклот. За среќа тој запали и во тој момент не знав што треба да правам следно. Знам дека ако мотоциклот не пали, треба да се тргнам, но тој запали.“

Во суштина, проблемот на Маркез настана поради конфузија во однос на правилата. Маркез вели: „Знам дека ако имам проблем со мотоциклот, треба и јас да се тргам, но ова важи само пред почетокот на загревачкиот круг. “

Како што веќе кажавме претходно, според правилникот, доколку возачот има проблем со мотоциклот пред почетокот на трката, тој треба да ја крене раката и да почека помош.

Но зошто еден MotoGP возач не ги знае правилата на спортот од кој е дел? Би биле шокирани доколку еден фудбалер не знае што е офсајд.

Но сепак Маркез не ги знае процедурите кои важат на патеката. Можеби е нефер за сето ова да го обвинуваме само него. Тој не е единствениот кој не ги знае добро правилата бидејќи има и други возачи и тимови кои покажуваат недоволно познавање на правилникот.

Но тоа не е никаков изговор. MotoGP правилникот е прилично обемен и има 336 страни. Поентата не е во тоа возачите да го знаат целиот правилник напамет. Сигурно ќе им биде простено доколку не го знаат делот 2.4.4.3.3 во кој е прецизиран максималниот процент на керамички материјали кои можат да ги имаат сопирачките.

Но делот кој што треба да го знаат напамен е релативно краток и едноставен. Има околу дванаесет страници во однос на стартната процедура од кои можеби само третина се релевантни за возачот. Четири страни се во однос на различните знамиња и сигнализации кои се користат и три страни за однесувањето кое треба да го имаат на патеката.

Останатиот дел од правилникот е одговорност на тимот, производителите и организаторите на трката.

Лидерите треба да водат

Дел од вината лежи и кај луѓето кои го менаџираа стартот.

Според правилникот, официјални лица треба да стојат покрај секој стартен ред на патеката. Откако возачите ќе се наместат на својата позиција и се подготвени за старт, тогаш официјалните лица треба да ја спуштат таблата која ја носат со што ќе покажат дека сите возачи се подготвени за трката.

Официјалното лице кое беше задолжено за редот во кој се наоѓаше Маркез ја спушти таблата кога Шпанецот се симна од мотоциклот и почна да го турка. Дали ова се случи поради конфузијата која настана поради реакцијата на Маркез или пак недоволно познавање на правилата, тоа само дополнително влијаеше на хаосот.

efbc1d82711f7b4b1b85868ce2abc39f

Веднаш потоа уште двајца претставници на IRTA се симнаа на патеката за да интервенираат. Тони Конграм се обиде да му помогне на Маркез да излезе надвор од патеката додека пак Дени Олдриџ истрча напред за да види што се случува. Олдриџ погледна кон Конграм и виде дека тој го насочува Маркез. Потоа му сигнализираше на стартерот дека мотоциклот на Шпанецот е во ред.

Маркез ова го сфати како сигнал дека ја прави исправната работа. „Го прашав маршалот кога дојде бидејќи тој е во директна комуникација со директорите на трката,“ изјави Маркез.

„Погледнав кон него и го прашав, на патеката или во гаражата? Во тој момент не знаев што се случува. Потоа видов уште еден човек. Маршалот ја тргна раката од мојот мотоцикл, а другиот го крена палецот во воздух. Помислив дека треба да се вратам на мојата позиција.“

Маркез погрешно разбрал но IRTA немаа доволно луѓе на патеката за да ја исправат грешката. Правилната одлука би била да се отповика стартот, а Маркез да почне од гаражата.

Но не е познато зошто директорите на трката не го направија тоа. Од Dorna им забранија на новинарите да разговараат со директорот на трката Мајк Веб, а еден новинар натераа да го избрише интервјуте кое го имал со него.

Логично објаснување е дека целиот хаос кој настана уште повеќе би се зголемил доколку се прикаже на телевизија. Па така, бидејќи сите беа на своите позиции на патеката, беше одлучено трката да почне.

На крајот, одлуката трката да почне, а Маркез да добие казна поради неговата грешка наместо одложување на стартот или пак тој да стартува од гаражата не направи никаква разлика. И во двата случаи, Шпанецот ќе се најдеше позади голем број од возачите.

А не е дека ова не сме го виделе и претходно. Во 2012 година, Маркез, кој тогаш настапуваше во Moto2, имаше проблеми со мотоциклот пред стартот на трката во Мотеги. Стартуваше од 28-та позиција и веќе после првиот круг беше на деветото место. Веќе во десетиот круг се најде на првата позиција и таму остана се до крајот на трката.

Три трки подоцна, во Валенсија, тој беше приморан да стартува од крајот откако се судри со Симоне Корси за време на тренингот.  Она што следуваше потоа беше речиси идентично како и на трката во Мотеги. После првиот круг беше на единаесетата позиција, а на крајот заврши на првото место.

Трката на Маркез во Аргентина се развиваше на речиси идентичен начин, но овојпат на тоа додадете и малку агресија. Возачот на Repsol Honda покажа врвно знаење во моменти кога условите на патеката не беа идеални.

Од круг во круг беше се поагресивен и на моменти возеше по самиот раб, но никогаш не излезе од тоа. Беше за повеќе од една секунда побрз од останатите возачи.

На одземете ја казната која ја заработи како и неколкуте послаби кругови кога му пречеа останатите возачи и домнацијата е комплетна.

Доколку ги споредите неговите дваесет најбрзи кругови, тогаш ќе дојдете до време кое е за 6.353 секунди подобро од времето на победникот Кал Кратчлоу, 7.455 секунди подобро од второ пласираниот Јохан Зарко и 9.179 секунди побрзо од трето пласираниот Алекс Ринс.

Тој беше недостижен и за останатите конкуренти за титулата: 13.959 секунди побрз од Маверик Вињалес, 23.219 секунди побрз од Валентино Роси и 25.311 секунди побрз од Андреа Довициозо.

Непотребни работи

Токму тоа ги направи агресивноста и нетрпеливоста со која им се приближуваше на возачите уште позбунувачка. Тој беше толку побрз од останатите возачи што дури и не мораше да притиска толку силно.

Наместо едноставно да ги претекне, тој ги бркаше неговите ривали. Во тринаесетиот круг, тој се удри во возачот на Aprilia, Алеш Еспаргаро. Имаше допир и со Бредли Смит и Тито Рабат, а во свиокот број тринаесет имаше контакт и со Валентино Роси откако се намести на местото кое го планираше Италијанецот.

img fmunoz 20180408 204616 imagenes md otras fuentes marquez 033 kILE U442359842565ZdF 980x554MundoDeportivo Web

Маркез после тоа само ја зголеми грешката откако го истурка Роси надвор од патеката. Тој му го блокираше патот и единственото нешто што можеше да го направи Роси е да се најде на тревата.

Што доби Маркез од сето ова брзање и невнимание? Првото нешто беше казна од 30 секунди која од петото место на кое ја заврши трката го врати на осумнаесетата позиција.

Покрај ова, ваквиот настап му ја зациментира и репутацијата на невнимателен возач. Исто така фрли сенка и на сиот успех кој го постигна во текот на изминатата година и за време на тестовите кога беше фокусиран и покажа посветеност и трпение.

Сега, тој се наоѓа на 15 бодови од Андреа Довициозо и го очекува сезона која ќе биде исполнета со непријатни прашања од новинарите како и голем број на негодувања од страна на фановите.

Ова сигурно ќе му го одвлекува вниманието во текот на целата сезона, и во ова време на MotoGP, еден возач едноставно не смее да си дозволи такво нешто.

Само прашајте го Андреа Довициозо кој успеа да стане возач способен за освојување на титулата откако успеа да ги занемари сите работи кои се случуваат околу него и едноставно да се фокусира на главната награда.

За Маркез ќе биде навистина тешко да остане фокусиран кога на секоја трка ќе го прашуваат за неговиот однос со Валентино Роси.

Медиумска катастрофа

Самиот тој не си помогна ниту во однос на медиумите. Во краткото излагање кое го имаше веднаш по завршувањето на трката, а кое беше директно пренесувано на www.MotoGP.com,  Маркез ги призна сопствените грешки но исто така се обиде и дел од одговорноста да ја префрли на останатите.

„Секако дека денеска направив неколку грешки,“ изјави тој.  „Неколку од нив признавам но неколку грешки направија и директорите на трката. Ги прифаќам моите грешки и ќе се обидам да не ги повторам во иднина. Мислам дека повеќето од работите ги направив добро. Задоволен сум од трката бидејќи темпото беше одлично.“

0a0c88a3fb8d4fd0a5941be00883d5a8

„Можеби најголемата грешка која ја направив на трката беше со Алеш,“ изјави Маркез кој се судри со Алеш Еспаргаро во осмиот круг.  „Пристигнав четири секунди побрзо и воопшто не бев свесен за тоа. Навистина е тешко кога ќе пристигнете четири секунди побрзо од останатиот возач. Дадов се од себе за да го избегнам контактот. Ја прифаќам казната и јасно ми е зошто е таа. Се вратив едно или две места наназад. Потоа повторно почнав да притискам“

Но Маркез не прифаќа одговорност за сударот со Роси, изјавувајќи притоа дека станува збор за обичен тркачки инцидент. Се обиде чисто да го претекне но поради водата на патеката загубил контрола над предниот дел од мотоциклот и поради тоа го истурка Роси надвор од патеката.

„Мислам дека не направив ништо лудо. Морате да разберете какви беа условите на патеката. Дел беше суво но на дел имаше вода. Ми се закочи предниот дел и ги отпуштив сопирачките. Се обидов да свртам и кога го видов дека е надвор од патеката се обидов да му се извинам“. Што се однесува до Маркез, условите на патеката се виновни исто колку и тој.

„Денеска беше навистина тешко но тоа не е никаков проблем. “

Валентино Роси пак поинаку гледа на работите. Инцидентот ја врати омразата која Роси ја има уште од настаните кои се случија на патеката во Сепанг во 2015 година.

Роси го искористи моментот да упати критики до Шпанецот: „Ова е многу лоша ситуација. Тој го уништи нашиот спорт бидејќи нема никаков респект кон останатите возачи,“ изјави видно изреволтираниот Роси.

Овој инцидент беше само еден во низата проблеми кои Маркез ги направи во текот на викендот, смета Италијанецот. „Ако погледнете се што се случи во текот на викендот, ќе ви стане јасно дека вакви работи се случуваат. Тие можат да му се случат на секому. Можете да направите грешка при сопирањето, да се допрете до некој друг возач. Ова е тркање. Но уште од петокот наутро, тој беше таков со Вињалес и со Довициозо. Слична ситуација се случи и во саботата наутро. А за време на трката, тој отиде директно на четворица возачи.“

Најголемото обвинување кое Роси го кажа е дека Шпанецот намерно го направил тоа. „Ова не е случајност бидејќи тој намерно цели меѓу ногата и мотоциклот бидејќи знае дека така тој нема да падне но вие ќе паднете.“

„Тој се надева дека вие ќе паднете. Ако почнете да играте така, тогаш одите во еден многу опасен дел. Ако сите натпреварувачи возат така, без никаков респект кон останатите, ова е многу опасен спорт и може да заврши трагично.“

Маркез пак ги отфрла ваквите обвинувања. „Секако дека сум разочаран поради ова. Во мојата досегашна кариера никогаш намерно не сум нападнал некого со цел да падне. Секогаш се обидувам да го избегнам тоа.“

„Секако дека некогаш претекнувањето е поблиску. Ова што се случи денеска со Валентино беше грешка, несреќен случај поради условите на патот и укочување на предниот дел од мотоциклот. Но греши за тоа што го кажа за мојата кариера.“

Извртување на ножот

Роси беше непопустлив во критиките и побара од директорите на трката да преземат нешто: „Ова е опасна ситуација. Се надевам дека она што му го кажав на Мајк Веб, тие имаат голема одговорност. Мора да преземат нешто за да се осигураат дека во иднина Маркез нема вака да се однесува.“

„Оваа година, за време на првата трка во Катар имаше контакт со Зарко и со Довициозо. Исто така и со Вињалес. Денеска и со мене. Ако влезете во свиокот со многу поголема брзина нормално е дека ќе имате проблем. Мене ме нападна со намера да излетам од патеката.“

gg718072 copy

„Постојано вози вака. Во последните педесет трки е ист но мислам дека оваа сезона е дури и полош.Секогаш се обидува да те исплаши и да те оттурне надвор од патеката.Ова е опасна ситуација.“

„Старв ми е кога сум на патеката заедно со Маркез. И денеска бев исплашен кога во видов неговото име на табелата бидејќи знаев дека оди кон мене. Ако сите почнат да возат вака ќе биде страшно,“  вели Роси.

Она што ги направи работите полоши е тоа дека директорите на трката воопшто не го сваќаат сериозно неговото возење, смета Роси.

„Сакам искрено да разговарам со нив бидејќи воопшто не се чувствувам безбедно. Кога не се чувствуваш заштитен, мора сам да се погрижиш за тоа. Ако ништо не се преземе, тој ќе го повтори истото и следната трка.“

Италијанецот се жали и дека Маркез го уништил тркањето .„Веќе не ми е забавно кога се борам против него бидејќи знам дека го крева нивото. Тој воопшто не се бори чисто. Тој не игра агресивно, тој игра валкано.“

Другата страна

Дали поплаките на Роси се оправдани? Никој не се сомнева дека Маркез возеше невнимателно во Аргентина и дека поради него Роси излета надвор од патеката. Но да се обвини дека тоа го направил намерно е малку претерано.

Нема сомневање дека Маркез е подготвен да презема поголеми ризици во однос на останатите возачи: фактот дека падна 27 пати за време на 18 тркачки викенди во 2017 година е доволен доказ за тоа. Но она што Маркез никако да го разбере е тоа дека ризикот што го презема влијае и на другите возачи.

Неговата слика за она што се случи меѓу Маркез и Еспаргаро е сосема спротивна од мислењето на Еспаргаро: „Ова е опасно“, изјави Роси. „Ако отиде кон Алеш со брзина од 200 километри на час, па дури и малку да го допре тој ќе излета од патеката. Зошто мораме да се тркаме така?“

Еспаргаро беше разочаран од судирот со Маркез но сепак беше многу понервозен поради контактот со Данило Петручи на почетокот на трката.

„Ме удри многу силно. Но истото ми го направи и Петручи во вториот свиок. Дури можеби беше и посилно. Луѓето во IRTA мора да посветат посебно внимание бидејќи не е фер само Марк да добие казна а Петручи да не помине со никаква санкција.“

На Twitter тој го изрази своето жалење што Петручи не доби никаква казна, а потоа реагираше и кога неговиот тим се обиде да го одбрани. Потоа објави уште неколку други слики од инциденти во кои бил вклучен Петручи.

Андреа Довициозо, откако најпрво изјави дека не сака да се меша во целата ситуација, сепак на крајот се приклучи и тој. Но сепак, додаде малку хумор на целата ситуација.

„Не сакам да кажам што шест кратниот светски шампион треба да промени во однос на девет кратниот светски шампион“, изјави Довициозо. „Но сепак денеска Марк направи неколку работи погрешно. Имаше простор да се справи со секоја ситуација но сепак направи многу грешки. Неговата стратегија денеска воопшто не функционираше.“

Околностите

Обвинувањата на Роси и бранењето на Маркез приредија вистински театар.

Во целата работа се вклучија и Honda и Yamaha. Лин Џарвис побара од организаторите да најдат начин како да се справат со Маркез со цел истото повторно да не се понови. Алберто Пуиг се обиде да ја смири ситуацијата и ја обвини водата која била на патеката за целиот инцидент.

motogp argentinian gp 2018 marc marquez repsol honda team cal crutchlow team lcr honda cle 8058635

И двата тима разговараа со организаторите во врска со инцидентот.

После трката беше интересно и пред гаражата на Yamaha.Марк Маркез заедно со личниот менаџер Емилио Алзамора и шефот на тимот Алберто Пуиг заминаа таму за да му се извинат на Роси.

Но нив ги пресретна Учио Салучи, асистентот на Роси и менаџер на Sky VR46. Тој им пренесе дека Роси нема никаква намера да се ракува со нив. Она што вреди да се напомене е дека Учио, а не тимскиот шеф Лин Џарвис, беше оној кој им кажа да си заминат.

Роси не верува дека Маркез имал намера да се извини. „Не верувам во тоа. Прво, тој нема храброст да дојде кај мене сам, туку како и секогаш доаѓа со својот менаџер и со Honda . Сето тоа секако се снима.“

„Тој воопшто не се грижи за вас. Едноставно не сакам да зборувам со него и не сакам да го видам покрај мене. Сето тоа го прави само заради медиумите.“

Кога некој кажа дека истото го има направено и Роси за време на трката во Херез во 2011 година, Роси изјави дека тоа се има случено само еднаш и никогаш повторно.

Она што е јасно од целата оваа ситуација е дека раната која настана во 2015 година никогаш нема да зарасне.

„После 2015 година јас немам никаков однос со Маркез и затоа не се менува ништо. Едноставно само му велам „Чао“ бидејќи така е полесно. Ако тој нема никаков респект спрема мене, нема ни јас да го почитувам. “Целиот инцидент само ги врати сите овие работи на површина.

Секако дека му одговара на Италијанецот работите да останат таму. Роси отсекогаш ја користел својата моќ и влијание како надвор така и на патеката.

Ако се уште верува дека може да стигне до десетата титула, а дефинитивно смета дека се уште може да се натпреварува, тогаш дефинитивно му одговара целиот притисок да го префрли врз главниот кандидат за титулата.

До крајот на сезоната, Маркез ќе го исвиркуваат на секоја патека, па дури и за време на трката во Барселона. Следните неколку трки тој ќе ги помине одговарајќи на прашања поврзани со она што се случи во Аргентина.

Прашањето повторно ќе се отвара при секоја грешка на Шпанецот. Тоа ќе му го одзема вниманието, а Андреа Довициозо во 2017 докажа колку е само важно да немаш никакви пречки.

Мораме да разговараме околу Маркез

Главниот проблем, секако, е дека Маркез постојано прави грешки. Неговиот екстремен стил на возење значи дека од време на време, неговите претекнувања се на самата ивица на она што е прифатливо.

Потпирањето на сопирачките, во поголем дел од времето ќе му биде од корист но понекогаш и тоа ќе биде против него.

Денот кога се оддржа трката, поранешниот возач во MotoGP и светски шампион од WSBK серијата, Бен Спиз, го постави прашањето дали Маркез има проблем при проценката кога треба да притисне на сопирачките.

„Те претекнува како кога возите велосипед со другарите“, напиша Спиз на Twitter. „Од секогаш имал проблем со сопирањето кога пред него има други возачи и тоа навистина не ми е јасно.“

Американецот дополнително објасни што точно мислел. „Никогаш не го зема во предвид неговото сопирање и тоа може да ви направи проблем. Изненаден сум што уште ги прави тие грешки. Но денеска, тој само беше нестрплив“.

Како и обично, Спиз има право. Во текот на изминативе неколку години, Маркез значително го подобри своето возење, но на трката во Аргентина тој едноставно ја загуби главата. Толку многу брзаше за да ја надополни разликата без да обрне внимание на останатите возачи.

Но да се каже, како што тврди Роси, дека Маркез сето тоа го прави намерно е претерано. Сепак, на трката во Аргентина, тој беше премногу невнимателен.

И најлошо од се, немаше никаква потреба од сето тоа. Имаше добра брзина и многу лесно ќе се најдеше меѓу најдобрите шест возачи. Во најлошата ситуација, ќе загубеше еден поен во однос на Довициозо, но можеби немаше и тоа да се случи со оглед на фактот дека и Италијанецот имаше проблеми. „Денеска почнавме без никаков ритам, без брзина и поради тоа ми беше навистина тешко,“ изјави Маркез. А се што му беше потребно е само малку контрола и дисциплина. Но, од тоа немаше ништо.

Повторен прекршок

Како да се спречи повторување на ова? Казната од 30 секунди која му беше доделена поради опасно возење или пак одземање на поени веројатно нема да му го промени однесувањето. Маркез и призна такво нешто два дена по инцидентот за време на едно интервју во Бразил.

„Ќе продолжам да бидам ист како и досега. Отсекогаш сум се тркал со интензитет но трката во Аргентина беше збир на повеќе околности,“ изјави Маркез. Тој ќе продолжи да го бара лимитот, но во рамки на правилата.

e98a334746810486be715c4746e96fb5

Според мое мислење, Маркез требаше  да добие забрана за настап на една трка поради однесувањето за време на трката во Аргентина. Не само поради големиот број и разновидноста на грешките кои ги направи, само на стартот прекрши три правила, а потоа и неколкупати се исмеваше со делот 1.21.2 од правилникот (возачите мораат да возат одговорно), туку исто така да се натера Маркез вистински да ги разгледа своите постаки.

Хорхе Лоренцо веќе долго време зборува дека единствениот начин Маркез да го промени однесувањето е доколку добие забрана за настап на една трка. Тој го сподели своето искуство откако во 2005 година доби казна од една трка по сударот со Алекс Де Анџелис.

Приморан да седи дома и да ја гледа трката го натера да размисли колкав е само влогот, изјави Лоренцо. Смета дека и на Маркез му треба истата лекција. И јас се сложувам дека тоа е вистинското решение во овој момент.

Исто така се надевам дека казната ќе му помогне на Маркез да разбере дека нема потреба да биде толку агресивен. Кога не се удираше во останатите возачи, возењето на Шпанецот беше неверојатно, со неверојатна леснотија и контрола успеваше да менаџира со мотоциклот во тешки услови.

Квалитетот кој го поседува за возење токму во вакви услови, патека која се суши но која се уште има влажни делови, е далеку подобра отколку кај останатите возачи. Токму тоа е причината за леснотија до која доаѓа до победите.

Повторување на историјата

На некој начин, настапот на Маркез на трката во Аргентина многу ме потсетува на најдобрата трка на Валентино Роси во MotoGP.

Во 2003 година, за време на неговата последна година на Honda RC211V, Роси беше лидер на трката која се возеше на Филип Ајленд но доби казна од 10 секунди поради претекнување додека беше кренато жолтото знаме.

Казната ја доби во единаесетиот круг, а до крајот на трката остануваа уште 16 круга. Во деветиот круг, тој го подобри најдоброто време на патеката од 1.32.233 на 1.32.161.

 Откако ја виде табелата на која му беше соопштена казната, тој ги извозе останатите триенаесет круга блиску до најдоброто време на патеката и секогаш беше шетс до осум десетинки подобар од останатите возачи. Повторно го сруши најдоброто време на патеката кое сега стана 1.31.421, а предноста од 3.4 секунди која ја имаше во однос на останатите возачи се искачи на повеќе од 15 секунди.

Дури и со казна од 10 секунди, Роси на крајот на трката имаше предност од повеќе од 5 секудни. Ова беше денот кога Роси покажа колку е само подобар од останатите возачи на патеката.

Можеби за негова среќа, тој беше во водство кога му беше соопштена казната и немаше потреба да ги претекнува другите возачи.

Среќно бегство

Казната која ја доби Маркез им помогна на Андреа Довициозо и Маверик Вињалес да спасат барем нешто од викендот. Вињалес извлече најголема корист, заврши на петата позиција со заостанување од 15 секунди зад Кратчлоу и не беше предизвикан од никој друг.

Довициозо заврши на шестата позиција со заостанување од 22.5 секунди зад победникот, но десетте поени кои ги освои му помогнаа да се искачи на втората позиција во шампионатот. Сега тој заостанува само 3 поени од лидерот Кратчлоу.

Hasil MotoGP Argentina 2018

Довициозо сега има предност од 14 поени пред Вињалес и 15 пред Маркез и има многу поголема самодоверба во пресрет на трката во Остин.

„На крајот на денот си заминав дома со освоено шесто место, со помош на малку среќа, но тоа е многу позитивно за нас и за шампионатот.Тројца возачи кои се борат за титулата освоија нула поени и тоа е добро,“ изјави Довициозо.

„Негативно е што потврдивме дека имаме проблеми на ваква патека. Се мачиме кога треба да забрзаме на средина на свиокот но немавме можност да работиме на тоа за време на викендот.“

„Доколку работевме како што треба, тоа ќе ни помогнеше да бидеме малку поблиску. Но не бевме брзи и не можеме да бидеме среќни поради тоа.“ Но за да стигнете до титулата треба да освоите поени и во викенди кога не ви оди баш најдобро, а Довициозо го направи токму тоа во Аргентина.

Неговиот тимски колега имаше далеку полош настап. Лоренцо имаше толку лош настап во Аргентина што дури и го скрши аеродинамичниот пакет на неговиот Ducati GP 18. Истиот тој пакет му правеше проблеми со предниот дел и на трката во Катар и сите тројца возачи го одбегнуваат.

Но ниту тоа не му помогна. На крајот Лоренцо заврши на петнаесетото место со заостанување од 42 секунди зад победникот и 20 секунди зад тимскиот колега.

Ахилова пета

Тоа беше лош настап кој одлично ја покажува неговата фрустрација со моменталната состојба во Ducati. Преминот во Suzuki сега се чини очигледен во обид да дојде до мотоцикл кој ќе му обезбеди поголема брзина во свиоците како и агилност.

Доколку сака да настапи за нив ќе мора да прифати големо намалување на платата, но во овој момент, тоа и не е толку важно. Да бидеме искрени после две години во Ducati, тој има доволно средства во банката и сега може повторно да се фокусира на победите. Парите можат да ви купат многу работи, но не и победа на трките или пак освојување на титулата.

Но дури и да замине во Suzuki, Лоренцо сепак ќе се соочи со една пречка доколку сака да дојде до титулата. А таа пречка повторно беше откриена за време на трката во Аргентина. Хорхе Лоренцо не се справува лесно доколку има променливи временски услови на патеката.

Кога е суво, тој може да го победи секој возач. Кога е влажно, Лоренцо е компетитивен. Но доколку ги има и двете работи наеднаш, како да исчезнува сето знаење кое го има. Исто така ќе мора да се справи и со недостатокот на самодоверба.

Научени лекции

Ова беше еден навистина поучен тркачки викенд во Аргентина. Хаосот и конфузијата на виделина ги исфрли сите слабости на MotoGP серијата. Какви лекции можеме да научиме од трката во „Termas De Rio Hondo?“

Прво и основно, ќе се појават ситуации кога правилникот нема непосреден одговор или пак нешто што ги прикажува сите апсурдности на правилата. Она што се случи после кругот за запознавање со патеката е нешто што не тера повторно да ги преиспитаме дефинициите.

2018 argentina motogp results 12 fast facts 1

После се, технички гледано „back of the grid“ е местото кое доаѓа веднаш после последниот возач на патеката. Кога има само еден возач кој се наоѓа на позицијата на која се квалификувал, тогаш второто место станува „back of the grid“.

Второ, треба појаснување на правилникот. Додавањето на брзи процедури за рестатирање им ја поедноставнува работата на тимовите, но ги прави работите малку покомлицирани за возачите.

Исто така има и поделени информации во правилникот, што прави да не сте сигурни веднаш која е правилната работа што треба да ја преземете. Откако Маркез се симна од мотоциклот, правилната работа која требаше да се направи е да се однесе тој во гаражите и од таму да ја стартува трката.

Тоа го има во правилникот но не се наоѓа блиску до правилото кое се однесува за симнување од мотоциклот и одложување на стартот како што направи Маркез. Правилникот се прошири до таа мера што треба повторно да се корегира.

Трето, Марк Маркез е најдобриот возач во Светот на мешани временски услови и може кога сака да ги претекне останатите возачи. Четврто, неговиот избор кога да ги претекне другите возачи не е секогаш најсоодветен и поради тоа прави прави грешки. Забрана за настап на една трка можеби ќе му помогне да размисли за своите постапки.

Петто, казната која ја даваат стјуардите за време на самата трка може да им се врати. Толку многу работи се случија во Аргентина што можеби Маркез не ја доби соодветната казна. Изрекување на забрана за настап е сериозна казна и треба внимателно да се размисли за неа. Таква одлука не може да се донесе за кус период.

Делот 3.2.2 од правилникот овозможува доделување на серија на казни за еден возач. Но правилникот не кажува јасно дали еден возач за еден ист прекршок може два пати да добие казна или пак дали може да биде казнет неколку дена подоцна. Во некои случаи, можеби вреди и да се размисли да се направи токму тоа.

Шесто, омразата меѓу Валентино Роси и Марк Маркез е се уште присутна и сигурно нема да си замине во догледно време. На двајцата возачи воопшто не им е гајле еден за друг и доколку се прашува Роси, тоа ќе остане така и во иднина.

За крај, MotoGP е се уште едден неверојатен спектакл и од година во година станува се подобар. Во Аргентина, имаше блиска борба меѓу четворицата лидери и голем број на претекнувања за првото место. Меѓу првите четири возачи имаше четири сателитски тимови, а единствениот фабрички тим беше Suzuki наместо Honda или Yamaha.

На последните две трки на подиумот се најдоа мотоцикли од четири различни производители и шест различни возачи. До крајот на сезоната има уште многу но трката во Аргентина ни покажа дека речиси се може да се случи во MotoGP.

Нема подобро време од сега за да се биде фан на ова натпреварување. И покрај целиот хаос, бидете благодарни на тоа.

Back To Top