Моменти од првиот натпревар на Забел
МК Бутел од Скопје на 28 август (сабота) е организатор на четвртата трка од Шампионатот на Македонија во мотокрос на патеката покрај манастирот Забел во Старо Нагоричане.
Трката традиционално се одржува на празникот Голема Богородица и се очекува голема поддршка од публиката која ќе има можност да ужива во мајсториите на нашите кросисти.
Гоце Томовски, патека Забел, 2010
Христијан Илиоски ќе допатува во Куманово со два моторцикли и доколку нема доволно возачи во класата МХ2 во која е на првата позиција, ќе го видиме со новиот мотор во класата МХ1 каде сигурно ќе гледаме интересна трка. Во класата МХ1 водечки е Томислав Ѓоргиевски (МК Гого) со 138 бодови, пред Дарко Дејановски (МК Бутел) со 120 и Гоце Томовски (МК Гого) со 100.
Во МХ2 Христијан Илиоски води во генералниот пласман со максимални 150 бодови и веќе на полусезоната се издвои како единствен фаворит за титулата. Зад него се неговите сограѓани Благојче Спировски (МК Мотостарс) кој има 88 и Никола Гулевски (МК Пелистер) 80 бодови.
Калта на првата трка им предизвика проблеми на возачите
Патеката со вкупна должина од 1.300 метри се наоѓа во долина крај борова шума и претставува голем предизвик за натпреварувачите. Местоположбата на патеката и дава одлична прегледност на публиката за да ја следи борбата на натпреварувачите и атрактивните скокови.
Според програмата тренинзите започнуваат во сабота од 10 часот, а свеченото отворање на натпреварот е предвидено за 11:45 часот. Првото возење ќе започне во 12 часот, а второто во 13 часот.
Кликнете овде за галеријата од првата годинешна трка на Забел.













