Lorenzo Rossi Indianapolis 2010
МотоГП возачите по само четири дена од пеколниот викенд на Индијанаполис ќе седнат на своите мотори на трката која ќе се вози викендов.
Дванаесетата рунда од МотоГП шампионатот се вози на патеката Мисано во Сан Марино. Хорхе Лоренцо е убедлив на челната позиција во шампионатот но Дани Педроса не се откажува од титулата па најавува борба до последната трка. Сега разликата помеѓу нив двајца е 68 бодови, што според многумина е недостижна ако се има во предвид дека до крајот има уште седум трки, а Лоренцо до сега на секоја трка заврши на подиумот.
Сепак Мисано е италијанска патека, важи како домашна за тимот на Јамахa чие седиште е стотина километри од патеката но сепак Хорхе Лоренцо и Валентино Роси се подготвуваат за домашна фешта. Лоренцо заврши трет на Индијанаполис и со тоа го продолжи 100% учинок во шампионатот и покрај тоа што ја извозе "најслабата" трка до сега. Фактот што третата позиција е негов најслаб резултат во сезоната говори за тоа колку е возможно некој да му ја одземе титулата.
Валентино Роси на моменти заличи на оној стар Доктор кој го познаваме и од кој сите стравуваат, можеби токму на Мисано тој ќе блесне во сиот свој сјај па ќе ја направи трката уште по интересна.
Четворицата вонземјани од неодамна станаа пет. Роси, Лоренцо, Стонер и Педроса добија уште еден член во клубот најдобри, Бен Спиз. Американецот на сателитската Јамаха минатата недела најпрво ја освои пол позицијата, а потоа и заврши како втор на трката, пред двете фабрички Јамахи што доволно говори за неговите можности.
Кејси Стонер нема настапено на Мисано од 2007-ма, минатата трка во Индијанаполис не ја заврши откако излета од патеката, а во генералниот пласман се бори со Довициозо за третата позиција па па доколку заврши на подиумот годинава тоа ќе биде успех за австралијанецот.
Првиот тренинг во петок започнува во 13.55, вториот во сабота е од 09.55, а квалификациите се со почеток во 13.55 часот. Трката во недела започнува во 14.00 часот по наше време.






























