Макс Бјаџи по победата во Брно
Тркањето во World Superbike за Макс Бјаџи е чекор напред во неговата кариера и тој не гледа апсолутно никаква потреба да се врати во кралската класа. Во интервјуто за gpone.com Бјаџи истакна: "Немам никаква желба да се вратам во МотоГП, без разлика каква понуда и да добијам, или каков и да е предизвикот пред мене."
Тој е задоволен од развојот на настаните во WSBK шампионатот и не го интересира варијантата да настапува за тимот на Априлија кој најверојатно ќе го видиме во МотоГП. Во 2012 ќе се промени правилото за капацитетот на моторите што ќе дозволи учество на мотори од 800 и 1000цц. Со новото правило Aprilia RSV4 ќе биде и тоа како конкурентна во МотоГП, па логично е да се претпостави дека ќе формираат фабрички тим кој ќе ги брани боите на Априлија.
Во моментот Бјаџи е на првото место во WSBK шампионатот со 68 бодови предност пред второпласираниот Леон Хаслам, а викендов на патеката Брно ја забележа деветтата победа во сезоната.













