Започнуваме со серијал од интервјуа со македонските мотоциклисти кои се натпреваруваат на меѓународни натпревари.

Разговараме со Перо Димитров кој минатата сезона настапуваше во македонскиот и БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам.

Pero Dimitrov 21

- Кажи ни нешто повеќе за себе, од кога се занимаваш со мотоциклизам?
Роден сум во Гевгелија,1977 год. во семејство каде што моториклите и автомобилите се императив. Дедо ми возел моторцикл, татко ми сеуште ја користи секоја прилика да се повози, а истата “болест“ ми ја пренеле и мене. Генетиката си го направила своето, па така и јас сум на мотор откако знам за себе.

- Дали остануваш на Хонда или има промена во брендот?
Сезонава останувам со истиот мотор бидејки сѐ уште добро се држи, но доколку работите се движат во добар правец планирам следната сезона да преминам на Kawasaki.

- Дали ќе има промена во екипата која беше со тебе минатата сезона?
Екипата останува иста и оваа сезона бидејки лани постигнавме добар резултат.

Pero Dimitrov 6

- Кој те помага, на кого се должи твојот успех?
Мојот успех се должи на огромниот ентузијазам и волја да постигнам нешто што не сум можел да го реализирам како млад. Секако сето тоа не би можело да се оствари без финансиска помош која ја добивам од Мото-Пром Гевгелија, кој е увозник и сервисер на Dunlop гумите и Kawasaki моторциклите како и членка на Вулко синџирот на брзи сервиси.

- Какви се твоите очекувања за оваа сезона?
Сезонава очекувам повеќе возачи од Македонија да се одлучат да се натпреваруваат, како би се зголемила конкуренцијата и меѓусебното развивање на талентот што го поседуваме. Исто така очекувам и поголем личен успех.

- Што ќе сметаш за успех, а што за неуспех? 
Успех ќе биде да ги подобрам моите минатогодишни резултати, а за неуспех не би сакал многу да размислувам затоа што не ми е всаден во мојата ДНК. Јас сум од оние возачи кои никогаш не гледаат назад. Само напред.

Pero Dimitrov 16

- Минатата сезона доживеа падови, дали сметаш дека тоа се должеше на моторот, искуството или пак на нешто друго? 
Општо е познато дека 90 % од сите падови се резултат на возачка грешка. Во мојот случај беше сплет на околности во еден чуден тркачки викенд. Првиот пад беше поради останати нечистотии на патеката по обилните врнежи. Тој пад и не беше толку страшен, па брзо го саниравме моторот за да можеме да продолжиме со возењето. Е вториот пад кој се случи следниот ден беше страшен. На најбрзата кривина на патеката во Серес која се вози со трета брзина под полна туража, тотално неочекувано ја изгубив контролата на предницата без никакво предупредување. Последиците по мене и моторот беа големи, така што овој пат беше невозможно да продолжам со возењето. Се испостави дека ладниот асфалт и утринското излегување на патеката, не се добитна комбинација.

- Кога би можел да го одбереш било кој мотор во светот, што би возел?
Секако дека тоа би бил најбрзиот и најмоќниот моторцикл на денешнината а тоа е Kawasaki H2R. Би сакал да искусам како е да се вози со брзина од 400 км/ч. Сепак тоа би било посебно доживување. Моторцикл со 326 кс не е играчка.

Pero Dimitrov 1

- Дали мислиш дека мото спортот во земјава е на потребното ниво?
Мото спортот во земјава е далеку од потребното ниво за разлика од другите земји. Тоа се должи на повеќе фактори. Прво, незаинтересираноста на големите медиумски куќи за следење и популаризирање на мото спортот во државата, иако ние се занимаваме со високо ризичен спорт и сме еден вид модерни Гладијатори. На нашите телевизии може да се гледа само спорт во кој се користи топка. Сепак за да се подигне нивото на мото спортот потребна е медиумска покриеност за да се појави и заинтересираност од самата публика и спонзори, кои се неопходни за добри резултати.

- Дали изградба на мото патека во Македонија би помогнала во подигнувањето на нивото? 
Изградбата на мото патека не само што би помогнала во подигнувањето на нивото, туку би била идеална прилика за младите возачи да се едуцираат како правилно да ја искористат моќта на своите моторцикли. За подигање на нивото исто така е потребен и интерес од државата. Самата набавка на тркачки моторцикл подлежи на многу големи царини, акцизи и даноци, посебно за Јапонските моторцикли, а тие моторцикли се користат исклучиво на тркачка патека и за промовирање на нашата држава во светот.

Pero Dimitrov 17 

- Каков возач си на улица?
Се трудам да бидам примерен возач и да возам во склад со условите на патот. Улицата не е место за празнење на адреналинот. Исто така и носењето на заштитна кацига и јакна со штитници е од големо значење во денешниот густ сообраќај.

- Дали твојот мотоцикл е подготвен како оние на конкурентите во твојата класа? 
Мојот тркачки моторцикл е целосно стандарден како што налагаат правилата во класата Формула 600 каде што се натпреварувам. Променет е само издувот и преносот. Кочниците, амортизерите, рамот и машината се фабрички. И конкурентските мотори би трбало да се подготвени во склад со правилата на шампионатот.

- Дали си размислувал за промена на класата? 
Засега не. Кога би бил редовно на подиум во мојата класа, тогаш би можел да почнам да размислувам на таа тема.

Pero Dimitrov 3

- Какви се твоите планови за во иднина?
Планирам да правам се што е во моја моќ да го популаризирам нашиот спорт и да им послужам на за пример на младите таленти да не се откажуваат од нивниот сон. Секоја добра идеја и иницијатива спремен сум да ја поддржам. Доколку се создаде клима за развој на мотор спортот, планирам да се формира официјален Kawasaki тим со брзински и мотокрос натпреварувачи.

- За кого навиваш во МотоГП и Супербајк шампионатот? 
Во Мото ГП навивам за деветкратниот светски шампион Валентино Роси, а во Супербајк за петкратниот светски шампион Џонатан Реа.

Back To Top