Еден од по-искусните во македонскиот мотоциклизам, Слободан Ивчески - Цобо, активно се подготвува за претстојната сезона од Балканскиот шампионат (поранешен Источно-Европски шампионат).

cobo honda

Еден од по-искусните во македонскиот мотоциклизам, Слободан Ивчески - Цобо, активно се подготвува за претстојната сезона од Балканскиот шампионат (поранешен Источно-Европски шампионат).

Ивчески кој има настапувано во сите класи во ова натпреварување, за сезоната 2016 се одлучи за мотоцикл со зафатнина од 1000цм3 односно натпреварите ќе ги продолжи во класата F1000. Паузата помеѓу тренинзите ја искористивме да разговараме со него за плановите за следната сезона.

Кажи ни нешто повеќе за новиот мотоцикл.

„Набавив нов мотор, се работи за Honda CBR1000RR со која ќе се натпреварувам следната сезона во Балканскиот шампионат. Моторот е комплетно подготвен, но очекувам да се комплетираат деловите кои ми недостасуваат во периодот кој следи. За сега моторот ја има целата потребна тркачка опрема почнувајќи од пластики, па потоа панцир црева, шифтер, одлични плочки за кочење, издув... всушност има се што ми е потребно освен задниот амортизер кој очекувам да пристигне наскоро.“

Се враќаш во нај силната класа, зошто се одлучи на ваков чекор?

„Па да класата од 1000цм3 е многу конкурентна, ако ги видите листите од минатите години ќе забележите дека има трки каде конкуренцијата е составена од 30-на мотоцикли на стартот што е навистина голем предизвик. Набавив мотоцикл кој сметам дека заедно со моето искуство ќе бидат клучни за успешната сезона“.

Какви се твоите амбиции за 2016 година?

„Па искрено очекувам да се вклучам во борбата за првите три позиции. Работам напорно на мојот план, физички започнав со подготовките во ноември, во текот на зимата ќе ги продолжам подготовките, а потоа на пролет продолжувам на тренинзи со моторот. Самиот мотор е навистина одлично подготвен, затоа и се надевам дека ќе имам прилика да ги израдувам македонските мото фанови со пехар во класата до 1000цм3.

Каков е планот за тренинзи со новиот мотоцикл?

Доколку е се во ред планирам да извозам 5-6 тренинзи на патеката Серес во Грција пред почетокот на сезоната. Секако ќе зависи ова од финансиските можности, доколку се најдат спонзори би било добро да имам и повеќе тренинзи како би се подготвил на вистински начин за претстојната сезона.

Ги спомена спонзорите, постојат ли?

За жал ги нема, тешко е да се најде спонзор кога немаме домашен шампионат, сите се жалат дека не сакаат да спонзорираат возачи кои не настапуваат на домашни трки, а како што знаете домашни трки нема. Мене не ми се потребни којзнае колкави средства, генерално најголем проблем се гумите, така да кога би се решил тој проблем ќе можам да се фокусирам само на трките.

Сите се жалиме за недостатокот од домашни трки, а за сега нема најава дека нешто ќе се промени...

Така е, сите се жалиме, а никој ништо не прави во врска со тоа. Велат дека Кичево не била безбедна патека, а до сега сме возеле еден куп трки на таа патека. Потоа проблем било што немало возачи, а нормално дека нема возачи кога не се организираат трки. Како да се пријави некој кога нема ништо во календарот? Друга работа е што може да се организира и градска трка, ниту ќе биде прв случај во светот ниту е невозможно, доколку навистина се сака се може да се направи, само треба да се почне да се работи наместо да се бараат изговори.

Да се вратиме на трките, има ли Македонија талентирани возачи?

Да секако дека има, освен ние постарите кои сме долги години на патеките се појавија и нови „деца“ кои покажуваат огромен ентузијазам и желба за трки. Мене тоа ме радува и е доказ дека доколку се има услови ќе има и резултати. Затоа ќе повторам дека е од огромно значење да се изгради тркачка патека во Македонија и да се започне веднаш со организација на домашен шампионат.

Кажи ни зошто се натпреваруваш со бројот 27, има ли посебно значење за тебе?

Минатата година возев со #27 во чест на мојот син Лео кој е роден на овој датум. Претходно како што знаете имам настапувано со бројот 1, со 34 итн. Сите броеви ги носам со одредена причина во моментот, па затоа и следната сезона ќе продолжам со бројот 27, но се надевам дека во 2017 оправдано ќе го носам бројот 1.

Back To Top