Се плашите да го оставите моторот пред зграда? Не сте единствени, само сте дел од групата на загрижени моторџии кои постојано се сведоци на дрските кражби кои се случуваат кај нас. Само во месец септември во Скопје се украдени повеќе од 40 мотоцикли што е повеќе од алармантна состојба, но надлежните никако да превземат нешто...

Се случува онаа добро позната „бугарска шема“, ќе ви го украдат моторот и потоа преку на вам познат човек со кој криминалците стапиле во контакт,  се бара извесна сума за враќање на моторот.

Надлежните од МВР само ги креваат рамената со изговор дека додека некој не ги пријави, тие не можат ништо да превземат, иако има конкретни информации дека моторите се наоѓаат во Грчец. Сепак потребна е пријава за изнудување пари со цел полицијата да превземе специјални мерки за пронаоѓање на крадците. Никој од засегнатите не сака да пријави бидејќи се плаши од заканите, па така се наоѓаме во еден жалосен круг во кој криминалците постојано ни ги собираат моторите, а ние си даваме пари и не пријавуваме.

Бидејќи засега нема решение за проблемот со украдените мотори, во продолжение следуваат совети со конкретни работи кои можете да ги превземете со цел да го заштитите вашиот мотор.

Гаража

Далеку од совршено решение и далеку од тоа дека доколку решиле да ви го украдат моторот гаражата ќе ги спречи, но е добар начин да го тргнете моторот од улица и од очите на набљудувачите кои работат за крадците на мотори. 

Каско

Каско осигурувањето до пред неколку години беше одличен избор, но осигурителните компании соочени со големиот број на случаи на наплата на штета од моторите ги кренаа цените на осигурувањето. Така во моментов само во три осигурителни компании можете да добиете каско полиса за мотоцикл. Ги контактиравме сите осигурителни друштва, но повеќето веднаш одговорија дека не се во можност да ни извадат полиса, а единствено во Винер, Триглав и Еуролинк добивме информации за чинењето на каско осигурувањето. За осигурувањето важна е вредноста на мотоциклот, но и староста и изминатите километри. Лошата вест е дека и овие три компании ретко се нафаќаат да издадат полиса за мотор постар од 5 години.

За пример, доколку имате мотоцикл произведен во 2009 година со зафатнина од 600цц и јачина од 92кв, најевтината целосна каско полиса (без франшиза) изнесува 68.039 денари, а најскапата 108.300 денари, а во случај на кражба максималната сума која можете да ја добиете за конкретниот мотоцикл е приближна на 6.000 евра. Секако на оваа сума ќе си ја одземете и висината на полисата па во зависност од тоа за која полиса сте се одлучиле, ќе останете со доволно пари да си купите скутер.

Што се однесува до пресметката на оштетата во случај на кражба, и тука влијаат повеќе фактори исто како и кај приемот во осигурување, за да се утврди пазарната вредност во моментот на кражба (година на производство, новонабавна цена, експлоатација т.е. број на поминати километри, број на сопственици и слично). За да дадеме една ориентирна цена, кога би земале просечни вредности на горенаведените параметри (мотоцикл над 250 кубни сантиметри, со 3 години старост, поминати околу 15 000 километри), би дошле до проценета сума од 60% од новонабавната вредност. Како што би се менувале овие параметри, така и сумата која би се исплатила по основ на кражба би варирала, така што за помалку експлоатиран мотор би била калкулирана повисока пазарна вредност и обратно. Таблицата за проценка на вредноста на мотоциклите ја имате овде.

Аларм

Алармот нема да ги спречи крадците, но е одличен начин да ги заплаши, да привлече внимание на случајни минувачи или пак вашето внимание.  Во Мото Јове можат да се набават два типа на аларми, едниот кој е универзален за сите мотоцикли и се поврзува на струјата на моторот чини 1970 денари, доаѓа во пакет со сирена, две далечински и се што е потребно за монтажа. Втората варијанта е шепа која се заклучува на дискот, а која е со вграден алармен систем. Функционира на тој начин што со поместување на моторот алармот започнува со предупредувачки звук, а потоа пишти доволно силно да ги разбуди дури и оние со цврст сон. Цената на шепата е 2930 денари, не е потребна никаква дополнителна монтажа и доаѓа во пакет со едни батерии кои се користат веднаш и плус дополнителен сет на батерии. Поставување на обична шепа за заклучување на дискот не е решение бидејќи моторите се крадат на тој начин што четворица го креваат целиот мотор во воздух и го ставаат во пик-ап/комбе па шепата нема да ги спречи во намерата.

GPS

GPS (Global Positioning System) е уред кој можете да го вградите на вашиот мотоцикл и кој ќе овозможи негово следење. Нема да ги спречи крадците да ви го украдат моторот, но ќе ви помогне да си го најдете. Уредот е со големина на кутија за цигари, се монтира за 60-на минути во зависност од мотоциклот, а овозможува следење на движењето преку мобилен или компјутер со интернет. Цената на уредот е 166 евра, а 20 евра чини монтажата. Следењето на моторот првата година е бесплатна, а потоа се плаќа месечна сума која не би требало да е поголема од 600 денари. Со купувањето на уредот немате обврзувачки договор да продолжите да го користите и следната година, но во ваш интерес ќе биде за таа сума да знаете постојано каде ви е љубимецот. ГПС системите можат да се набават од Анима, каде вршат и монтажа на истите.

GPS уред можете и самите да си набавите преку eBay за значително помала сума. Внимавајте само да работи на 12 волти, и секако да биде што е можно помал, за да не биде забележлив.

Собирање пари

Жално но вистинито, собирајте пари, никогаш не знаете кога вашиот мотор ќе биде украден, па доколку не се одлучите да ги пријавите крадците, добро е да имате сума за отплата на моторот. Во зависност од вредноста на моторот, за откуп се бараат од 500 до 2000 евра.

п.с. Користењето на оружје не е решение, иако во разговор со повеќето моторџии сите се спремни да го повлечат чкрапалото доколку видат некој како им го краде моторот, размислете дали вреди да го поминете животот во затвор заради некој мрсул?

Back To Top