Викендов на патеката Серез во Грција се вози пред последната трка од Балканскиот шампионат во брзински мотоциклизам.

Викендов на патеката Серез во Грција се вози пред последната трка од Балканскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Македонија ќе има двајца претставници, во класата SP125 ќе не претставува Христијан Бузалковски, а во класата F1000 Слободан Ивчески.

Христијан Бузалковски (МК Мотори) со нова боја на мотоциклот и заздравена рака се враќа на Серез, иако за него сезоната е далеку од посакуваната по сите пехови и лоша спортска среќа се надеваме дека конечно ќе го видиме во вистинско светло. Од досегашните 6 трки тој настапи на 4, а зема бодови само на 2, па во моментов се наоѓа на дванаесетата позиција во генералниот пласман. Иако е далеку од борба за првите позиции во генералниот пласман, тој сигурно ќе атакува на пиедесталот на трката во Грција. Во настапот ќе му помогне и новиот спонзор Мотул кој од сега ќе биде задолжен за Априлијата на Бузалковски да работи беспрекорно.

Слободан Ивчески (МК Сакамото) ќе продолжи со успешниот настап на Балканскиот шампионат. Цобо во генералниот пласман се наоѓа на петтата позиција со 69 поени. Пред него на четвртата позиција се наоѓа Гај Харел од Израел кој вози за Романија и има 74 поени, а на третата позиција се наоѓа Калојан Ангелов со 77 поени. Разликата до посакуваното 3 место за Ивчески е само 8 поени, кои може да ги надополни доколку продолжи со одличните настапи како и до сега. Ивчески се пронајде со својата Хонда во новата класа и покажа дека може да постигне многу. Како и секогаш потребни се спонзори кои ќе му овозможат да го покаже целиот свој потенцијал и да се бори за пиедесталот на секоја трка.

Благодарение на настапите на нашите возачи по 6 рунди во Балканскиот шампионат во брзински мотоциклизам Македонија во екипна конкуренција во Тим А се наоѓа на петтата позиција, додека пак во Тим Б во моментов сме на втората позиција. По трката во Серез до крајот преостанува само уште една трка која се вози на патеката Плевен во Бугарија. 

На нашите натпреварувачи им посакуваме многу среќа и се надеваме дека од Грција ќе ни се вратат со пехари. 

Момци среќно!

Back To Top