Двајца наши натпреварувачи ја претставуваа Македонија на трките кои викендов се возеа на патеката Аданката во Романија.

Викендов на патеката Аданката во Романија се возеше втората рунда од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Нашите натпреварувачи Христијан Бузалковски (МК Ендуро Тим - Водно Скопје) и Слободан Ивчески (МК Сакамото) беа единствените претставници од Македонија.

buzo pobeda romanija

Во класата SP125 Христијан Бузалковски беше без конкуренција. Тој викендот го започна со одлично темпо, а на квалификациите во саботата забележа време кое беше за 1,5 секунда подобро од второпласираниот, притоа забележувајќи нов рекорд на патеката. Бузалковски одличниот настап на квалификациите го потврди и на првата трка, на која едноставно немаше конкуренција. На вчерашната втора трка проследивме ист резултат, нова победа за Бузалковски и недостижна предност на Македонецот. Во генералниот пласман Бузалковски е на првата позиција во класата SP125.

Во класата F1000 го проследивме настапот на актуелниот шампион Слободан Ивчески. Искусниот Цобо на квалификациите забележа деветто време кое не беше посакувно, но со оглед на големата конкуренција беше доволно добро за мотивација. Тој првата трка ја заврши на шестата позиција, од која стартуваше на втората трка во неделата. Цобо имаше одличен старт и дојде до втората позиција, а веднаш потоа и до првата. Тој беше водечки во следните два круга се додека трката не беше прекината заради пад на еден од возачите. По прекинот следуваше рестарт на трката, а Ивчески за жал не успеа да ја зачува првата позиција и на крајот мораше да се задоволи со петтата позиција.

Следната трка се вози на 3-ти јуни на патеката Плевен во Бугарија.

Back To Top