motori Igor Spirov BatajnicaПретставникот на Мотоциклистичката федерација на Македонија и МК Гого, Игор Спиров го постигна досега најголемиот успех на македонски натпреварувач во рамките на отворениот Источно-Европски шампионат во мотоциклизам на кружни патеки.

Igor Spirov Batajnica

Претставникот на Мотоциклистичката федерација на Македонија и МК Гого, Игор Спиров го постигна досега најголемиот успех на македонски натпреварувач во рамките на отворениот Источно-Европски шампионат во мотоциклизам на кружни патеки. На крајот од сезоната Спиров се проби на четвртото место во генералниот пласман од класата супербајк до 600 ссм.

Во 2012 се одржаа 5 натпревари во ова престижно меѓународно натпреварување: по две трки во Плевен (Бугарија), две во Истанбул (Турција) и последната, изминатиот викенд на Батајница крај Белград (Србија). Во класата супербајк до 600 ссм настапија вкупно 38 натпреварувачи, а на крајот најуспешен беше Душан Благојевиќ (Србија), пред Ахмет Коџјигит (Турција) и Красимир Михајлов (Бугарија). Третото место му „избега“ на Спиров за само 6 бодови.

По првата половина од сезоната младиот Марин Сугарев (МК Сакамото) имаше шанса за подиум во генералниот пласман во класата спорт јуниор до 125 ссм, но поради технички проблеми на мотоциклот во Истанбул на крајот мораше да се задоволи со делба на петтото место, само еден бод зад четвртопласираниот Мартин Вугринец (Србија). Неговиот сонародник Никола Гајиќ ја освои шампионската титула во конкуренција на 23 млади мотоциклисти.

Marin Sugarev Batajnica

Во класата супербајк до 1000 ссм искусниот Сашо Николов (МК Тумац) исто така заврши на делба на петтото место. Во најбројната класа годинава настапија дури 57 натпреварувачи, а најуспешен беше бугарскиот натпреварувач Димо Неделчев.

Saso Nikolov Batajnica

Боите на Македонија годинава ги бранеа 8 натпреварувачи, а на крајот тимот на Мотоциклистичката федерација на Македонија го освои петтото место зад Бугарија, Србија, Романија и Турција. Вкупно 196 натпреварувачи поделени во 6 класи настапија во текот на 2012 година со што се потврди квалитетот на ова регионално натпреварување.

Back To Top