Пет македонски натпреварувачи викендов ќе започнат со трките од Балканските шампионати во супермото и брзински мотоциклизам.
Викендов на патеката Долна Митрополија во Плевен (Бугарија) ќе се возат првите трки од шампионатот во брзински мотоциклизам и шампионатот во супермото.
Вкупно 5 македонски натпреварувачи ќе настапат во Бугарија, тројца во брзински мотоциклизам и двајца во супермото.
Во брзински мотоциклизам ќе имаме претставници во три класи, Христијан Бузалковски (МК Мотори) ќе не претставува во класата до 125цц, во класата F600 ќе вози Игор Спиров - Зизи (МК Гого), а во класата F1000 ќе го проследиме Слободан Ивчески - Цобо (МК Сакамото).
Бузалковски најави дека ќе атакува на првата позиција во неговата класа, од Игор Спиров се очекува да го подобри минатогодишниот резултат, а посакуваме Слободан Ивчески да го видиме во вистинското светло и да го прикаже возењето за кое е способен.
Во супермото шампионатот двајцата наши претставници ќе возат во класата SM3, Јове Иванов и Александар Давчевски настапуваа за мото клубот Мото Велес. Конкуренцијата во класата до 125цц во супермото е голема, па успешното завршување на трката за двајцата наши возачи ќе биде од големо искуство за понатамошните трки.
Претставниците на МФМ во Бугарија ги очекува интересен викенд, многу учесници и патека која не е во најдобра состојба, а најавите за дожд дополнително ќе ја отежнат ситуацијата. Сепак се надеваме дека нашите претставници ќе имаат успешен викенд и во Бугарија ќе биде развеено нашето знаме на пиедесталот.
Нашата екипа ќе биде присутна на патеката во Плевен во текот на целиот викенд, очекувајте резултати и слики по завршувањето на трките.