Нај радикалниот супернејкед модел беше претставен на саемот „EICMA“ во Милано, неговото име е : Kawasaki Z1000

z1000-motori

Нај радикалниот супернејкед модел беше претставен на саемот „EICMA“ во Милано, неговото име е : Kawasaki Z1000

За разлика од неговиот претходник кој беше покриен со пластични делови, кај новиот модел се отстранети сите непотребни покривки со цел да се истакне фунцкионалноста на деловите. Слободно можеме да кажеме дека Кавасаки со новиот Z1000 ги подигна очекувањата за секој нов нејкед модел на едно сосема повисоко ниво.

Сепак промените на новиот Z1000 не се само во предната маска и агресивниот изглед, инженерите на „зелените“ овојпат добро ги засукале ракавите. Нов агрегат и шасија, кои се погрижија мото светот да го добие нај радикалниот нејкед мотор кој Јапонците го опишаа како „sugomi“. Сугоми е јапонски збор кој ја опишува аурата односно енергијата која некој човек или предмет ја емитува, а луѓето од страна ја чувствуваат без да биде видлива. Сугомито на новиот Z1000 се чувствува на прв поглед, застршувачки изглед, моќ која зрачи.

Најзначајни технички карактеристики кај новиот модел се агрегатот, новиот рам, суспензијата, тркалата но и новата позиција на седење. Агрегатот е четворотактен линиски со 16 вентили, зафатнина од 1043цц и моќност од 142кс, секако со водено ладење. Спортскиот стил на моторот е дополнет со новите мапи кои нудат фантастично забрзување и при среден вртежен момент. Исто така новиот Z1000 доаѓа со пократки брзини што го прави уште по стартен од неговиот претходник. Иако потрошувачката не е позната, новиот Z1000 доаѓа со резервоар со капацитет од 17 литри за поголема автономија.

Рамот е алуминиумски, лесен но истовремено ригиден и овозможува брзо и прецизно управување со моторот. Во важните карактеристики ги споменавме и тркалата кои сега се со шест краци, а тежат за 1,5кг помалку од претходните. Тука секако е и новиот систем за кочење, кој според зборовите на инженерите од Кавасаки е далеку подобар од претходниот. Сите кои возеле Кавасаки знаат со каков систем за кочење располагаат моторите, па се прашуваме колку подобро може да биде кочењето од тоа?

Нов важен момент е позицијата на седење, со навалена предница и подигната задница, самата позиција на возачот делува агресивно. Сепак целта не беше да се добие агресивен изглед на возачот, туку подобрена позиција за време на возењето, а тоа е добиено благодарение на намалената висина на седиштето, ергономичниот резервоар и пониската поставеност на рачките за управување. На овој начин, возачот има подобра контрола врз моторот, а и изгледа подобро отколку на претходниот модел.

Новиот модел ќе биде достапен во три комбинации на бои: Golden Blazed Green / Metallic Graphite Gray, Candy Burnt Orange / Metallic Spark Black, Flat Ebony / Metallic Spark Black. Увозникот на Кавасаки за Македонија, Динамикс ќе се потруди да го донесе новиот модел во салонот веднаш штом ќе биде достапен, а ние се надеваме дека први ќе имаме прилика да го провозиме и да ви ги пренесеме импресиите од тест возењето. 

Back To Top