Андреа Довициозо одби да потврди дали ќе остане во Ducati и по завршувањето на сезоната 2020 откако се појавија гласини дека во текот на зимската пауза, тимот имал разговори со неколку возачи.

Андреа Довициозо вели дека во моментов не може да каже дали ќе остане во тимот и во иднина откако се појавија гласини дека Ducati се обидува да му пронајде замена.

Италијанецот му се приклучи на Ducati во 2013-та година и беше еден од возачите кои помогнаа тимот да се врати при врвот во серијата.

Сепак, и покрај тоа што постигна 12 победи и три години по ред завршува на второто место во генералниот пласман, неговиот статус во тимот е загрозен а според најавите, Ducati се обидува да најде негова замена.

Екипата беше заинтересирана за Маверик Вињалес и Фабио Куартараро. Тоа пак ја натера Yamaha порано од планираното да потпише продолжување на договорите со нив. Покрај за овие двајца возачи, се верува дека Ducati биле силно заинтересирани и за возачите на Suzuki, Алекс Ринс и Јоан Мир.

Но неуспехот да потпише со нови возачи не значи дека Довициозо и во иднина ќе остане дел од Ducati.

„Се додека имам шанси да ја освојам титулата, сакам да сум тука. Но се зависи од тоа дали зад мене ќе има добар проект“, вели Довициозо. „За мене нема да биде никаков проблем да си заминам. Знам што сакам и напорно работам за да стигнам до тоа.“

„Во моментов не можам да кажам дали ќе останам дел од Ducati и во иднина. Yamaha ја донесе нивната одлука но мислам дека се уште е рано да зборуваме за сезоната 2021 – 2022“.

 DSC3073 copy copy copy copy

Што би можело да биде следно за Андреа Довициозо?

Засега навистина е непознато зошто Ducati би сакал да се ослободи од Довициозо, кој во изминативе години работеше навистина напорно за да ја подобри ситуацијата на тимот.

Кога само ќе се сетите дека Валентино Роси, Кал Кратчлоу, Андреа Ианоне и Хорхе Лоренцо, дојдоа и за кратко си заминаа од тимот, се чини дека и Довициозо е разочаран од одлуката на екипата да бара нов возач.

Од една страна, многумина го поставуваат прашањето дали во изминативе години Довициозо покажа доволно за тимот да верува дека со него може да дојде до титулата. Се чини дека и првите луѓе на Ducati си го имаат поставено истото прашање.

Пристигнувањето на некои од погоре спомнатите возачи во Ducati не мора да значи дека Довициозо ќе си замине но очигледно дека ќе има жестока борба за главната позиција во тимот.

Помалку иронично, но недостатокот од опции би можело да му биде од корист на Довициозо во преговорите. Во моментов нема премногу тимови кои би ги задоволиле апетитите на Италијанецот. Една од опциите би била Aprilia но сепак тоа би зависело од фактот како во 2020-та година ќе се покаже RS-GP. На хартија ова би било добра опција. Тој е Италијанец кој има големо искуство во развивање на проект а секако дека ќе има и голема мотивација да го победи Ducati. Сепак, останува да видиме дали мотоциклот ќе продолжи со напредокот кој го видовме на тестовите.

За Ducati, заминувањето на Довициозо не би требало да претставува преголем проблем со оглед на тоа дека дел од екипата се Данило Петручи, Џек Милер, Пеко Бањаиа и Јохан Зарко. Сепак, сигурно и тие не се премногу среќни што Ducati се обидува да донесе нов возач во тимот.

Back To Top