Андреа Довициозо вели дека сеќавањата му се вратиле набрзо по тешкиот пад на Британската Гран При трка но дека сепак морале да му кажат што го предизвика инцидентот.

Возачот на Ducati налета на мотоциклот на Фабио Куартараро откако Францускиот возач се лизна на првиот свиок.

Довициозо побара медицинска помош за да ја напушти патеката а подоцна беше примен и во локалната болница. Иако беше откриено дека има потрес на мозокот, истиот ден му беше дозволено да си замине дома.

Откако потврди дека е подготвен за настап на трката во Мисано, на истата патека победи пред 12 месеци, Довициозо откри дека имал проблеми со меморијата веднаш по падот на патеката во Силверстоун и дека не се сеќавал како дошло до инцидентот.

 DSC4252 copy

„Сега се сеќавам на се а меморијата ми се врати после 40 минути“ , изјави Довициозо. „На почеток се беше нормално но потоа не можев да се сетам како се случи несреќата. Се сретнав со тимскиот менаџер на Ducati и тој уште еднаш ми кажа што се случи. Тогаш ми стана јасно дека не направив ништо погрешно и станав многу нервозен и лут.“

„После тоа работите се средија и се беше во ред. Ринс загуби контрола над задното тркало и мислам дека Куартараро беше малку исплашен. Сите возевме со нови пневматици но чувствував дека гумите не беа 100% подготвени. Во првиот свиок ако возите премногу агресивно, може да загубите контрола над задното тркало. Јас бев премногу блиску до Куартараро и не можев ништо да направам.“

Довициозо, кој имаше слична несреќа и на трката која се возеше во Каталонија, е задоволен од дводневниот тест на патеката во Мисано.

„За среќа се чувствувам добро и во изминатава недела работевме многу напорно. Можев да бидам дел од тестовите и тоа е навистина важно. Чувството на мотоциклот не беше идеално но барем можев да извозам неколку круга“, вели Довициозо.

„Возев малку и мотокрос за да се осигурам дека се е во ред. Сега сум подготвен и мислам дека ова е навистина важен викенд за нас. Очекувам поинаква трка во споредба со минатата година пред се бидејќи останатите возачи се многу добри.“

„За време на тестот, голем дел од возачите имаа добра брзина но за време на тркачкиот викенд работите се секогаш поинакви.“

Back To Top