Без паника, ова е почеток на едно ново поглавје за култната фабрика од Болоња, но не е и збогум за гласните V2-ки и V4-ки.

Од фабрика која беше на работ на банкротот пред само една деценија, до доминантна сила во MotoGP, а од следната година и единствен добавувач на технологијата на идинината во MotoE! 

Ducati MotoE overview

Да се разбереме! На Ducati никогаш не му фалела харизма и карактер. Напротив! Само некој требаше да ги прибере конците и маркетиншки да извади максимум од историјата, а богами и од иднината на марката. А кој може да го направи тоа подобро од VW? Компанијата која успева низ годините да направи бренд од технологија која генерално не е којзнае колку револуционерна или посебна, како на пример звучните ознаки TDi, DSG или FSi, може да спакува скоро се во сјајно пакување и да го продаде за највисока цена. Цврстата (германска) рака, како и мудриот маркетинг во комбинација со италијанските инженери родија со плод, па така италијанската марка не само што стана рентабилна во последите 10 години, туку доби и улога на сериозен фактор во мотоспортот.

Вчера беше и официјално претставен моторот кој го тестираа Италијаните, со цел да го замени досегашниот ексклузивен добавувач на електрични мотори Energica machines, во категоријата FIM Enel MotoE™ World Cup како дел од светскиот шампионат MotoGP. Како што и самите велат на нивната страна “Иднината се приближува”. Сакале или не промените кои се веќе во полн ек во автомобилскиот свет, неминовно доаѓаат и на светот на 2 тркала. Дури и (до вчера) конзервативните и на далеку (и од далеку) прочуени Harley Davidson го имаат својот електричен нејкед бајк LiveWire, кој по 2 години од претставувањето дури и го одвоија како засебен бренд.

Тоа е…

Што е поразлично кај Ducati, во однос на претходникот кој успешно ја извршуваше задачата на добавувач во досегашните 4 сезони? Најголемата разлика, покрај дизајнот кој е непогрешиво Ducati, е намалената маса во однос на мотоциклот на Energica. За дури 35kg, што не е воопшто малку ако ги прашате сите тркачи. Тежината е противник на брзината, забрзувањето и подвижноста. Едноставно е, нели? Па и не баш кога се работи за светот на електричните возила каде батериите го носат поголемиот процент од вкупната тежина. 

motoE ducati

Како тоа намалена тежина, а скоро иста максимална брзина (272 за стариот мотор односно 275km/h за новиот прототип V21L ) на последните тестирања во Муџело? 

Тежината не само што влијае за крајната брзина или забрзувањето, туку има огромно влијание низ свиоците, односно онаму каде што се бара вештина за претекнување и генерално се симнуваат десетинки по круг. Ако ги погледнете денешните трки, токму во свиоците може да се забележи огромната маса на сегашните мотори на Energica (260kg) која ќе биде заменета со 225kg на Ducati. Тоа е одличен резултат, особено ако се знае дека е надминат, односно подобрен, минималниот лимит за дури 12kg од она што го бараше DORNA како минимум. Помалите батерии се носат одлично со истат моќност од 110 kW или 150 “коња”, но вртежниот момент е намален поприлично од 220 на 140Nm.

Ако ве интересира каков инвертер користи или колку илјадници батериски единици ја содржани во батерискиот пакет, како и сите останати “тракаташки”, следе го линкот кој ќе биде попрецизен од нашиот превод (омилен спорт на македонските новинари).

Нас единствено не интересира, новиот мотор да биде издржлив и позабавен за возење од старите “автобуси” на Energica на кои сепак треба да им се оддаде почит, како впрочен на секој пионер која ја има тешката задача да го раскрчува патот на останатите кои следат.

А Ducati? На Италијаните им следи еден интересен период со настапот на новата платформа MotoE, која ќе им го олесни патот и до идните купци на електричните мотори кои на големо ги подготвува оваа славна компанија!

Back To Top

Благодарност!

Ви благодариме за тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт.