„Доколку останеше малку подолго мислам дека ќе успееше. Но целосно ја разбирам неговата одлука.“ - Кал Кратчлоу

Кал Кратчлоу вели дека целосно ја разбира одлуката на Хорхе Лоренцо да се повлече од MotoGP. Сепак, Англичанецот смета дека доколку петкратниот шампион останеше уште некое време во серијата, на крајот ќе беше успешен. Како што вели, на повеќето возачи – освен Кејси Стонер, им треба време да се навикнат да мотоциклот на Honda.

„Стојам зад тоа што го кажав. Хорхе ќе беше успешен доколку останеше уште некоја сезона во тимот“, вели Кратчлоу.

„Да кажеме дека заостанувате три секунди. Вие сепак се уште возите брзо и ризикувате да паднете. Знам дека три секунди за нас тркачите се многу. Дури и три десетинки прави голема разлика. Она што сакам да го кажам е тоа дека доколку останеше во тимот, тој ќе беше побрз.“

„Но целосно ја разбирам неговата одлука. Не е лесно да се најдете во таква ситуација после се што сте направиле во кариерата. Тој има освоено се што може да се освои. И мислам дека е среќен со одлуката која ја донесе.“

Lorenco txt 2 11 12

Откако соопшти дека ја завршува кариерата, Лоренцо потенцираше дека несреќата која ја имаше во Асен, а поради која трпи големи болки во грбот, бил моментот кога одлучил дека е време за пензија.

Кратчлоу вели дека поминал низ слични проблеми откако претрпе сериозна повреда на зглобот на трката која се возеше на Филип Ајленд.

„Кога Лоренцо падна во Асен, веднаш потоа изјави дека веќе не сака да продолжи да вози. Го разбирам. Минатата година кога паднав на трката во Филип Ајленд и јас го имав истото чувство. Јас само поинаку размислувам од него. Се вратив на патеката и целта ми беше да бидам побрз.“

„Еден час после падот во Австралија разговарав со хирургот за тоа што можам да направам за да се вратам на трката во Валенсија. Очигледно дека тоа не беше возможно но јас постојано размислував како да се вратам побрзо на патеката.“

„Но сите сме различни. Мислам дека сум многу сличен со Марк додека пак Хорхе е поемотивен.“

Lorenco txt 3 11 12

Лоренцо постигна 44 победи и освои три титули со тимот на Yamaha, имаше три победи со Ducati а најдобар резултат во тимот на Honda му е единаесетото место.

„Не сум изненаден од настапот на Лоренцо. Отсекогаш сум велел дека нивниот мотоцикл е тежок за возење. Можете да викнете било кој возач на Yamaha или Ducati и ако му го дадете овој мотоцикл ќе видите дека и тој ќе има проблеми. Тоа е тежок мотоцикл за возење. Потребни се неколку години за да се навикнете,“ вели Кратчлоу кој ја започна MotoGP кариерата во сателитскиот тим на Yamaha. После тоа помина една сезона во фабричкиот тим на Ducati а во 2015 година се приклучи на LCR.

Во дебитанската сезона освои едно место на подиумот а стана и првиот Британски возач по Бери Шин кој победил на една трка од премиерната класа откако стигна до првото место на патеката во Брно. После тоа следуваа победи на трките на Филип Ајленд во 2016 година и Аргентина во 2018 година. Вкупно со тимот на Honda 12 пати се искачи на подиумот.

Мислам дека јас сум единствениот возач кој дошол од друг производител а бил успешен со овој мотоцикл и се искачил на подиумот.

„Зборувам само од страна на возач на сателитски тим. Марк, Дани, Џек, Скот, Тито и Лутхи настапувале само со мотоцикл на Honda. Јас знам какво е чувството на другите мотоцикли и знам кои се нивните предности иако поминав само кратко време на нив. Основата на тие машини останува иста.“

Кратчлоу смета дека најдобар начин за побрзо да се прилагодите на мотоциклот на Honda е максимално да ги искористите неговите предности.

„Мотоциклот е многу моќен при сопирање. Можете многу да притискате но подоцна ќе ви биде потешко да го сопрете мотоциклот и тука преземате поголем ризик. Но на тој начин мотоциклот подобро се однесува на патеката.“

 DSC3879

Покрај шампионот Маркез, Кратчлоу е единствениот возач на Honda кој оваа сезона успеа да се искачи на подиумот. Тоа му успеа дури три пати но сепак сезоната ја заврши на деветата позиција.

Својата петта сезона во RCV Кратчлоу ја опиша како просечна. „Мораме да креираме мотоцикл кој е поконзистентен, машина која можете да ја притиснете до самиот крај без притоа да стравувате дека може нешто да се случи.“

Но и покрај дoсегашните успеси во тимот, најдобра сезона му останува 2015 кога бешe дел од Tech3 Yamaha и кога заврши на петата позиција. Тогаш само две трки не успеа да ги извози до самиот крај.

Колку само за споредба, во секоја од неколкуте сезони додека е дел од Honda, не успева да заврши пет или шест трки.

Во однос на сопствената иднина во MotoGP, 34 годишниот возач вели дека се уште не донел конечна одлука.

„Целата приказна започна кога на средината на минатата сезона изјавив дека можеби ова ќе ми биде последен договор и дека можеби ќе се пензионирам. Но тоа беше само опција.“

„Се уште незнам кога ќе завршам со тркањето. Во моментов целта ми е да бидам 100 проценти подготвен за стартот на следната сезона. Потоа ќе видиме што ќе се случи.“

Иако поради повредата на зглобот пропушти дел до подготовките за сезоната 2019, Кратчлоу во моментов е единствениот возач на Honda кој оваа сезона немал сериозна повреда. Во моментов Марк Маркез и Такааки Накагами се опоравуваат од операциите на рамото.

Back To Top