Првата трка од сезоната во МотоГП шампионатот донесе многу возбудувања, фантастичен викенд за младиот Фабио Квартараро и катастрофа за актуелниот шампион Марк Маркез.

Фабио Квартараро возеше фантастична трка на патеката Херез и пол позицијата од вчерашните квалификации ја претвори во победа. Првата победа во кариерата за возачот на Петронас Јамаха тимот е всушност прва победа за Француски возач по 21 година. Трката освен победата на Квартараро ја одбележа и падот на Марк Маркез.

quartararo motogp win

Актуелниот шампион ја започна трката на својствен начин, иако имаше слаб старт и загуби некоја позиција тоа не го спречи со агресивно возење да дојде до водечката позиција за три круга. Веќе во шестиот круг Маркез излета од патеката но успеа да се задржи на моторот и притоа да се врати на асвалтот. За возачот на Хонда Репсил тимот тоа значеше 18-та и последна позиција во моментот, па иако многумина го отпишаа дури и од борбата за бодови, тој покажа дека во моментот е неприкосновен возач.

Маркез започна со враќање на позициите, една по една не само што се врати во борбата за бодови туку успеа да дојде и до неверојатната трета позиција! Со кам-бек каков што не сме виделе до сега покажа дека не случајно е актуелен Светски шампион. Сепак адреналинот и младоста си го земаа данокот, наместо да се задоволи со позицијата која ја имаше тој на три круга до крајот одлучи да продолжи со нападот и да се обиде да го помине Маверик Вињалес кој беше на втората позиција. Гумите кои беа потрошени, дополнително и оштетени од претходното излетување надвор од асвалтот го направи своето, па во свиокот број 3 тој доживеа хајсајд со кој остана без бодови од првата трка во сезоната, но што е уште пострашно остана и без шанси за настап на втората трка во календарот која се вози следниот викенд на истата патека.

Веднаш по падот Маркез беше однесен во мобилната болница каде му беа направени снимки на десната раката при што се покажа дека има скршеница која ќе мора да се оперира. Според зборовите на Др. Мир тој ќе биде префрлен во вторник во Барселона, а потоа ќе му биде извршена операција, сигурно е дека нема да настапи на следната трка, а колку време ќе трае рехабилитацијата ќе зависи од дополнителните прегледи и оштетувањата кои може да ги има на нервите на раката. За тимот на Хонда ова е сериозно тешка ситуација во која го загубија главниот претендент за титулата на првите две трки од само 13 колку што ќе се возат, вториот возач (Алекс Маркез) е далеку од аспирациите на тимот, па во моментот тие се во незавидна положба.

Од друга страна трката во Херез донесе добри резултатит за тимот на Јамаха, победа за Квартараро, второ место за Вињалес и петто место за Франко Морбидели. Единствен возач од Јамаха од кој се очекуваше повеќе, а остана без пласман беше Валентино Роси кој на крајот се откажа од трката заради мехнички проблеми со моторот.

Третата позиција му припадна на Андреа Довициозо од кој и не видовме многу во текот на викендот, сепак во последниот круг тој успеа да го помине Џек Милер кој и тоа како успешно ја возеше трката но за жал на крајот мораше да се задоволи со четвртата позиција. Зад него финишираше Морбидели и изненадувањето Пол Еспергаро кој со својот КТМ заврши на шестата позиција. Бодови освоија и Пеко Бањаиа кој заврши седми, а Мигел Оливеира на КТМ Теч3 дојде до осмата позиција. Данило Петручи и Такааги Накагами ги завршија топ 10 возачите. Зарко во дебито за Авинтиа Дукати тимот заврши како 11-ти, а Алекс Маркез беше 12-ти. Во распределбата на бодови се вброија и Бред Биндер, Тито Рабат и Бредли Смит.

Следната трка се вози на истата патека за само 7 дена.

Back To Top