Доминантната победа на Fabio Quartararo помина малку во сенка на гафот на домашниот возач Aleix Espargaro.

MotoGP 

Викендов бевме сведоци на една трка која имаше предвидлив тек, по судирот на почетокот на трката кога во првиот свиок влезе малку преоптимистички единствениот Јапонец во MotoGP. Задоцнетото сопирање на Takaaka Nakagami предизвика веружна реакција која заврши со незгоден пад на Alex Rins, но и необичен пад на Pecco Bagnaia откако Јапонецот, при пад, го удри директно со кацигата во задната гума возачот на Ducati. Rins заврши со скршеници на десната дланка и без можноста да ја заврши трката по трет пат откако беше исфрлен, повторно од страна на Nakagami во Муџело. Pecco остана без бодови, но среќа во несреќа не се здоби со некоја повреда.  Јапонецот, по кажувањето на Rins кој го видел во амбулантата, се здобил со повреди по лицето од силниот удар, но за среќа нема скршеници. Благиот потрес на мозок е нешто што ќе го држи подалеку од трките во следните денови. Притисокот за добар резултат очигледно влијаеше за грешката која ја направи. 

 ds 0842 2.gallery full top lg copy

Трансферите играат по нервите

Се очекува во следните денови да се разреши ситуацијата околу ангажман за следната година и веројатноста Nakagami да остане во MotoGP е сè помала. Додека се повеќе се зборува за неговата замена Ai Ogura, постојат мали шанси да видиме целосно јапонски тим заради фактот што токму Takaaki ја уживаше довербата да го наследи моторот на Marc Marquez по неговото заминување на четвртата операција. Другата веројатност е да го напушти шампионатот, но сепак да остане во закрилата на Honda и да се натпреварува за нив во некој друга категорија.

Оваа информација нè води и до Pol Espargaro кој дефинитивно нема да продолжи со Honda следната сезона заради евентуалнито ангажман на Joan Mir, нешто што е најлошо чувана тајна во моментов. Очигледно и местото на Alex Marquez не е загарантирано, или пак се зема предвид подобрата форма на Јапонецот како основ за да продолжи со развивање на унапредувањата на моторот кој ги тестираше Marc во Муџело. Шампионот од Moto3 и Moto2 едноставно не покажува таква форма во најмоќната класа.

Да продолжиме на тема трансфери. Спортскиот директор на Ducati, Paulo Ciabatta, ја потврди информацијата која веќе сите ја знаевме, дека Австралијанецот Miller нема да продолжи со фабричкиот тим на Ducati следната сезона. Ако до пред некое време постоеше опција да продолжи во некој од сателитските тимови Pramac и Gresini, сега се чини дека воопшто нема да вози Ducati. Очекувањето е дека ќе Jack оди на местото на Oliveira, додека пак Португалецот се очекува да го заземе местото на Bastianini кој би требало да добие унапредување во фабричкиот тим на Ducati. Ако на почетокот на сезоната се очекуваше тоа посакувано место да го пополни Jorge Martin, по трите победи на колегата од Gresini некако се свртеа картите во прилог на Шпанецот. Ако судиме по формата што ја покажаа овие двајца на последните 3 трки тогаш навистина менџментот на Ducati е на слатки маки. 

А што се случуваше на асфалтот?

Да се вратиме на трката, конечно. По почетниот карамбол, трката продолжи со безмилосно брзиот ритам на Fabio кој уште во првиот свиок одлучно го претекна пол ситерот Aleix и со тоа јасно ја покажа намерата. Иако се добри пријатели и се почитуваат на патеката и вон неа, сепак никој никому нема да му подари победа во MotoGP. И додека се нижеа круговите и трката делуваше како да се движи по еден предвидлив тек, па и позициите на Jorge Martin и Aleix потсетуваа на онаа трка во Аргентина во која повозрасниот Шпанец го демнеше помладиот, чувајќи ги гумите за последен напад, кој на крајот и се оствари се случи нешто необично. Кога низ целта во претпоследниот круг влезе Fabio со секунди предност пред Aleix кој имаше скоро секунда предност пред Martin, сите очекувавме дека тоа ќе биде и поредокот на подиумот. Но по влез во целта возачот на Aprilia почна да ги крева рацете, на почеток во разочарување, па потоа уште позбунувачки почна да ја поздравува публиката. Првата помисла беше дека има проблеми со мотоциклот (веројатно на крај и самиот возач го посакуваше овој исход), но по првите 2 свиока откако и самиот сфати што направил, ја наведна главата и продолжи да притиска на гаста. Espargaro некако успеа да го претекне Luca Marini, кој повторно извозе уште една одлична трка, и заврши како петти наместо како втори.

20 fabio quartararo ds 3933.gallery full top lg

Ваква “збунка” не сме виделе одамна. Во 2014-тата додека се наоѓаше во водство, ова му се случи и на Alex Rins и тоа додека беше во водство во Чешка, а на оваа иста патека ваков гаф имаше и Julián Simón. Додека кај Rins се работеше за обична грешка и превид, во случајот кај другите двајца има сличност. Патеката Montmelo користи друг принцип на мерење на кругови. Многу необично е тоа што не е унифициран истиот начин на сите патеки. И додека на сите останати патеки последниот круг се обележува со L1 што означува уште еден круг, овде се обележува со L0 што пак означува нула преостанати кругови за возење! Секако дека претходно тоа сите го знаат, особено ако се земе предвид фактот што патеката се наоѓа на 6 km од родното место на Aleix, кој практично пораснал тука и се заразил со трки на оваа патека, но во моменти на возбуда и адреналин, лесно е да се направи ваква грешка. Џабе беа сите утехи на крајот од трката. Ништо не можеше да го смири Шпанецот кој едноставно липаше во очај (и срам). А викендот започна фантастично за него. Можеби на крајот и овој гаф ќе го налути Шпанецот и ќе го натера да вози малку поагресивно и да презема поголем ризик. Да се надеваме.

Mir од 17 до 4-то мест

Несреќата на Aleix беше подарок за Martin и Zarco кои завршија на подиумот за место погоре, како и за Mir кој конечно заврши трка и покажа уште еднаш дека е вреден возач со тоа што заврши како четврт, а стартуваше од дури 17-тата позиција. Зад несреќниот Aleix заврши Marini кој мора да продолжи вака ако сака да го оправда своето присуство во шампионатот и да излезе бар малку од сенката на постариот полубрат. Солиден беше и Maverick на седмата позиција, кој по одличните тренинзи сепак не успеа да се избори во почетните кругови од трка. Ќе мора да го прилагоди стилот на возење кога е полн резервоарот. KTM едвај се извади од катастрофален резултат со 8-ма и 9-та позиција на Binder и Oliveira, но со 21 односно 26 секунди заостаток. Тоа е сепак многу големо заостанување особено ако се земе предвид дека лани токму Oliveira победи на истата патека. Една од причините за полошата форма, се спомнуваат и недостатокот на асиметрични предни пневматици кои им одговараа на возачите на KTM повеќе отколку на останатите тимови. Можеме да полемизираме дека сите тимови се со ист избор на пневматици, но вакви промени на правилата или условите, особено кога се пневматиците во прашање, имаат силни последици затоа што целиот мотор еднсотавно се гради според пневматиците. Како и да е, Австријците ќе мораат да поработат на овој проблем. Нема друго.

Помладиот Marquez заврши зад дуото на KTM, пред дебитантите Gardner и Darynn Binder, како и Morbidelli кој по одличните тренинзи повторно се изгуби во поредокот. Уште една трка за заборав за Jack Miller кој се чини потполно се “издиша” по најавата за раскин на соработката од страна на Ducati и заврши како 14-ти пред Raul Fernandez и Pirro, додека на дното (и буквално и фигуративно) се најде Pol Espargaro за комплетирање на фамилијарно несреќениот викенд.

Dovi веројатно нема да биде многу тажен што не ја заврши и оваа трка, додека двоецот од Gresini пропушти шанса за бодови откако и двајцата завршија во песокта, како и уште еден фаворит Enea Bastianini. Ѕверот повторно падна слично како во Муџело, додека се приближуваше кон врвот. Ова можеби ќе му се одрази на евентуалниот ангаѓман за следната година. Покрај брзината мора да размисли на завршување на трки и освојување на бодови. Штета би било да се фрлат во вода трите победи од сезонава.

А Aleix? Нека се одмори во кругот на најблиските и нека го памети овој момент како обична глупост и нека си ја погледне тетоважата на неговата десна дланка пред да реши да ја поздравува публиката. 

Инаку вакви гафови имало и ќе има! :)

Moto2

Иако започна од пол позиција и заврши како победник, не беше баш така едноставен патот до највисокото место на подиумот за Celestino Vietti. Прво по лошите тренинзи мораше да вози во Q1, па потоа да се бори за стартна позиција. И тука во Q2 извозе одлично и се пласираше како најбрз. Ова е во превод возење на максимум во FP1, FP2, FP3, па штелување на моторот за трка во четвртиот тренинг FP4, и повторно возење на “нож” во Q1, Q2 малку одмор на Warmup, и повторно гас до даска во трка! Интензитет кој не може секој да го истрпи. Уште па и денес има тестирање за оние кои настапуваат во MotoGP?! Треба навистина да си посветен на овој спорт за да се издржат сите овие напрегања. А во трка Италијанeцот падна во поредокот до 5-тата позиција по првиот круг и си ја отежна малку работата. Но успеа да ги нанижи сите пред него откако имаше и среќа да добие како подарок едно место. Првата позиција ја изгуби Американецот Jo Roberts кој во квалификациите зрачеше со ентузијазам затоа што знаеше дека има темпо за победа. И навистина имаше најдобро темпо се додека во моментите кога убедливо му бегаше на Aron Canet, не погреши во озлогласениот петти свиок и се најде во песокта. Очај. 

 ds 0389 2 0.big

Ова беше спас за тие зад него кои не можеа никако да го следат брзото темпо. И кога сите мислевме дека ќе победи за првпат Aron Canet кој водеше скоро до последниот свиок, Vietti се мушна во малиот простор кој му го отвори Шпанецот со дефанзивното возење во претходниот свиок, и одлета напред. Следна трка. Тоа е. Скоро паралелно и Jake Dixon го изгуби подиумот од Augusto Fernandez кој му го украде пред нос третото место. Да споменеме на крај и дека Acosta успеа да се избори за шестата позиција пред претендентот за титула и место во MotoGP, Ai Ogura, иако стартуваше од 12-тата позиција и скоро половина трка се наоѓаше на истата. Дечкото знае да претекнува.

Moto3

Во најслабата класа цел викенд доминираше Итлијанот Dennis Foggia кој очекуваше добар резултат по разочарувањето во Муџело откако испадна од трка откако убедливо водеше. И стартот најавуваше добар резултат, па по борбата за победа уште повеќе болеше откажувањето заради механички квар. Веројатна причина за откажувањето е менувачот кој го издаде Италијанецот. Уште една можност за освојување многу бодови исчезна пред очите на Италијанецот.

По ова следуваше доминација на Izan Guevara кој победи пред дебитантот од пред една недела Шпанецот David Muñoz! Тинејџерот не можеше да дебитира порано од трката во Муџело од едноставна причина што немаше полни 16 години, што е инаку минимална граница за влез во Moto3. Фантастичен резултат. По него честа на Leopard Racing Honda ја одбрани Tatsuki Suzuki со освоеното трето место пред лидерот во пласманот Sergio Garsia на GasGas, Öncü на KTM и одличнот Tatay на CFMoto.

Следната трка е за Големата Награда на Германија на патеката во Sachsenring со што доаѓаме до половина сезона.

Back To Top

Благодарност!

Ви благодариме за тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт.