„Во последниот круг се обидов да останам смирен бидејќи знаев дека Валентино има големо искуство во вакви ситуации“ – Алекс Ринс.

Алекс Ринс стана најновиот победник во MotoGP откако во интересна борба успеа да излезе како победник во дуелот со Валентино Роси.

Шпанецот дојде до првата победа за Suzuki после онаа на Маверик Вињалес во 2016 година, откако на четири круга пред крајот на трката успеа да го претекне Валентино Роси. Тој остана смирен до самиот крај и заврши на првото место со предност од 0.462 секунди.

„Ова е неверојатно“, изјави Ринс.  „Во 2013 година на оваа патека успеав да дојдам до првата моја победа во Moto 3  шампионатот. Чувствтото е неверојатно.“

„Во последниот круг се обидов да останам смирен. Знаев дека Валентино има големо искуство во вакви ситуации. Многу сум среќен бидејќи заедно со Suzuki навистина ја заслуживме оваа победа. Сега само треба да продолжиме во ист стил и понатаму.“

Во првите етапи од трката Ринс беше на четвртата позиција. Откако Кратчлоу, кој беше пред него, излета надвор од патеката дојде до третото место а набрзо се најде на втората позиција веднаш зад Роси откако Маркез се лизна некаде на половина на трката.

„Искрено, за време на викендот не се чувствував најдобро. Имавме мали проблеми со сопирањето. Но кога почна трката се обидов да заборавам на се. Во првиот круг успеав да се подобрам за неколку позиции и тоа е навистина позитивно.“

Rins Austin Txt 15 04

„Кога бев позади Валентино, повеќе или помалку заостанував 1.5 секунди. Но си реков себеси дека морам да се подобрам.“

„На крајот успеав да ја завршам трката пред Валентино. Имав доволно време да го научам неговото движење и кога направи мала грешка го претекнав.“

„Но и јас направив мала грешка и си помислив дека тогаш ќе ме претекне. За среќа на истото место погреши и Валентино.“

Ринс, кој минатата сезона три пати се најде на подиумот, имаше лош старт на сезоната. Токму поради тоа, многумина беа изненадени што заврши на првото место.

„Некаде од средината на 2018 година, имаме направено голем напредок“, вели Ринс. „И на трката во Валенсија минатата година бев блиску до победа а исто така и во Катар. Долго време јас и мојот тим размислувавме на победата и конечно успеавме да се најдеме на првото место.“

„Сега треба да продолжиме да се развиваме во истиот правец. Треба да се подобриме на квалификациите за да имаме што е можно подобар старт.“

Ринс, за кого ова е трета сезона во MotoGP, во моментов се наоѓа на третото место во генералниот пласман. Два бода го делат од Роси и пет од новиот лидер на табелата, Андреа Довициозо.

Ринс вели дека очекува неговиот GSX-RR да биде компетитивен и на останатите трки.

„Секако дека треба да го балансираме мотоциклот. Во текот на минатата сезона направивме големи подобрувања. Мислам дека нашиот сетап е добар и можеме да бидеме компетитивни на поголемиот дел од патеките. Имаме мали проблеми на долгите правци, како оние во Катар но работите сепак се добри.“

Back To Top