Историска битка меѓу Suzuki и Honda.

Алекс Ринс стана шестиот различен возач кој победил на патеката во Силверстоун во изминативе шест години откако успеа во последниот свиок да го победи возачот на Honda, Марк Маркез. Маверик Вињалес го освои последното место на подиумот.

Шпанецот имаше фантастичен старт на трката а Валентино Роси се најде на второто место. Стартот на трката го одбележа сериозен инцидент. Фабио Куартараро (Petronas Yamaha SRT) се лизна а на него налета Андреа Довициозо (Ducati Team). Италијанецот се удри во мотоциклот на Yamaha а двајцата возачи завршија надвор од патеката.

Тоа им овозможи на Маркез, Роси и Ринс удобна предност. Возачот со број 42 не чекаше долго и веднаш се обиде да го претекне „Докторот“ во борбата за втората позиција. Веднаш потоа и Маркез беше на удар. Маркез и Ринс почнаа да се одвојуваат а Роси се бореше со Вињалес.

Во еден момент Ринс нападна. Возачот на Suzuki го презеде водството откако го претекна Маркез од надворешната страна. Иако тоа не треаше долго, Ринс вели дека сепак не бил загрижен: „Го оставив повторно да ме претекне бидејќи не сакав да ги види моите слабости“.

Silverstoun txt 26 08

Најинтересно нешто до крајот на трката беше дуелот меѓу овие двајца возачи и мораме да признаеме дека одамна не сме виделе таква борба. Како што се намалуваше бројот на кругови, двајцата возачи останаа еден зад друг. Се беше подготвено за интересна борба. Во претпоследниот круг Ринс на кратко се најде на лидерското место но Маркез веднаш возврати и ја презеде првата позиција.

На стартот на последниот круг, возачот на Suzuki се обиде да го претекне Маркез од надворешната страна. Иако двајцата возачи беа еден до друг, Шпанецот сепак успеа да се одбрани. Растеше притисокот кај возачот со број 42 на кој сега му останаа само 5 километри да промени нешто. Дали ќе има доволно време да го претекне лидерот на табелата.

Како што одминуваа свиоците, двата мотоцикли беа се поблиску. А според она што го видовме во претходниот круг, можеше да се процени дека борбата ќе биде во последниот свиок.

Во текот на трката Ринс покажа дека е неверојатно брз. Како што возачот на Honda се обидуваше да се одбрани од нападите, Suzuki ја искористи поголемата брзина која ја има при излегување од свиоците. Ринс најпрво се обиде да го претекне Маркез од надворешната страна, потоа запре и од внатрешана страна се изедначи со лидерот на табелата. На крајот, за неколку стотинки беше побрз.

Ова е четврта најблиска победа во историјата на премиерната класа. 40 години откако борбата меѓу Шин и Робертс заврши со разлика од само 0.030, Ринс го победи Маркез со предност од 0.013 секунди. За актуелниот шампион, ова е втора трка по ред како губи во последниот свиок.

Вињалес, кој заврши на третото место, вели дека го извлекол максимумот од машината. Ова за него беше 60-ти подиум во кариерата. Валентино Роси заврши на четвртото место а успешниот настап за Yamaha го комплетираше Франко Морбидели кој заврши на петата позиција. Возачот со број 21 исто така беше и најдобриот независен возач на трката.

Silverstoun Main 26 08

Британецот Кал Кратчлоу (LCR Honda Castrol) заврши на шестото место и за половина секунда беше подобар од Данило Петручи (Ducati Team). Џек Милер (Pramac Racing) и Пол Еспаргаро (Red Bull KTM Factory Racing) се најдоа на осмото и деветото место. Андреа Ианоне (Aprilia Racing Team Gresini) ја комплетираше листата од десет најдобри возачи.

Франческо Бањаиа (Pramac Racing), Силвиан Гинтоли (Team Suzuki Ecstar), Хафиз Сиахрин (Red Bull KTM Tech 3), Хорхе Лоренцо (Repsol Honda Team) и Карел Абрахам (Reale Avintia Racing) ги освоија последните места кои носат поени.

Трката не ја завршија Јохан Зарко (Red Bull KTM Factory Racing) и Мигел Оливеира (Red Bull KTM Tech 3). Французинот доби и казна од три места подолу на старот на следната трка. Такааки Накагами (LCR Honda Idemitsu) и Тито Рабат (Reale Avintia Racing) излетаа надвор од патеката но успеаа да се вратат. Алеш Еспаргаро (Aprilia Racing Team Gresini) исто така имаше проблеми со мотоциклот а да не заборавиме и дека Куартараро и Довициозо не ја завршија трката. После медицинските прегледи, Довициозо доби дозвола да си замине дома.

Алекс Ринс: „Неверојатно ! Неверојатно ! Успеав да победам две легенди: Валентино во Тексас и Маркез тука во Силверстоун. Сега мораме да продолжиме напред иако знам дека ќе биде тешко. Направив и неколку грешки и за малку ќе излетав надвор од трката уште во првиот круг. На два круга до крајот бев многу блиску до Марк. Мислев дека се е готово но тогаш забележав дека има уште еден круг до крај. Си реков дека морам да притиснам. Успеав да скратам многу во првиот и вториот сектор но во последниот дел Марк беше многу подобар од мене. Последниот круг беше уникатен и успеав да го претекнам. Во моментов имам голема самодоверба со мотоциклот. Работиме многу напорно за време на тренинзите.“

Back To Top