„Можеби некои од шефовите во Yamaha ќе го погледнат бројот на порази и ќе прашаат зошто е тоа така“, Валентино Роси

Сега и официјално, Yamaha ја има најлошата низа во својата MotoGP историја откако тимот веќе на 23 трки не успева да се искачи на првото место на подиумот. Последниот кој успеа да победи е токму Валентино Роси на Гран При трката која минатата година се возеше во Холандија.

Претходната најлоша серија која ја имаше тимот во сезоната 1997-1998, беше надмината за време на трката во Арагон, кога Роси, кој беше најдобро пласиран возач на Yamaha, заврши на осмото место.

valentino rossi misano 18a

„Мислам дека е важно Yamaha да реагира. Можеби некои од првите луѓе на тимот ќе ги погледнат овие резултати и ќе прашаат зошто е тоа така,“ изјави Роси.

Италијанецот веќе претходно имаше кажано дека екипата треба да го вложи истиот напор како и во периодот кога тој за прв пат и се приклучи, односно 2004 година.

„Кога за прв пат дојдов тука, пред многу време, во 2004 година, Yamaha беше во многу полоша состојба отколку што е сега. Но вложија многу и одлучија да променат некои работи. За една година добивме мотоцикл за кој се уште сметам дека е најдобриот кој го имам возено. Затоа треба да се обидеме да го направиме истото.“

После најлошата серија настапи за време на квалификациите во изминатава декада, за трката во Арагон мотоциклот на Роси доби одредени промени кои му овозможија барем да се најде меѓу најдобрите десет возачи на трката.

„Резултатот од трката не е толку лош за мене. Имав добро темпо и успеав да освојам поени. Успеав да завршам меѓу најдобрите десет возачи иако пред трката не верував дека ќе можам да го направам тоа. Ова е нашиот потенцијал во моментов.“

Роси, кој има рекордни 89 победи во премиерната класа, заврши со заостанување од 15 секунди зад победникот. Неговиот тимски колега, Маверик Вињалес  заостануваше дополнителни седум секунди и на крајот заврши на десетата позиција.

vinales misano

Но она што загрижува е фактот дека резултатот кој го постигна Роси оваа година е за само една секунда подобар од минатогодишниот резултат. Сепак, на таа трка Италијанецот возеше со повредена нога.

За разлика од него, победникот Марк Маркез имаше резултат кој е за десет секунди подобар од минатогодишниот.  Второпласираниот Андреа Довициозо го подобри својот резултат за 12 секунди додека пак возачот на Suzuki, Андреа Ианоне беше за дури триесет секунди побрз во споредба со минатата година.

„Се наоѓаме во многу тешка ситуација бидејќи помина една година, а ние немаме некаков напредок. За разлика од нас, Honda и Ducati, а особено Suzuki направија голем чекор напред. Бев малку побрз во споредба со минатата година, но тогаш возев повреден, а оваа сезона сум во добра форма.“

„Проблемот е во тоа што минатата година завршив на петото место, а оваа година сум осми. Но Маркез и Довициозо беа за десет секунди побрзи од мене.“

Италијанецот веќе долго време зборува дека Yamaha треба да го подобри М1 за да може да се извлече целосниот потенцијал од задниот пневматик на Michelin.

„Проблемот не е во пневматиците бидејќи тие се исти за сите возачи. Honda и Ducati успеваат да бидат побрзи за десет секунди во споредба со минатата сезона, а настапуваат со истите гуми.  Но ние имаме проблем со пневматиците бидејќи поради некоја причина се уште не можеме да го извлечеме целосниот потенцијал од задната гума.“

„Затоа сме побавни но и правиме и поголем притисок врз задната гума. Ова е тоа што пречи но тоа е проблем на Yamaha бидејќи пневматиците се исти за сите возачи.“

valentino rossi misano

Роси верува дека решението на проблемот лежи во подобрувања на електрониката но и на моторот. Сепак, вели дека се уште не видел доволен напредок во ова поле.

„Ја пробав првата верзија на моторот за сезоната 2019, но се надевам дека тоа нема да биде конечната верзија. Има само некои помали модификации, инаку во суштина тоа е истиот мотор.“

„Се надевам дека ќе продолжат да работат бидејќи сметам дека моторот ни прави најголем проблем. Мораме да го направиме подобар.“

А кога беше последниот пат кога тимот направи голем исчекор со својот MotoGP мотоцикл?

„Тоа беше на еден тест кој го имавме тука во Арагон во 2015 година. Тоа беше последниот пат. Тогаш настапував со пневматици на Bridgestone. Тестот го направивме во Јуни, а веднаш потоа победив на трката во Асен.“

И покрај тоа што не успеа да се искачи на подиумот во последните четири трки, Роси сѐ уште е на третото место на табелата со заостанување од 15 поени зад Довициозо и 87 зад лидерот Маркез.

На пет трки до крајот на сезоната, Роси има предност од 28 поени пред Хорхе Лоренцо кој пак има ист број на поени како и Маверик Вињалес.

Back To Top