Валентино Роси вели дека е разочаран од тоа како се однесувало неговото задно тркало за време на трката во Силверстоун. Пропушти уште една шанса да се искачи на подиумот.

Валентино Роси вели дека е изненаден и збунет од однесувањето на задното тркало за време на трката во споредба со тоа како се однесувал мотоциклот за време на тренинзите.  Откако демонстрираше добра брзина за време на квалификациите и успеа да се стартува од првиот ред, за прв пат по трката во САД, Роси не можеше да ја одржи брзината и мораше да се задоволи со четвртото место и заостанување од 11 секунди во однос на тимскиот колега, Маверик Вињалес.

Роси вели дека главна причина за тоа било задното тркало а сличен проблем имале и Џек Милер и Кал Кратчлоу. Смета дека неговиот тимски колега не се соочил со такво нешто и токму тука ја гледа разликата во брзината на двајцата возачи.

„Малку сме разочарани“, вели Роси. „Очекувавме денеска да бидеме побрзи и да се борам за подиумот бидејќи стартував од првиот ред а и за време на квалификациите имав добра брзина.“

„Знаев дека Марк е малку побрз и не очекував да се борам со него ниту пак со Ринс. Сакав да се натпреварувам со Маверик бидејќи имавме слични резултати за време на тренинзите.“

Rosi Silverstone txt 27 08

„Но денеска, за жал, имав проблеми со задното тркало и со неговиот контакт со површината. Уште од самиот старт немав добро темпо и не бев доволно брз за да можам да се борам со првите тројца возачи.“

„Во вториот дел од трката морав малку да забавам бидејќи задната гума беше оштетена.Ова беше тешка трка, очекувавме многу но се соочивме со одредени проблеми.“

Роси вели дека проблемите настанале поради неговиот сетап а не поради гумата, посочувајќи притоа дека Вињалес не се соочи со истиот проблем. Вели дека мора да најде решение за ова да не се случи повторно.

„Мислам дека ова е само наш проблем. Во споредба со Маверик и Куартараро, тие не се соочија со нешто вакво.“

„Маверик вчера извозе многу кругови и брзината му беше иста како и денеска.Вчера и јас бев добар но денеска имав проблеми. Мораме да најдеме начин како да ја сочуваме задната гума.“

Роси веќе девет трки по ред не успева да се искачи на подиумот. Последен пат тоа му успеа за време на трката во САД. Во моментов тој е на шестото место во генералниот пласман и заостанува два поени зад тимскиот колега Маверик Вињалес.

Back To Top