Во тек се подготовките за новата сезона од MotoGP шампионатот а сите тимови се фокусирани кон напредокот во клучните области.

Тест програмите се веќе пред крај а MotoGP тимовите се подготвуваат да заминат во Сепанг за првиот претсезонски тест. www.motori.mk ги анализира главните цели на секој производител.

Honda: Креирање на мотоцикл кој нема да му одговара само на Маркез,

Иако Honda ја оправдува работата на мотоциклот со оглед на резултатот кој го постигна минатата сезона, доколку ја погледнеме подетално табелата ќе видиме дека само Марк Маркез имаше успешна година.

Тој доминираше минатата година и убедливо стигна до титулата. Следниот најдобар возач на Honda беше Кал Кратчлоу кој освои само три подиуми а сезоната ја заврши на деветата позиција. На крајот, Британскиот возач освои дури за една третина помалку поени од Марк Маркез.

Агресивниот мотор ја намали разликата со машината на Ducati но сето тоа имаше цена. Кратчлоу вели дека предниот дел на RC213V од најголема предност станал проблем за сите возачи на тимот. Според него, Маркез го искористил неговиот стил на возење да го надмине проблемот.

Подобрувањето на предниот дел на мотоциклот сигурно е еден од главните приоритети за Кратчлоу и Такааки Накагами во сателитскиот LCR Honda. Сигурно дека вакво нешто би сакал и Маркез но само доколку притоа не се намали моќноста на машината.

Кратчлоу и Накагами се соочуваат со уште еден проблем а тоа е надминување на повредите кои ги имаат на рамото. Иако и Маркез помина низ истото, Honda сигурно нема да бара премногу од своите возачи уште на првиот тест.

На другата страна на гаражата на Honda, Алекс Маркез ќе продолжи со адаптацијата на RC213V. Искористувајќи го искуството и знаењето на неговиот брат, помладиот од браќата Маркез го има еден од најдобрите тимски колеги.

 DSC4325 copy copy

Дали Ducati може да изненади?

Некаде кон средината на минатата сезона, дојдоа до израз фрустрациите на Андреа Довициозо со машината на Ducati. Според Италијанецот, главниот проблем се наоѓа во ДНК-та на мотоциклот.

Иако машината на Ducati беше една од највозбудливите на патеката, Џиџи Дал'Игна постојано воведуваше нови и иновативни делови, главен проблем на тимот од Болоња беше вртењето но и брзината во свиоците.

„Мораме да се фокусираме на вртењето бидејќи сметам дека сме добри во другите делови. Но во таа област сме навистина слаби“, изјави Довициозо минатата година. „Ги уништивме пневматиците бидејќи сакавме да бидеме брзи. На средина на свиоците сме бавни и единствен начин да го промениме тоа е да забрзаме.“

„Мислам дека ни треба стратегија со која ќе се фокусираме на иднината а не на сегашноста. Мислам дека веќе неколку години зборувам за проблемот кој го имаме со вртењето.“

Резултатот кој Довициозо го имаше во 2019 година ги рефлектира неговите грижи. Тимот победи во Катар и Австрија, искористувајќи ја моќноста на моторот , но беше слаб на патеките на Филип Ајленд и Мисано каде што има долги свиоци.

Поплаките на Италијанскиот возач се добро познати а ги делат и останатите фабрички возачи.

 DSC4306

Yamaha ќе се обиде да притисне

Главниот проблем кај Yamaha останува максималната брзина во споредба со V4 ривалите. Екипата се соочи со тешка задача да се бори со Honda и Ducati а мотоциклот не се прилагоди најдобро на електронскиот пакет и пневматиците на Michelin.

Тимот направи значаен напредок во тој сегмент и изврши целосна промена во техничкиот оддел. Тоа доведе до подобар пренос на моќта но и сочувување на пневматиците.

Фабриката од Ивата успеа да го победи Ducati во битката за втората позиција благодарение на успехот на Фабио Куартараро но и двете победи на Маверик Вињалес. Но на крајот сепак главен проблем за тимот останува максималната брзина. Во просек, возачите на Yamaha се за 6 км/ч побавни од главните ривали. Од друга страна, за само една година Suzuki успеа да ја намали разликата со Yamaha.

Поради овој недостаток Куартараро не можеше да се бори со Маркез за првата позиција на трките во Бурирам и Мисано. Во иста ситуација се најде и Вињалес на трката која се возеше на Филип Ајленд.

Првите знаци не се премногу позитивни. Вињалес и Роси не беа најзадоволни од прототип моторот за сезоната 2020.

„Yamaha работи навистина напорно но денеска уште еднаш видовме дека сме побавни во однос на Ducati. Затоа мораме да работиме понапорно“, изјави Вињалес по завршувањето на тестот во Херез минатиот ноември.

„На добар пат сме но разликата останува се уште голема. Ако имате ваква разлика во Херез, можете да очекувате дека таа ќе биде поголема на патеките кои имаат долги правци“, додаде Роси.

„Има напредок но ни треба уште. Се надевам дека ќе се подобриме до стартот на следната година.“

Зголемувањето на моќноста без да се влијае врз управувањето и брзината во свиоците ќе им овозможи на возачите подобар настап на патеките кои не одговараат на нивниот мотоцикл.

 DSC3637 copy

Suzuki во потрага по брзина и конзистентност.

Исто како Yamaha, и Suzuki се обидува да ја зголеми максималната брзина. Има денови кога GSX-RR покажа дека може да биде предводник на патеката но за жал тие денови се ретки. Шефовите на Suzuki за сезоната 2020 планираат развој на целиот пакет, односно како возачите така и мотоциклите.

Можеби возачите на Yamaha не беа задоволни од новиот мотор но такво нешто не може да се каже за Suzuki чиишто возачи сметаат дека има напредок. Тимскиот менаџер, Давиде Бривио, неодамна откри дека на тестот во Херез, екипата се фокусирала на спецификациите додека пак се до оддржувањето на тестот во Сепанг ќе се насочат кон развој на шасијата.

Победите на Алекс Ринс на трките во Америка и Велика Британија јасно покажаа дека има напредок. Ринс постојано напредува во последните три сезони а се очекува во ист стил да продолжи и во 2020-та година. И од тимскиот колега, Јоан Мир, за кого ова ќе биде втора сезона, се очекува да ги подобри резултатите.

Бавниот напредок на тимот можеби се должи и на фактот дека тие немаат сателитски тим со кој ќе можат да ги делат обврските околу подобрувањата на мотоциклот.

 DSC5056

КТМ очекува подобро темпо

КТМ очекува да види најголем напредок пред се поради бројот на мотоцикли со кој ќе се појави на патеката.

Три години откако новиот MotoGP проект за прв пат се појави на патеката, напредокот се одвива по вистинската насока, иако можеби не се на позицијата на која очекуваа дека ќе се најдат во 2020 година.

Дани Пердоса беше од огромна помош во развојот на новиот мотоцикл а КТМ претстави серија на нови делови кои треба да го подобрат RC16. Главен дел кај мотоциклот е рамката која долго време беше тестирана од страна на Дани Педроса. Пол Еспаргаро пак ја пофали шасијата на машината.

„Извозев неколку кругови со старата машина но сега се обидуваме да се подобриме. Ова сигурно нема да биде последната промена“, изјави Еспаргаро во Херез.

„Мораме детално да ги анализираме податоците и да се обидеме да се подобриме. Имаме мала предност во однос на ривалите поради шасијата која е подобра. “

КТМ, слично како и Aprilia, се соочува со голем притисок да го подготви новиот мотоцикл до стартот на сезоната 2020.

 DSC4858

Aprilia ветува нов мотоцикл

Aprilia најави дека во Сепанг ќе престави целосно нов мотоцикл. Откако екипата ги пропушти тестовите во Валенсија и Херез, сите со нетрпение очекуваме да ја видиме новата машина.

Според информациите, развојот се базира на новиот мотор кој го следи дизајнот на Ducati и Honda и кој се очекува да обезбеди поголема максимална брзина и подобро моторно сопирање.

Како тим кој го очекува најмногу работа за да ги стигне ривалите, извршниот директор вели дека е оптимист но и порачува дека на тимот ќе му треба време.

„Во Малезија во февруари ќе го видиме новиот мотоцикл. Машината има многу електронски делови,“ изјави Ривола во Валенсија.

„Мислам дека има многу работи кои треба да ги совладаме. Слушнав дека многу тимови се обидуваат да подобрат одредени сегменти. Ние сме фокусирани на моторот, електрониката и уште неколку други делови. А за тоа ќе ни треба време.“

Back To Top