Завршија претсезонските тестови. Дали Алеш Еспаргаро и Aprilia RS-GP би можеле да изненадат на стартот од новата сезона?

Алеш Еспаргаро и Aprilia веќе се сметаат за едни од подобрите возачи и тимови во серијата а продолжија со добриот настап и за време на последниот ден од тестот во Катар.

Шпанскиот возач на последниот ден имаше тркачка симулација со RS-GP. Во текот на тринаесетте кругови имаше импресивен настап и одлична брзина.

Сето ова ни укажува дека тимот би можел да има добар настап во сезоната 2020.

„Ова беа интензивни три дена. Не извозевме многу кругови но завршивме многу работа. Севкупно гледано, го потврдивме потенцијалот на машината кој веќе го видовме во Малезија.“

„Бевме особено добри за време на симулацијата. Имав добро темпо. Од круг во круг чувството на мотоциклот стануваше се подобро.“

Иако 2020 RS-GP се уште е во развој, Еспаргаро вели дека со нетрпение чека инжинерите да почнат да ги обработуваат податоците кои ги собра со цел да се креира еден оптимален пакет за сезоната 2020.

 DSC3342 copy

„Сега треба да направиме добра работа и да ги анализираме сите податоци до кои дојдовме. Сето ова треба да ни помогне да донесеме добри одлуки“, вели Еспаргаро. „Доколку креираме добар пакет, тоа ќе ни ги зголеми шансите да бидеме компетитивни уште од првиот тркачки викенд. Сите го посакуваме тоа и верувам дека ќе успееме.“

На другата страна на гаражата, Бредли Смит продолжува да го менува Андреа Ианоне. Италијанецот се уште ја чека одлуката на FIM откако беше позитивен на допинг тест.

Смит, кој најверојатно ќе настапи за тимот доколку биде спречен Ианоне, исто така работеше на развојот на RS-GP. Иако последниот ден од тестовите го заврши на последното место, Британскиот возач вели дека ги исполнил зададените цели.

„Завршивме добра работа. Најпрво се концентриравме на функционалноста а потоа и на развојот“, вели Смит.

„Секој круг е важен кога имате комплетно нов мотоцикл. Првата трка од календарот е многу блиску и треба да ја забрзаме работата за да имаме добар старт на сезоната. Задоволен сум од напредокот во однос на темпото.“

Aprilia но и останатите тимови кои се дел од MotoGP шампионатот сега ќе продолжат со подготовките во пресрет на првата трка од сезоната која ќе се оддржи на 8-ми март во Катар.

Back To Top