Фабио Куартараро во сезоната 2020 ќе вози со Yamaha M1 која ќе има врвни спецификации.

Фабио Куартараро ќе се изедначи со неговите колеги од Yamaha и во сезоната 2020 ќе настапи со мотоцикл кој ќе има врвни спецификации. Дебитантот во MotoGP оваа сезона со своето возење ги импресионираше сите кои се дел од серијата. Со новиот Petronas SRT сателитски тим, тој шест пати успеа да се искачи на подиумот и освои четири пол позиции. Сето тоа го направи со М1 мотоцикл кој има послаби спецификации.

Тој очекуваше дека следната сезона ќе има подобрувања а денеска стигна и официјална потврда за тоа. Куартараро и неговиот тимски колега, Франко Морбидели, во 2020 година ќе настапат со иста машина.

„Ова беше неверојатна прва сезона за Petronas Yamaha Sepang Racing“, изјави тимскиот менаџер, Разлан Разали. „Благодарни сме им на Petronas за нивната посветеност но исто така и на Yamaha за сето ова што ни го обезбедија. Франко и Фабио се голем дел од нашиот успех а следната година, кога и двајцата ќе настапуваат со уште подобра машина, очекуваме и подобри резултати. Особено сме горди што ова можеме да го соопштиме тука во Малезија.“

„Среќни сме што постигнавме договор во сезоната 2020 да настапуваме со два A-spec YZR-M1 мотоцикли“, додаде Лин Џарвис од Yamaha. „Перформансите на Фабио и Франко оваа сезона се одлични а тоа најдобро може да се види од резултатите кои ги постигнаа.“

„Подршката која ја обезбедува Petronas е од големо значење и ќе му помогне на тимот да се подобри следната година. Yamaha се заложи на тимот и на возачите да им ја обезбеди најдобрата подршка со цел тие уште повеќе да напредуваат.“

 DSC3950 copy copy

Обезбедувањето на мотоцикл со најдобри спецификации е голем товар за секоја компанија. Но во никој случај не можеа да се занемарат настапите на Куартараро оваа година.

Иако ова не значи дека Petronas ќе настапат со идентични мотоцикли како и Вињалес и Роси, разликата ќе биде минимална. Настапите на Французинот оваа сезона го привлекоа вниманието на првите луѓе на Yamaha и тие сигурно ќе сметаа на него и во иднина.

Но како што неодамна изјави Разали, не мора да значи дека Куартараро ќе биде подобар ако настапи со подобра машина. Неговиот стил на возење одговара перфектно на моменталната машина но можеби во иднина ќе треба да го промени за да се прилагоди на новиот мотоцикл.

Ваквиот потег сигурно ќе изврши дополнителен притисок врз Роси и Вињалес во 2020 година. Куартараро ќе биде на исто рамниште со нив а доколку ги повтори истите настапи, тогаш големи се шансите да го преземе местото на некој од нив во 2021 година.

Ова исто така значи и дека следната сезона на патеките ќе видиме уште повеќе мотоцикли со А спецификации. Yamaha, Ducati и KTM на нивните сателитски тимови ќе им ги обезбедат мотоциклите со кои настапуваат оваа година. Honda исто така ќе ја отстапи победничката машина. Ова значи дека заедно со Avintia Racing кој следната сезона ќе настапи со Ducati GP19, на патеката ќе останат само три постари машини.

Back To Top