Лидерот на табелата Алекс Маркез ќе ја вози шестата сезона во Moto2 серијата.

Лидерот на табелата во Moto2 серијата нема да премине во MotoGP шампионатот во сезоната 2020 откако го продолжи договорот со Estrella Galicia 0,0 Marc VDS. Шпанецот, кој е помлад брат на MotoGP шампионот Марк Маркез, се приклучи на Moto2 тимот во 2015 година откако една година претходно ја освои титулата во Moto3 шампионатот. Со пет победи на последните седум трки, тој стана еден од главните кандидати за премин во MotoGP.

Но без разлика како ќе заврши сезоната, Маркез и следната година ќе биде дел од Moto2 шампионатот.

„Многу сум среќен што можам да објавам дека и следната сезона ќе бидам дел од Estrella Galicia 0,0 Marc VDS“, изјави Маркез.

„Благодарен сум за довербата која тимот ја има во мене. Ќе можам дополнително да се подготвам за исполнување на мојот сон, односно настап во MotoGP.“

alex marquez

Со ова завршуваат сите шпекулации кои го поврзуваа Маркез со премин во премиерната класа.

Иако имаше слаб старт на сезоната, подобрувањето на формата на последните неколку трки го вметнаа Маеркез меѓу фаворитите за премин во Гран При класата. Во еден момент, постоеа сериозни шпекулации дека ќе го заземе местото во Avintia Racing. Сепак, сето ова падна во вода кога беше соопштено дека тимот потпишал договор со Тито Рабат.

Имаше информации дека би можел да ги засили Petronas Sprinta Racing а потоа во 2021 година да премине во MotoGP тимот на Yamaha. Овој потег наводно бил спречен од страна на Валентино Роси кој не сакал Маркез да има никакво влијание во тимот од Ивата.

Првиот човек на Marc VDS, Марк ван дер Стратен вели дека тие со задоволство би биле дел од неговиот пат кон MotoGP, но не би сакале тој да биде дел од друг тим од Moto2 серијата.

„Навистина сум среќен што тој ќе остане дел од нашиот тим уште една сезона. Го сакаме најдоброто за него бидејќи го заслужува тоа.“

„Но морам да напоменам дека не би сакал да го видам во друг тим од Moto2 серијата. За среќа тој ќе остане дел од нашата екипа и целата своја кариера во Moto2 ќе ја помине со нас.“

Британскиот возач Сем Ловс најверојатно ќе му се приклучи на Маркез и ќе го замени Чави Виерге.

Back To Top