Викендов започна и новата сезона на шампионатот во класата Superbike под капата на MotoAmerica. 

Викендов се искористи огромниот број гледачи кои покрај трките во MotoGP можеа да уживаат и во трките на домашниот шампионат. Интересно за нас, од оваа страна на барата, беше и дебито на поранешниот победник во MotoGP, симпатичниот Danilo Petrucci кој по авантурата на песочните дини, отиде да си ја проба среќата (и знаењето) на американскиот континент. Човекот едноставно сака да се натпреварува на сè што има 2 тркала и мотор. Сега сепак поблиску до неговата специјалност, повторно се враќа на асфалтна подлога. И додека во првата трка успеа да триумфира без настапот на актуелниот шампион Американецот Jacob Gagne, кој во загревачкиот круг имаше проблеми и очајнички удираше по моторот додека се повлекуваше во боксот, не може да се каже истото и за втората трка. 

Sat Superbike

Во втората трка работата му ја отежнуваше Mathew Scholtz со кој се менуваа на врвот неколку пати пред конечно да капитулира Јужно Африканецот на половина трка и да се задоволи со второто место. А насмевката на Danilo се чувствуваше дури и преку кацигата. Едноставно таков е човекот кој помина многу во последните неколку години кога од Pramac Ducati го унапредија во фабричкиот тим на Ducati со кој по добриот почеток доби отказ веќе во втората сезона, по само 2 победи. Потоа следеше само една сезона возејќи го моторот на KTM за тимот на Tech3. На крајот од неговата кариера во MotoGP, тимот му понуди можност да си го оствари сонот возејќи на релито Дакар. Со победата на петтата делница направи историски подвиг, па по огромниот интерес кој го разбуди кај оние кои претходно не го следеле релито, заработи нов договор повторно со Ducati, но овој пат во Америка.

Двојната победа е сепак резултат на фактот што Италијанот возеше на патека која добро ја познава, но сепак не смее да се занемари тоа што првпат настапува со Panigale и за првпат на Dunlop пневматици. Тоа се многу непознати за еден викенд, што само покажува колку е прилагодлив и талентиран овој возач. И можеби преголем и претежок за MotoGP!

Во следните линкови можете да ги погледнете најинтересните моменти од двете трки.

Back To Top