На тест овојпат од Hamachi добивме четвороцикл. Но не било каков, нејќевме да се мачиме со слаби машини, па го возевме "Дивиот Волк". Машина со водено ладење и капацитет од 400цц која развива 24кс, додадете на тоа и 4х4 пренос па добивате идеја што возевме...

Но да почнеме од почеток, кинеските производители на мотори направија бум на пазарот со евтини скутери и не застанаа на тоа. Го согледаа потенцијалот и на останатите видови на моторцикли, па така веднаш се потрудија да изработат свои верзии и на брзински мотори но и четвороциклите.

ATV (all-terrain vehicle) познат и како Квад или Четвороцикл, по дефиниција е возило наменето за возење по секаков терен. Она што се забележува на прв поглед кај LF400ST се големите тркала кои влеваат надеж дека дефиницијата за АТВ и тоа како важи за него. За успешно да го тестираме "Волкот" го одвезовме по асвалт до земјените патишта на ридовите зад Водно.

Првите верзии како и секојпат имаат свои мани, но LF400ST веќе е модел кој е во стабилна фаза. Агрегатот за прв пат на пазарот се појави во 2008-ма, па досега се испеглани сите недостатоци. Се работи за четворотактен мотор со водено ладење кој развива 24кс и има зафатнина од 399цц. Четвороциклот има автоматски пренос кој вклучува рикверц, а она што е посебно интересно е дека преносот од 2 на 4 тркала може да се вклучи или исклучи со едноставно притискање на копче.

Импресионираат електронските делови, па така освен префрлањето на преносот, на копче е и сајлата за влечење. Копче кое го имате на самите рачки но и на далечински управувач со кој можете да ја контролирате сајлата и кога не сте качени на четвороциклот. Корисен додаток е и излезот од 12 волти на кој може да се приклучи било каков уред со стандарден конектор (како кај запалка во автомобил).

LF400ST доаѓа со електронски стартер но и рачна курбла која може да се користи по потреба. Менувањето на автоматскиот менувач (паркинг, рикверц, лер и напред) е едноставно и лесно и покрај тоа што збунува поставеноста на самата рачка од левата страна каде се наоѓа и кумлунгот. Со оглед на тоа што во возење немате потреба да ракувате со менувачот можеби е во ред, но сепак делува неприродно.

Кочниците се состојат од дискови на предните и на задните тркала, но целиот состав не влева доверба кога ќе пробате брзо да го запрете чудовиштето кое самото тежи 300кг. Доколку ја додадеме на тоа и тежината на возачот, ќе сватиме дека е потребен систем за кочење на кој ќе можеме да се потпреме во секое време, а не систем на кој ќе се надеваме дека ќе ја заврши својата функција.

Амортизацијата на моторот е еднаква на предните и на задните тркала, се работи за одлични системи (double wishbone) кои се независни едни со други и нудат стабилно и удобно возење. Не заборавајте дека не треба да претерувате со брзината по нерамен терен бидејќи со секој четвороцикл лесно можете да се превртите. Кај увозникот на Hamachi, LF400ST е деклариран како четвороцикл со две места за седење и покрај тоа што очигледно нема место за сопатник. Технички доколку сакате можете да качите некој зад вас, но самиот четвороцикл од фабрика доаѓа со лепенки кои стрикно забрануваат возење на две лица и предупредуваат на последиците од тоа.

За крај, возењето на Дивиот Волк е забавно. Толку забавно што посакавме неколку дневниот тест да траеше подолго. Моторот има доволно сила да ве извлече од било каква ситуација, а со сајлата за влечење напред и куката на задната страна сигурно ќе можете да го искористите и за попаметни работи од рекреативно возење. Со цена од 3250 евра, Hamachi LF400ST е одличен избор во однос на цената и перформансите кои ги нуди. Моделот може да се погледне во салонот на Хамачи во Скопје, лоциран во близина на Канал 5 телевизија. (контакт тел. 02/20-44-303)

Технички карактеристики:

Вид   Четвороцикл
Марка Hamachi
Тип LF400ST
Сила на моторот 17.7kw/6000r/min
Работна зафатнинана мотор 400cm
Сопствена маса 300KG
Места за седење 2
Погонско гориво Безоловен
Должина/Ширина/Висина 1993*1093*1120
Осовинска растојание 1233
Дозволено оптоварување на оски /

Дозволени пневматици

25×8-12 / 25×10-12

Back To Top