Дали организација на трка значи само објавување на стартот и мафтање со црно бело знаме за крај? Дали обврските на организаторот завршуваат тука?

Овој викенд бевме сведоци на необична глетка кога, по завршувањето на втората трка на супер бајк во Вирџинија САД како дел од шампионатот MotoAmerica, Италијанот Danilo Petrucci по борбата за втората позиција заврши како трет.

Необично, или подобро кажано непријатно, беше тоа што по влегувањето во целта на победникот Jake Gagne, кој со гестикулации покажуваше дека нешто невообичаено се случува на стартно целната рамнина, останавме без увид на падот на Италијанот.

Не само што падна при брзина од 280km/h што не е невообичаено во трките на 2 тркала, не само што немаше воопшто судии кои ќе ги предупредат возачите кои се приближуваа до местото на потенцијалната опасност, туку неколку минути Petrucci се движеше сам околу патеката очекувајќи некој да му укаже помош, откако по падот сам помина некое време лежејќи на тревата. Револтот на Италијанот е разбирлив, но е објавен во афект, па затоа почекавме и службена изјава од MotoAmerica која се најде под огромен притисок од јавноста, особено преку популарните социјални мрежи.

Еве ја официјалната изјава и видеото во кое делумно се гледа целиот настан.

Секако е важно што организацијата признава дека требало побрзо да реагираат и навремено да му пружат помош на Danilo, но исто така малку дипломатски се обидуваат да го релативизираат целиот случај преку објавување на време на реакција во минути и секунди. 

Другари! Признајте си ја грешката, стегнете ги појасите и обидете се да не се повтори оваа слика во иднина. Знаеме дека никој од организацијата нема да го прочита овој текст, но крајот, на инаку  интересната трка, делуваше како глетки познати на Балканов или во некои неразвиени земји, а не во Америка.

Danilo Petrucci standing less than 56 seconds after he crashed at the end of MotoAmerica Medallia Superbike Race Two at VIR

Да не заборавиме дека возачи како Danilo Petrucci му носат сосема друга димензија на шампионатот во маркетиншки поглед, особено ако го земеме примерот со Dakar 2022! Без разлика дали е работи за возач од светски калибар, или за локално момче од 18 години, безбедноста не смее да се занемари или да биде секундарна по важност.

Веројатно и самиот Италијан, кој е еден од најприсебните спортисти воопшто, си вика - кај дојдов да возам?

И додека американската јавност бара повеќе Американци вклучени во светскиот шампионат MotoGP, токму тука можеби и лежи одговорот. Колку сериозно ќе се третира спортот, толку сериозно ќе биде перцепиран и однадвор. Едноставно нивото на професионализам се гледа во секој аспект и не е доволно само да се организира трка колку “реда ради”.

Тука некаде ја влечеме и паралелата во нашата држава (смешно е нели да се спопредуваме со било кој, особено со Америка), затоа што вината за несупех, или воопшто за неучество на светската сцена, најчесто е сопствена. 

На крајот да споменеме и дека викендов бевме сведоци на успех на наши претставници на светската автомото сцена, што е резултат на голема посветеност, сериозен пристап и солидни финансиски вложувања. Честитки за Виктор Давитковски и за Христијан Бузалковски!

Back To Top