Honda одлучи да не им се приклучи на ривалите на тестот во Херез и наместо тоа одбра да има приватно тестирање на патеката во Арагон.

Во моментов на патеката во Херез се оддржува последниот WorldSBK тест за оваа година. На него учествуваат само четири од вкупно пет фабрички екипи откако тимот на Honda одлучи да го продолжи тестирањето зад затворени врати.

Новиот Honda Racing тим, кој има целосна поддршка од Honda и кој ќе настапува со CBR1000RR-R Fireblade во сезоната 2020, ја одби поканата да биде дел од тимовите кои ќе тестираат на Шпанската патека и наместо тоа одлучи да оддржи приватен тест во Арагон.

Новите возачи на тимот, Алваро Баутиста и Леон Хаслам ќе имаат можност да го испробаат мотоциклот но ние ќе мораме да почекаме до јануари за да видиме каков е CBR1000RR-R во споредба со неговите ривали. Првата трка од сезоната 2020 во WorldSBK шампионатот ќе се оддржи на патеката на Филип Ајленд во периодот помеѓу 29-ти февруари и 1-ви март. Една недела претходно ќе има и дводневен тест.

20YM CBR1000RR R SP txt 1 29 11

Но и покрај отсуството на Honda, последниот тест за сезоната 2019 донесе неколку изненадувања. Скот Рединг продолжува со адаптацијата на Ducati додека пак Алекс Ловс го искористи тестот подобро да го научи новиот мотоцикл на Kawasaki.

Деби на тестот во Херез има и новиот R1 на Yamaha а со него настапуваат Мајкл ван дер Марк и Торпак Разгатлиоглу.  Откако го пропуштија претходниот тест во Арагон, овој пат присутни се и BMW заедно со возачите, Том Сајкс и Јуџин Лаверти.

Pedercini Kawasaki, Puccetti Kawasaki, Barni Ducati, GRT Yamaha и Ten Kate Yamaha исто така се дел од тестот.

Honda не сака да открие премногу работи за својата нова машина. Иако знаеме по нешто во однос на новиот мотоцикл, сепак се уште не можеме со сигурност да кажеме дали ќе биде компетитивен во однос на останатите мотоцикли.

Од една страна тие се во право што ги кријат деталите но во исто време ризикуваат бидејќи не можат да го споредат напредокот кој го имаат во однос на другите тимови. Доколку веруваме на зборовите на тест возачот Стефан Бредл, кој е дел од развојот на мотоциклот, Honda пополека напредува со оваа машината.

Ова може да се должи на фактот дека HRC само пред неколку месеци го посвети целото внимание на оваа програма. Исто така CBR1000RR-R е дизајниран да настапува со пневматиците на Bridgestone а сега мора да се прилагоди на Pirelli.

Помина долго време откако Honda последен пат беше успешна во оваа серија и притисокот е сигурно голем. Поради тоа тие развиваат машина која ќе има голема моќност, помеѓу 210 и 214 коњски сили, со цел да им се спротистават на мотоциклите на Kawasaki и Ducati.

Back To Top