Додека денес започнува вториот тест на MotoGP во Индонезија, ние “фрламе” поглед на тестирањето на WSBK во Португалија.  

Test Feb Portimao Action

По постигнувањето на неверојатно брзите кругови на ланските главни протагонисти во супербајк, Rea и шампионот Razgatlıoğlu, можеме да заклучиме дека ќе гледаме уште една неверојатна сезона, но и дека овие мотоцикли опасно се приближуваат на времињата на далеку поскапите прототипи од MotoGP. 

Најдоброто време на крај од тестирањето постигнато од Турчинот беше 1’39.616s, додека пак Rea заостануваше за 0.235s со конечно време од 1’39.851s!? Ако ги споредиме со времињата од минатогодишната трка во MotoGP на истата патека, каде најбрзиот круг во трка беше 1'39.450s постигнат на Suzuki од страна на Alex Rins, додека стартната позиција ја освои Quartararo со време од 1'38.862s, тогаш можеме да заклучиме.....? Што можеме да заклучиме? Споредување на баби и жаби е муабет за пред кооперација, или Facebook, во модерно време. 

Покрај различните временски услови во кои се постигнати резултатите, дефинитивно најголем проблем за споредба на двата шампионата се гумите, односно различниот формат на тркачкиот викенд за кој се и креирани пневматиците. И секако различните производители, Pirelli кај WSBK односно Michelin кај MotoGP придонесуваат дополнително за додавање на непознати во равенката.

Не се лутиме ако се израмнат двете категории според перформансите, па и нека направат и еден суперкуп за крај на сезоната, гледано спортски и маркетиншки, во кој ќе се натпреваруваат најдобрите 10 од двете страни? 

Ова ќе остане неостварен сон, но факт е дека двата шампионата се приближуваат, што пак на нас ни дава уште поголема можност за уживање во трките, а на возачите ќе им овозможат полесен преод од еден во друг шампионат.

Денес започнува вториот тест во MotoGP на патеката Mandalika, на која рекордот го држи повторно Toprak со време од 1:34.288s. Да видиме какви времиња ќе постигнат прототипите?

Временските услови се фактор на константно изненадување во Индонезија, па ќе биде интересно кој како ќе се снајде.

Од последната трка во WSBK во Индонезија.

Back To Top