Ивана и Ману продолжуваат со своето патешествие, во моментов се во Јужна Америка, возат низ 26-та земја од поаѓањето и веќе зад себе имаат 50.000 километри.

BeFunky null 6.jpg

Ивана и Ману продолжуваат со своето патешествие, во моментов се во Јужна Америка, возат низ 26-та земја од поаѓањето и веќе зад себе имаат 50.000 километри. За читателите на мотори.ком.мк, Ивана ги пренесува случките од пристигнувањето на новиот континент:

По 2 месеци патување со брод откако го напушти пристаништето во Мелбурн, нашиот мотор пристигна на 17 Септември во Валпараисо. Конечно долгиот пат заврши и сега сме сите заедно со желба за возење уште многу километри, но овој пат од другата страна на светот, на патиштата низ Јужна Америка. Планот е да одиме до најјужната точка, да стигнеме до најдалечниот град во светот, Ушуаја. Точно пред Антарктикот, да стигнеме до таму со моторот. Од таму продолжуваме нагоре, поминувајќи го цел континент се до Аљаска поминувајќи ги речиси сите држави.

Незнаеме со што ќе се соочиме тука, во овој момент се сретнавме со два многу популарни патишта, низ кој најпрво ќе поминеме, еден во Чиле и еден во Аргентина кој им се многу познати на оние кои сакаат авантура и возење off road. „Carretera Austral“ и „Ruta 40“. Ги запознаваме најмагичните места низ Патагонија и Андите. Да, ќе возиме низ највозбудливите делови во светот кои се познати по Rally Dakar кој наскоро ќе започне.

BeFunky null 2.jpg copia

Луѓето ни препорачаа да го почитуваме она што го имаме на овој пат пред нас. Патуваме низ „carretera Austral“ покрај гласијари, многу ниски температури, постојан дожд и без асфалт, пат со многу лоши услови (посебно сега после зимата). И „Ruta 40“ каде се соочуваме со најсилниот ветер во цел свет. И двата од овие патишта не ставија на граница со нашата сила и способности. Но, ние научивме дека кога патот е потежок, целта е послатка. Ушуаја е долго време во нашите глави, да стигнеме таму со AROUND GAIA, момент на остварување на една голема цел и поставување на нови, што значи и ние се развиваме и учиме нови работи. И колку и да е тежок патот неможе да ја сруши нашата мотивација.

Веројатно некој од читателите може ќе мислат дека моите зборови се претерани со цел да и дадам повеќе возбуда на мојава приказна, но не е така. Тешкотијата во патувањето со мотор во овие географски широчини е вистинска, и јас ја почувствував лично со луксуфрактура на глуждот. Фибулата беше комплетно скршена и раздвоена и исто така и петата коска.

a

Ми поминаа многу мисли низ глава во овој момент, но во ниеден момент да се вратам дома без да го завршам сонот. Принудени сме да направиме пауза, Ушуаја ќе мора да почека. Ја сватив оваа ситуација како уште една приказна повеќе од ова патување и лекција за да бидам посилна личност.

Како и да е, судбината има чуден начин да делува на нашето патување, воспоставува рамнотежа. Во истиот момент на несреќата ни пристигнаа првите спонзори, брендови кои го препознаа она што го правиме, го почитуваат и сакаат да соработуваат со нас. Можеби и ни беше потребно малку одмор и простор да го организираме остатокот од патувањето со нашите нови партнери. Новата етапа ме прави посилна и ме мотивира за побрзо закрепнување од повредата.

BeFunky IMG 8138-2.jpg

Имав желба некој од брендовите да биде од Македонија, не само заради материјалните работи, туку заради чувството да знам дека дома некој го разбира значењето на она што го правиме, но во овој момент ќе работиме со Шпанија (SHIRO) и Холандија (REV´IT).

Во овој момент сме во Чиле во јужниот дел и тука ги заокруживме 50.000 км на ова патување околу свет за повеќе од една ипол година и е наша 26-та земја по ред.

BeFunky Chromatic 1

Доколку сте пропуштиле:
 - Ивана и Ману поминаа 3 континенти и 43.000 километри
 - Ивана и Ману на пат околу Светот со мотор

Како и секогаш, да ги потсетам читателите на Мотори доколку би сакале да знаат и видат повеќе од приказните од оваа авантура, може да не следат на фејзбук:www.facebook.com/aroundgaia или на веб страната: www.aroundgaia.com

Back To Top