Зимскиот период е одличен за планирање и подготовка за сезоната која следува, така е и со нашите натпреварувачи на меѓународните трки, а првиот од нив со кого разговараме за идните планови е Слободан Ивчески - Цобо (МК Сакамото).

Ивчески изминатата година го освои третото место во БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам во класата F1000, а претходната сезона беше шампион на ова натпреварување.

DSC 0578

Неодамна беше на прогласувањето на БМУ за минатата сезона, како си помина?

- Бевме на прогласувањето во Бугарија на кое ми беа доделени медалите за 2018 година, трето место во БМУ Европскиот шампионат и второ место во Бугарскиот отворен шампионат. На церемонијата беше презентиран и распоредот за трките за следната сезона па веќе можеме да се подготвуваме. Она што ме радува е фактот дека повторно ќе се возат трки кои ќе се бодуваат за Македонскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Според најавите од МФМ однапред клубовите ќе треба да ги пријават своите возачи, ова ќе помогне плански да се одработи целата сезона и да имаме повеќе возачи на трките.

49895801 10213058179361190 1120956081657348096 n

Наслушнавме нешто за преминување во нова класа, дали е ова вистина?

- Да, од оваа сезона ќе настапувам во најсилната класа на БМУ Европскиот шампионат, во класата Супербајк. Се одлучив на ваков чекор бидејќи сметам дека е добро за мојата кариера да одам погоре, и да ослободам простор за нови возачи од Македонија кои би возеле во класата F1000. 

Со кој мотор ќе се натпреваруваш во новата класа?

- За сега останувам со стариот, Honda CBR 1000RR, истиот оној кој го возев до сега. За жал немам услови да се подновам, а она што мене ми треба е мотор од нова генерација со кој би направил вистинска разлика. Да го променам стариот мотор за половен од друг бренд нема воопшто да ме унапреди, па затоа и не размислувам за таква промена.

DSC 0576

Со оглед на тоа што во SBK моторите се значително подобрени во однос на оние од F1000, кои се твоите очекување за 2019?

- Класата SBK е значително по тешка и конкурецијата е голема, па мора да се биде искрен и реален во очекувањата. Со овој мотор не можам да имам забележителни резултати. Јас од возачки аспект немам проблем да се држам рамо до рамо со најдобрите, знаете, тие не се вонземјани. Сепак за да држам чекор со нив ми треба мотор кој ќе биде подготвен како нивните. За оваа сезона ќе кажам дека очекувањата се скромни, но затоа пак од следната сезона доколку имам нов мотор ќе атакувам на титулата!

Дали мислиш дека работите во мото спортот кај нас се подобруваат?

- Да, мислам дека мрднавме од мртва точка, но сѐ уште имаме многу за работа. Она што е добро е дека Федерацијата конечно започна со организирање на мото трки, од оваа сезона има најава и за финансиска помош до клубовите преку Агенцијата за млади и спорт, а се надеваме и дека наскоро ќе ја добиеме првата патека за трки со мотори која треба да се изгради во Кавадарци. Сето ова помага за напредок во нашето мото опкружување, а она на што би сакал да апелирам е да се зголеми безбедноста и повеќе да се насочат луѓето на возење на тркачката патека наместо по улица. Тркачката патека е контролирана безбедна околина во која може да се покаже кој колку знае и умее, а не улиците.

DSC 0331

Кој те помага, на кого би сакал да му се заблагодариш за досегашниот твој успех?

- Една од ретките компании кај нас која има слух за мото спортот е Адора Инженеринг. Би сакал јавно да им се заблагодарам за досегашната помош и се надевам дека ќе се најдат повеќе компании кои ќе го промовираат и поддржат мото спортот во Македонија. Освен Адора мои помагатели се и ПССПневматик, Кожувчанка, Синалко, Афектли и сервис Даим. Секако тука и се повеќе помали помагатели кои во рамките на своите можности ме поддржуваат и за тоа сум им благодарен.

Back To Top