При последниот пад (од 4-те овој викенд) Marc ја повтори повредата со дуплиран вид по трет пат. Уредот за манипулација на висината на предното тркало во движење е забранет за сезоната 2023.

mandalika marc 2022

При враќањето од послениот викенд, кој заврши неславно за повеќекратниот шампион, Marc почуствувал повторување на проблемите што ги имаше минатиот ноември. Димплопија е стручниот термин. И да не ги преведуваме вестите кои го заобиколија светот, повеќе и се задржале на причините и последиците за повредата, како и на прашањето - што понатаму?

Добрата вест е што повредата, по кажувања на докторот кој е Sánchez Dalmau, е полесна од претходниот пат и се надеваме на брзо опоравување. Ако при овој пад се задобил со полесна повреда од минатиот пат, тогаш е или многу среќлија или минатиот пад бил уште појак. Како и да е, повредите на глава не се за занемарување. Но како воопшто дојде до тоа?

Јасно е дека многу возачи имаа проблеми со новата конструкција на задниот пневматик на новата патека во Индонезија, но не видовме толку груб пад кај останатите учесници, за среќа. Тоа значи дека границата е константно помесетувана од страна на Шпанецот, се до мооментот на нејзино преминување. И да повториме, ова беше четврт пад во рок од 2 дена. Marc не би бил Marc ако беше поинаку, но дали е време нагмечениот, скршениот и повредениот Marc конечно да промени нешто во приодот? Не зборуваме за освојување на 15-20-та позиција. Едноставно таму каде што тоа не е возможно да вози паметно и да се задоволи со кое и да е место без да си “лупне” главата од асфалтот. На крајот на краиштата тоа беше неговиот стил во 2016-та година кога по ужасната сезона успеа да си ја врати титулата во елегантен стил без многу “вратоломии”.

Што се промени? Многу работи. Моторот кој не му одговараше на ниеден возач на Honda, во 2020-тата почна да му враќа како див коњ кој знае да го изгази јавачот откако ќе го фрли на земја по јакото тегнење на огламникот и долгото мавање во слабини. По онаа кобна трка која заврши со скршена рака, форсирајќи за да го стигне ултрабрзиот Fabio, Marc најпрво за кратко излета за да потоа направи еден од неговите подвизи на престигнување сè живо на патеката, како да се небаре од пониска класа останатите. Така “изгњавен” моторот веќе со излижани “потковици”, попушти под амбицијата на Marquez. Едноставно желбата и брзината не одговараа на условите. Натаму продолжува со исто темпо.

Никој не сака да губи повеќе од Marc. Прерано враќање на следната трка беше конечното црвено светло за подолга пауза, но нема да се заборави сликата кога по два дена од операцијата прави склекови како доказ дека е се во ред. Лудост ли е, или храброст пресудете сами. Понатаму го напушти среќата, па дојде и до инфекција на коската која споро зараснуваше, што прави пак дополнителен ментален стрес, покрај губењето на кондиција. Конечно враќањето на мотор го помина релативно мирно и претпазливо со 2 големи победи. Потоа повторно повреда овој пат на тренинг. Сите се повредуваат на тренинг и тука не бараме кривец.

Враќањето на моторот кој не му одговара и завршување на првата трка зад својот тимски колега, првпат по 2017-та година, е уште една причина за нервоза? Не знаеме. Конкуренцијата од млади и брзи возачи, да се повториме уште еднаш, веројатно најдобрата генерација собрана во една сезона, е веројатно причина плус за нервоза? И промената на конструкцијата на пневматикот како последен удар за она што се случи? Веројатно вистината е тука некаде меѓу погоре пишаните редови. Прашањето е дали и кога ќе се врати во потполна кондиција? Дали како што Rossi до оваа сезона, манијакално ја гонеше својата 10-та титула скоро 12 сезони, ќе продолжи на ист начин да го стигне и престигне Италијанот? Знаеме само дека мора да го смири духот и да биде реален во неговите шанси за победа. Ова го велиме затоа што никој не сака да гледа толку голем шампион како се мачи на патеката, како се повредува или уште полошо... Клучот е во него самиот.

Забраната за користење на уредот за манипулација на висината на предното тркало

Другата голема вест која ни стигна денес е забраната за користење на уредот за манипулација на висината на предното тркало во движење од следната сезона. Имаше многу полемики на темата, но сепак победи разумот. Не сакаме шампионат во кој моторите се усовршени до оној степен кога со него може да победува некој кој и не е баш најдобар. Ducati е најзасегнат затоа што се единствени кои го користат овој уред, но тоа е цената на константното поместување на границите и експлоатација на правилата до максимум. Да се разбереме. Не постои правилник кој ги покрива сите итроштини кои ќе му паднат на памет на генијалниот ум на инженерите. И тоа е легитимно. Тоа се вика технолошки напредок, но некогаш едноставно доаѓа до моментот кога изумот е на штета на натпреварувањето и мора да биде забранет.

Инаку да не дојде до забуна. Не се забранува уредот кој го спушта моторот напред и назад на стартот туку уредот кој го прави истото при влез и излез од свиок

Проблемот се јавува заради промена не само на геометријата на моторот, туку како последица доаѓа до промена и на аеродинамиката на моторот. Не ја сакаме ситуацијата во која се најде F1, по што мораше да измислува уреди за помош за претекнување заради вртложните сили кои се јавуваат како последица на пресложената аеродинамика. Оваа сезона F1 ги ресетираше правилата и направи промени во делот на аеродинамика за полесно следење на болидите, а со самото тоа дојде до полесно претекнување на патеката. 

Понатаму тука е и опасноста од зголемување на максималните брзини заради побрзо излегување од свиоците и порано притискање на рачката за забрзување. Веќе дојдовме до брзини од над 360km/h! Колку е доволно? 

Трета причина која се наведува како главна се финансиите кои растат експоненцијално со развојот на ваквите гаџети. Повторно за да се избегне стапицата на најбогат тим = најбрз тим.

Дали се сложувате со забраната, или сметате дека е тоа бенефит за возачите и за самото шоу?

Back To Top