thumb_lorenzo1Хорхе Лоренцо на најдобар можен начин ја започна новата МотоГП сезона, забележувајќи ја првата победа, значајна за него но и за тимот на Јамаха. Откако во изминатите 4 сезони Лоренцо беше присутен на пиедесталот, конечно дочека да се искачи на највисокото место, да покаже дека Јамаха има коњ за трка, и дека одбраната на титулата за Стонер воопшто нема да биде лесна.

Хорхе Лоренцо на најдобар можен начин ја започна новата МотоГП сезона, забележувајќи ја првата победа, значајна за него но и за тимот на Јамаха. Откако во изминатите 4 сезони Лоренцо беше присутен на пиедесталот, конечно дочека да се искачи на највисокото место, да покаже дека Јамаха има коњ за трка, и дека одбраната на титулата за Стонер воопшто нема да биде лесна. 

lorenzo1

22 круга започнаа да одбројуваат со стартот на новата МотоГП сезона и трката за ГН на Катар која се возеше вечерва на патеката Лосаил. Напнатоста пред почетокот на трката можеше со нож да се пресече, Хорхе Лоренцо ја започна трката од пол позицијата, а веднаш зад него беше бранителот на титулата Кејси Стонер и изненадувањето во првиот ред, Кал Крачлоу. Одличниот старт на трката го означи поминувањето на Педроза кој успеа да дојде до второто место, Лоренцо го задржа првото, во првите кругови следевме импресивно возење од Штефан Брадл. 

Педроза ја држеше втората позиција пред Стонер во почетните два круга, но Австралијанецот покажа дека не случајно го носи бројот 1 на својот мотор враќајки ја втората позиција и веќе во третиот круг успеа да го помине Хорхе Лоренцо за водечката позиција. Надмоќноста на Хонда се покажа на правецот на Лосаил во кој Лоренцо не можеше да направи ништо освен да го проследи Стонер како го поминува. 

stoner1

Во петтиот круг Валентино Роси ја продолжи агонијата која го следеше целиот викенд, откако ги имаше најлошите квалификации и трката ја започна од 12-та позиција, Докторот имаше проблеми со моторот по кои ги загуби оние места кои успеа да ги освои по стартот на трката и повторно се најде на 11-та позиција. Во следниот круг и Бен Спиз имаше проблеми со гумите кои доведоа до губење на неколку позиции за Американецот, а во седмиот круг Карел Абрахам имаше кусо излетување од патеката по кое се најде на последната позиција. Веднаш потоа го проследивме и влегувањето во гаражата што значеше крај на првата трка за него.

Следевме интересна борба и помеѓу тимските колеги во Јамаха Теч3 тимот, Кал Крачлоу и Андреа Довициозо. Довициозо долго време ја држеше четвртата позиција, а Крачлоу едноставно не ни помислуваше да го намали притисокот на својот тимски колега. На крајот Крачлоу успеа да дојде до посакуваната четврта позиција забележувајќи огромен успех. На средина од трката Роси како да се подразбуди, го забележа својот најдобар круг и конечно го видовме во борба со Бен Спиз, можеби ќе звучи чудно, но Роси го помина Спиз за 10-та позиција.

crutchlow1

Втората половина од трката не донесе посебни возбудувања, но на 8 круга до крајот Стонер загуби две десетинки од предноста пред Лоренцо откако задната гума на Хондата ја загуби тракцијата и моторот започна да лизга, но одличната реакција на шампионот придонесе тој да се задржи на моторот и да ја продолжи трката од првата позиција. На пет круга до крајот Педроза го започна нападот кон втората позиција на Лоренцо и го забележа својот најбрз круг во трката но истовремено и Лоренцо ја намали предноста на Стонер на 1.5 секунди. 

Можеме да кажеме дека трката започна на 4 круга пред крајот, предноста на Стонер почна да се топи, а неговата предна гума неколкупати предизвикуваше пролизгувања. Благодарение на ова Лоренцо и Педроза се залепија зад него и до крајот следевме вистинска драма. Лоренцо успеа да го помине Стонер на три круга пред крајот, а веќе во следниот круг и Дани Педроза успеа да го стори истото доаѓајќи до втората позиција. До крајот го проследивме доближувањето на Педроза до Лоренцо но тоа беше се што можеше Шпанецот да го направи за оној еден круг колку што преостануваше. Одлична трка која навестува многу возбудувања во МотоГП шампионатот!

pedroza1

Резултати од денешната трка:

Поз.ПоениБр.ВозачТимМоторРазлика
1 25 99 Jorge LORENZO Yamaha Factory Racing Yamaha 42'44.214
2 20 26 Dani PEDROSA Repsol Honda Team Honda +0.852
3 16 1 Casey STONER Repsol Honda Team Honda +2.908
4 13 35 Cal CRUTCHLOW Monster Yamaha Tech 3 Yamaha +17.114
5 11 4 Andrea DOVIZIOSO Monster Yamaha Tech 3 Yamaha +17.420
6 10 69 Nicky HAYDEN Ducati Team Ducati +28.413
7 9 19 Alvaro BAUTISTA San Carlo Honda Gresini Honda +28.446
8 8 6 Stefan BRADL LCR Honda MotoGP Honda +29.464
9 7 8 Hector BARBERA Pramac Racing Team Ducati +31.384
10 6 46 Valentino ROSSI Ducati Team Ducati +33.665
11 5 11 Ben SPIES Yamaha Factory Racing Yamaha +56.907
12 4 5 Colin EDWARDS NGM Mobile Forward Racing Suter +58.088
13 3 14 Randy DE PUNIET Power Electronics Aspar ART +1'10.650
14 2 68 Yonny HERNANDEZ Avintia Blusens BQR-FTR +1'15.943
15 1 41 Aleix ESPARGARO Power Electronics Aspar ART +1'26.733
16 22 Ivan SILVA Avintia Blusens BQR-FTR +1'43.327
17 54 Mattia PASINI Speed Master ART +1'47.419
18 77 James ELLISON Paul Bird Motorsport ART +1'51.882
51 Michele PIRRO San Carlo Honda Gresini FTR 7 круга
Без пласман
9 Danilo PETRUCCI Came IodaRacing Project Ioda 7 круга
17 Karel ABRAHAM Cardion AB Motoracing Ducati 15 круга

За оние кои ја пропуштија трката, реприза ќе се емитува во 23.30 на SportKlub каналот.

Back To Top