MotoGP тимовите повторно се во акција. Arilia постигна најдобар резултат по завршувањето на првиот ден од тестот во Катар.

Слободно можеме да кажеме дека сезоната 2021 почна добро за Алеш Еспаргаро и Aprilia Racing Team Gresini откако првиот ден од тестовите во Катар го завршија на првото место. Шпанецот постигна време од 1:54.687 и успеа да го победи Стефан Бредл (Honda Test Team) за 0.256 секунди. На третото место се најде шампионот Жоан Мир (Team Suzuki Ecstar).

Ветрот играше клучна улога за време на тестот а исто така беше присутен и за време на Shakedown тестот. Но и покрај ова, тестот добро им дојде на сите тимови кои се дел од серијата. На Алеш Еспаргаро му недостасуваа само неколку десетинки за да го урне рекордот на Aprilia на патеката во Катар кој го постигнаа во 2020-та година. Еспаргаро на патеката помина 57 круга.

 Неговиот мотоцикл претрпе промени на моторот, шасијата, издувот а исто така доби и нова карбонска, задна, вилушка. Aprilia исто така го има „holeshot “ уредот, напред и позади, заедно со Honda и Ducati. На другата страна на гаражата, Лоренцо Савадори извозе 42 круга а најдобар резултат му беше 1:56.511.  

Qatar test Day 1 txt 1

Важен ден ова беше и за Honda но и за Пол Еспаргаро кој дебитираше во Јапонскиот тим.  Тој на патеката помина 68 круга. Заедно со Алекс Маркез (LCR Honda Castrol) и Такааки Накагами (LCR Honda Idemitsu) настапија со мотоциклите од сезоната 2020. Денот на Алекс Маркез не почна баш најдобро откако падна во последниот свиок и го уништи RC213V. Набрзо се врати на патеката а денот го заврши како втор најбрз возач на Honda, веднаш зад Бредл. Во генералниот пласман се најде на десетото место.

Добар настап имаше Бредл. Тој во Катар испроба три шасии, стандардната од 2020-та, шасијата со која ја заврши минатогодишната сезона, како и целосно нова шасија која ја тестираше во Херез пред неколку недели. Бредл беше задоволен од напредокот кој го постигна неговиот тим и се надева на поголем успех во следните неколку денови.

Во пресрет на тестот, Team Suzuki Ecstar го престави мотоциклот со кој ќе настапат Жоан Мир и Алекс Ринс, двајцата возачи кои последни излегоа на патеката. Слично како и кај повеќето тимови, не видовме големи промени на мотоциклот, но истовремено, не видовме ниту некакви промени во однос на брзината. Мир беше трети а Ринс заврши на осмата позиција. Двајцата возачи извозеа вкупно 91 круг, тест возачот Силвиан Гунтоли – 50 , а Такуја Цуда, 26 круга.

Qatar test Day 1 txt 2

Џек Милер и Франческо Бањаиа почнаа нова ера за Ducati. Милер постигна четврто најдобро време и помина 54 круга на патеката. Двајцата возачи настапија со 2020 Ducati но испробаа неколку работи меѓу кои и новата аеродинамика. Бањаиа заврши на тринаесетото место и покрај тоа што еднаш падна.

Тест возачот Микеле Пиро исто така ја испроба новата аеродинамика на неговиот GP21. Исто така Ducati има ‘salad box’ кој личи малку поинаку од минатогодишниот. Според информациите, Ducati исто така експериментира со „holeshot “ уредот, напред и позади, слично како Aprilia и Honda.

Јоан Зарко, кој прв пат настапи во боите на Pramac Racing се чини дека уживаше во првиот работен ден. Денот го заврши на шестото место а од Алеш Еспаргаро го делеа само половина секунда. На патеката се појави и Хорхе Мартин и покрај тоа што падна за време на Shakedown тестот. Тој беше најбрзиот дебитант. Заврши на осумнаесетото место и имаше време од 1:56.147.

Другите двајца дебитанти исто така поминаа време на патеката. Енеа Бастианини (Avintia Esponsorama Racing) беше за помалку од десетинка побавен од Мартин и заврши на дваесетото место додека пак Лука Марини (Sky VR46 Avintia) заврши на 24-тата позиција.  Тестот во Катар беше добра лекција за тројцата возачи и сигурни сме дека ќе видиме напредок во следните денови.

Qatar test Day 1 txt 4

Мигел Оливеира и Бред Биндер од Red Bull KTM Factory Racing, беа блиску до врвот во првите етапи од тестот. На крајот на денот, Оливеира постигна време од 1:55.084 што беше доволно за петото место додека пак Биндер, заврши на дванаесетото место откако претходно извозе 52 круга.

Новиот возач на Tech3 KTM Factory Racing, Данило Петручи покажа дека има потенција и заедно со тимскиот колега, Икер Лекуона, имаше добар настап со RC16. Исто како и на фабричките мотоцикли, и тука немаше големи промени во споредба со моделот од сезоната 2020. Лекуона и Петручи завршија на 22-то, односно 23-то место.

Тест возачот на КТМ, Дани Педроса испроба неколку нови работи на мотоциклот на КТМ. Тој настапи со RC16 опремен со нова шасија, заден дел и нов издув. Педроса заврши на 26-то место по извозени 48 круга.

Qatar test Day 1 txt 3

Валентино Роси повторно се качи на познатиот мотоцикл на Yamaha, но овој пат машината имаше поинаква боја. Новиот возач на Petronas Yamaha SRT извозе 50 круга и заврши на четиринаесетото место. Неговиот тимски колега, Франко Морбидели, беше најбрз возач со YZR-M1 и заврши на седмото место.

Голем ден имаше и Фабио Куартараро кој официјално ја почна кариерата како фабрики возач. Французинот имаше најмногу работа и извозе 69 круга на новата Monster Energy Yamaha MotoGP машина. На крајот се најде на петнаесетото место, една позиција зад Роси. Маверик Вињалес извозе 51 круг и заврши на деветата позиција.

Кога станува збор за мотоциклите на Yamaha се чини дека нема премногу различни работи, но тестот беше искористен за собирање на податоци. Тест возачите Кал Кратчлоу, Кацујуки Накасуга и Кота Нозане повторно делеа ист мотоцикл и затоа е тешко да се каже кој постигна најдобро време.

Back To Top