Додека се возат првите петочни тренинзи за големата награда на Катар да се подготвиме со нови информации.

motogp riders 2022

Ducati - два напред еден назад

Ducati влегува во новата сезона со 2 чекори напред, но и еден чекор наназад! Хомологирањето на новите мотори, со кои ќе настапуваат сите натпреварувачи во оваа сезона, откри интересен детал. Фабричкиот тим на Lenovo Ducati хомологираше хибриден мотор, односно комбинација од моторот кој се користеше минатата сезона ‘21, надграден со делови од новиот мотор ‘22. Дали тоа значи дека не сакаат да ризикуваат, односно не сакаат да се занимаваат со евентуални детски болести на новиот мотор, кои ќе им пречат да нападнат на титулата од самиот почеток? Веројатно. Затоа пак, ќе ги остават колегите од Pramac како и Luca Marini од VR46, да го користат и развиваат новиот мотор. Тоа може да им се врати позитивно при крај на сезоната. На тестирањата немаше некоја разлика во максималната брзина, но се верува дека новиот мотор има поголем потенцијал. Ова сме го виделе во минатото скоро кај сите производители и не е некој преседан, но ни ги покажува амбициите и тензијата во тимот. Одат на титула. Толку.

Livio Suppo нов шеф на Suzuki

Тимот на Suzuki конечно доби тимски шеф на местото на Shinichi Sahara, кој конечно нема да биде растргнат на сите страни туку ќе го води тимот барем како Davide Brivio. И тоа не било кој туку уште еден Италијан кој иам до сега освоена титула со Ducati и со Honda. Livio Suppo е човек со големо искуство и добра репутација. За разлика од Puig кој понекогаш делува многу сирово (raw), важи за кооперативен модерен менаџер кој знае да работи со возачите и генерално да се интегрира во тимот. Ова е воедно и неопходната нишка која недостасуваше минатата година. Овој потег би требало да биде доволен за задржување на пуленот Mir, кој веќе најави потенцијална промена на тимските бои. Brivio, во кој се крстеа Јапонците дека ќе направи камбек, сепак останува во светот на 4 тркала во тимот на Alpine F1.

Маверик најскромен

На првата прес конференција, “елитата” на MotoGP предвидуваше кој ќе заврши како шампион во своите шампионати. Па така за класите Moto3 & Moto2 скоро едногласно се изјаснија за Foggia & Acosta, односно без многу изненадувања ако се споредат резултатите од минатата година, во која токму овие двајца се бореа за титулата скоро до крај, односно до Portimao каде Италијанот беше исфрлен од конкуренција од Darryn Binder во несреќен сплет на околности. Acosta секако заслужено ја освои титулата и влегува како фаворит во новата класа, покрај ланската форма, и заради формата на тестирањата каде маестралното возење не остави никого рамнодушен. За класата MotoGP скоро сите сами се наведоа за фаворити, освен Maverick кој беше сепак реален, заради машината која ја има под себе и заради фактот што му треба време за да се вклопи со V4-ката, по толку години поминати на линиски мотори.

Wayne Rainey повторно ќе вози мотоцикл

На овогодинешниот Goodwood Festival of Speed, Американецот ќе се појави со посебно припремен мотор со рачни команди. Ќе го вози моторот со кој ја освои титулата во 1992 година, Yamaha YZR500. Со ова ќе се прослават рамно 30 години од неговата последна титула. Нема да првпат да вози мотор, секако ревијално, по неговата тешка повреда која го остави без можноста за користење на долните екстремитети. Некогаш овој спорт знае да биде ултра суров. Yamaha во 2019 година му подготви посебен модел R1 со што за првпат се потсети какво е чувството повторно да се вози мотор. Не ги криеше емоциите и веројатно ова искуство му ја отвори врата и на настанот кој ќе се одвива оваа година. Храбро човече!

Back To Top