Возачот на Monster Yamaha Tech 3 зборуваше за неговата досегашна кариера и за неговите желби за во иднина со тимот на КТМ.

По одличната дебитантска сезона во Moto2 шампионатот по што следуваше и премин во премиерната класа, возачот на Monster Yamaha Tech 3, Пол Еспаргаро, имаше тешка втора сезона во MotoGP. Но новата сезона е комплетно различна за шпанскиот возач кој во моментов се наоѓа на шестото место на генералниот пласман. Следната сезона тој ќе почне нова авантура во MotoGP откако потпиша договор со тимот на КТМ.

 gp 0654 0.big

„Учите многу работи после лоша сезона. Минатата сезона многу се мачев со пневматиците на Bridgestone, особено со задната гума и поради тоа немав добри резултати. Но, оваа сезона е поинаку.“

Следната сезона, помладиот од браќата Еспаргаро ќе му се приклучи на колегата од Tech 3, Бредли Смит, во тимот на КТМ.

„Мислам дека ова ми е најголемиот предизвик во кариерата досега. Воопшто нема да биде лесно особено првата сезона, но јас имам 25 години. Ако има момент во кариерата кога треба да направам промена, тоа е сега. Проблемот со Tech 3 е дека не можат да ми понудат ништо повеќе од она што го имам моментално. Тоа е главната разлика меѓу фабрички и сателитски тим. Кога имаш проблеми во фабрички тим, знаеш дека целата фабрика дава се од себе за да бидеш подобар, и на крајот ќе бидеш подобар.“

Главната мотивација за преминот на Каталонскиот возач дефинитивно е фабричката поддршка, а Еспаргаро е цврсто убеден дека ако сакаш постојано да се бориш за победа, мора да имаш фабрички мотоцикл.  Со исклучок на возачот на Marc VDS, Џек Милер, кој победи на трката во Асен оваа сезона, сите други победници од 2006 година па досега имале фабрички мотоцикл. 

„Ако сакаш да победиш не можеш да бидеш сателитски возач во сателитски тим. Мораш да бидеш фабрички возач во фабрички тим бидејќи видовме дека досега победуваат само фабрички тимови. Кога разговарав со КТМ осетив позитивна енергија околу мене и си реков дека морам да отидам таму. Морам да се обидам и морам да дадам се од себе за да го подобрам мотоциклот и можеби во иднина ќе можам да се борам со најдобрите возачи.“

Еспаргаро ќе се врати во својот тим Tech 3 на трката која ќе се оддржи на патеката Red Bull Ring овој викенд.

Back To Top