Mandalika е патеката на која ќе се потврдат некои претпоставки, но ќе се срушат и некои митови.  

mandalika moto gp

Возачите веќе пристигнаа во Индонезија каде се одржува втората трка од шампионатот, на еден од многуте острови во Индискиот Океан. Ова е земја во која популацијата од 273 милиони жители ужива во тропските временски услови, кои дозволуваат користење на мотоцикли како превозно средство преку целата година. Затоа воопшто не е изненадување необичната еуфоријата која настана при пречекот на MotoGP јунаците. Дополнително, атмосферата се подгреа со ревијално возење низ улиците на Џакарта на мотори кои беа обоени во фабричките бои на тимовите во кои настапуваат возачите. И покрај советите на организаторите да нема дивеење на улиците, сепак дел од возачите (оправдано) не можеа да одолеат, па се препуштија на атмосферата и ги палеа задните гуми додека екот на моќните машини се мешаше со буката од одушевување и ракоплескање на локалното население. На настанот му “кумуваше” претседателот на Индонезија Jokowi, кој е и самиот пасиониран моторџија.

Што не чека во првата MotoGP трка на патеката?

По првата трка без (директно) учество на легендата Valentino Rossi, можеме да заклучиме дека MotoGP има здрава генерација возачи, веројатно најдобрата генерација воопшто, и дека неговото присуство ќе биде заменето преку возачите на академија VR46 и неколкуте тимови кои ќе бидат голема поддршка за младите возачи. Во наследството на Rossi се приклучува и еден млад Италијан кој иако не е дел од академијата победи на првата трка...

  • На оваа трка ќе видиме дали Enea Bastianini може да ја одржи формата и да направи победиво низа. Новата патека е одредена предност затоа што сите настапуваат без предзнаење и имаат еднакви можности за победа. Тука е и одлично сетираниот Ducati ’21 кој се чини, сè уште има предност пред фабричките мотори. Останува моментот на психологија која е клучна во вакви сценарија. Enea има искуство во освојување победи во средната класа што му носи одредена предност.

  • Дали митот за непобедливиот Marquez е конечно срушен, или на оваа патека ќе покаже зошто е 8-кратен шампион? Навинкувањето на новиот мотор оди поспоро од очекуваното, пред се заради недостатокот на чувството на предната гума и генерално на потпирањето на моќното сопирање на предното тркало. За ова сведочи и фактот што од сите натпреварувачи на првата трка само Marc настапи со возена предна гума. Гумата возена круг и пол го нема слојот кој додава тракција во првиот круг, но во исто време се троши брзо по што карактеристиките се менуваат, што во моментов не му одговара на Marc кој е и онака без потребниот фидбек. До толку се мали разликите во класата што ваквите детаљи ќе одлучат на крајот. Доколку успее да го “отклучи” потенцијалот на новиот мотор ќе гледаме интересна борба на врвот. Во меѓувреме веројатно ќе гледаме верзија на Marc која ќе потсеќа на онаа 2016 година кога по загубата на титулата заради премногу форсирање и безброј падови, вредно и мудро собираше бодови кога беше невозможно да победи. 

  • Дали формата на Pol Espargaro ќе продолжи и на оваа трка? Очигледно неговата страна од гаражата на HRC подобро се спари со новиот RC213V. Оптимизмот оди до таму што Шпанецот најавува атак на титулата. Прв чекор до таму е освојување на првата победа и константно собирање на поени и онаму каде што тоа не е можно.

  • Дали фабричкиот тим на Ducati ќе се прибере и ќе им овозможи на возачите да се тркаат наместо да тестираат нови компоненти? По извинувањето на Tardozzi би требало да гледаме малку постабилен тим кој треба да го води главниот збор во шампионатот. Барем такви беа најавите и очекувањата. Оваа ситуација многу потсетува на паралелата со Ф1 тимот на Ferrari. Еуфорични најави на почетокот на сезоната и самопрогласување за фаворити за освојување на титула, за потоа да се добијат тешки шамари од реалноста. Ако на ова го додадеме и фактот што последната возачка титула на Ferrari датира од 2007 година, а на Ducati од 2008 сличностите се повеќе од очигледни. Само да се надеваме дека овој пат ќе се справат со притисокот од очекувањата на јавноста и ќе се вратат на позицијата за освојување на победи. Ни треба јак Ducati за да биде уште поинтересно.

  • Дали ќе ја отпишеме Yamaha од борбата за титула, или уникатните услови во Катар и помалата максимална брзина која се постигнува на новата патека во Индонезија ќе бидат фактор за враќање во игра? Fabio & Franco се во одлична форма и ако им дозволуваат условите сигурно ќе нападнат на врвот. На ова му претходат високи позиции во квалификациите за што ќе биде битна конкурентноста во FP1, FP2 и FP3 за директен влез во Q2. Ова е можеби најважно токму на оваа трка заради непредвидливите услови на островот. На минатото финале во WSBK усповите се менуваа од дожд, во сонце, па дожд и т.н. 

  • Дали KTM навистина ги среди проблемите и сега може да биде сериозен кандидат за врвот? Ова е можеби најголема непозната во равенката. Brad Binder знае како се победува, а и освојува титула. Oliveria мора да се врати во врвот каде што му е местото. Новиот тимски шеф треба да почне да влијае на сето ова по првичниот период на адаптација. Амбицијата е тука како и неопходните финансии.

  • Дали Suzuki е реално подобар мотор од минатата година како што покажаа одличните резултати на припремите? Секако дека искуствата од првата трка ќе бидат корисни и ќе помогнат за подобро осознавање на поголемата моќ на моторот и подобар сетап. Возачите се спремни за докажување. Новиот шеф Livio Suppo ќе додаде на ентузијазмот на тимот и ќе помогне пред сè со огромното искуство кое го носи со себе.

  • Aprilia покажа одлични резултати на припремите и се очекува да биде повторно во врвот. Барем еден од возачите. Aleix беше многу блиску до подиумот на минатата трка, додека пак Maverick ќе има уште една шанса да ја подобри позицијата и да покаже насмевка после онаа “смрканата фаца” што сме ја гледале често и во деновите на лошата форма во Yamaha. 

  • Дали и Pramac ќе се замеша во борбата со одличните Martin & Zarco на најновите мотори на Ducati? Првиот најавен како еден од конкурентите за освојување титула за оваа сезона, а вториот беше во конкуренција за освојување во добар дел од минатата сезона. Се е отворено и тука.

  • Конечно дали ќе видиме реално подобрување на условите на патеката која претрпе делумно освежување на дел од оштетениот асфалт? Некако навикнавме да гледаме поправки на нови патеки во последно време. 

Како и да е, очекуваме луда борба на врвот како и на претходната трка, а веројанто ќе имаме среќа ова да биде слика на целиот шамппионат.

Распоред за следење

Возбудувањата веќе започнаа, ова е она што следи овој викенд, кој ќе треба да стануваме рано:

Сабота 19.03.2023 | Спорт Клуб 1
01:50 Moto GP Indonesia: MOTO 3 – ТРЕНИНГ 3
02:50  Moto GP Indonesia: MOTO 2 – ТРЕНИНГ 3
03:50  Moto GP Indonesia: MOTO GP – ТРЕНИНГ 3
05:25 M Moto GP Indonesia: MOTO 3 – КВАЛИФИКАЦИИ
06:25  Moto GP Indonesia: MOTO 2 – КВАЛИФИКАЦИИ
07:25  Moto GP Indonesia: MOTO GP – ТРЕНИНГ 4
08:05  Moto GP Indonesia: MOTO GP –  КВАЛИФИКАЦИИ
Недела 06.03.2022 | Спорт Клуб 1
05:00  Moto GP Indonesia:: MOTO 3 – ТРКА
06:20  Moto GP Indonesia: MOTO 2 – ТРКА
08:00  Moto GP Indonesia: MOTO GP – ТРКА
Back To Top