Заврши првата трка во светскиот шампионат и ги собираме заклучоците по стивнување на емоциите од возбудливата трка.

jrb

Enea Bastianini е првиот победник во новата сезона и со што се заврши над 20 годишниот пост на тимот Gresini. Дали сега со моторите на Ducati, можат да дојдат и до титула? Ова е веројатно најтешкото прашање да се одговори од неколку аспекти. Можеби најмал проблем е способноста за победување која ја поседува младиот Enea уште од пониските класи. Поголем проблем е високата конкуренција со која ќе се соочи оваа сезона. Од сите учесници само Aleix Espargaro се нема искачено на највисокото скалило во ниту една класа!!? Друг проблем е сепак приватниот тим за кој вози, кој успеа да стартува заради поддршката на Ducati. Доколку италијанскиот производител сепак увиди дека “Ѕверот” е единствениот кандидат за освојување на шампионската титула веројатно би ја зголемиле поддршката. Трет проблем е моторот на кој настапува GP’21, кој иако во моментов е “најиспеглан”, го достигнува врвот на потенцијалот и тешко дека може да се извлече уште перформанси до крајот на сезоната кога останатите мотоцикли ќе покажуваат се повеќе перформанси. Крајот е далеку и очекувањето да стане шампион е веројатно претерано, но тоа не значи дека нема да видиме уште некоја победа и подиуми од момчето кое граби цврсто напред.

Дали KTM заврши со проблемите и може да атакува на титула?

Барем конкурентот Marc Marquez гo најави ова како опција. Секако дека Шпанецот само сака да му го поремети темпото и да му ја раздрма самодовербата на неговиот тимски колега. Brad е одличен возач и шампион (Мото3, вицешампион во Moto2), но е навистина прерано за таква изјава особено ако се земат предвид резултатите на останатите возачи на KTM. OK за почетниците од Tech3 и некако се подразбираат вакви резултати на почетокот на сезоната, но не и за искусниот Oliveira. Една голема промена која може да влијае само позитивно на резултатите е новиот тимски шеф Francesco Guidotti. Коментарот на Brad по трката беше дека сега имаат позитивна атмосфера во тимот кој ги стимулира дополнително да дадат максимум. Ова е особено важно за возачите. Опуштеноста ослободува поголема самодоверба која е клучна во овој спорт. Често сме виделе возачи како од врвот паѓаат на дното, а сме ги виделе и обратните ситуации. Ќе видиме дали се работи за конечно решавање на недостатоците на RC16 или е само сплет на околности.

Marc Marquez ретко губи, ако ги тргнеме настрана последните 2 сезони во кои беше повреден. Уште поретко губи од тимски колеги. Можеби од таму и изјавата дека ги гледа возачите на KTM и Gresini за најголеми конкуренти за титулата. Тоа што падна на подготовките се дополнителна причина зошто не возеше со цел освојување на победа, односно се помири за поени. Не му верува сеуште на овој нов RC213V кој е премногу питом за негов вкус. Довербата во моќна предница е се што му треба на Marc за да ги постигне сите оние егзибиции на кои сме биле сведоци во минатото. Да, во минатото бевме навикнати останатите возачи на HRC да се борат за пониски позиции. Несомнено дека е прашање на време кога ќе го совлада и овој мотор, затоа што како што вели нема веќе физички ограничувања од повредите. Нема да му олесни одличната форма на Pol Espargaro кој го надвози во директна борба. Ќе го следиме овој тимски дуел со задоволство.

Suzuki назадуваа или стагнираа во финишот?

Се очекуваше многу повеќе од тимот на Suzuki. Сепак поголемата моќ не помогна многу. Или можеби и одмогна. Сметајте на поинаков пристап особено во првите трки. Ова е непознат терен за јапонскиот производител ако се земе фактот што поголема моќ бара поинакво менаџирање на самата трка. Со повеќе моќ пролизгувањето е поголемо особено ако се земе предвид стилот на возење кој претходно го бараше овој мотоцикл. Сега излегувањето од кривина е остварено со поголема моќ. Тоа пак влијае и на потрошувачката. Нешто добиваш, но нешто и губиш. Затоа наместо да прогресираат во текот на трката, Joan и Alex назадуваа или стагнираа во финишот. Прашање на време е кога ќе го најдат балансот, а и тука се работи за карактеристична патека со уникатни услови.

Шампионот Quartararo со ултиматум до Yamaha да го среди мотоциклот до Муџело. Ова е реакцијата кој беше за очекување по катастрофата на Yamaha. Не беше само фабричкиот тим во проблеми. Dovizioso ги наведе сличните проблеми со проблемите со притисокот во предниот пневматик, нешто за што тимот од Iwata нема одговор веќе подолго време. Најлошо е што проблемот се појавува и се губи без да ја знаат причината. Со тоа се губи довербата особено при јаките сопирања за влез во свиок кои барааат многу чувство и feedback. Најмалата максимална брзина е вториот проблем за кој освен решението со нов аеро оклоп кој би им помогнал на правците, нема некое друго решение заради хомологирање на моторите на почеток на сезоната. Впрочем не дека Yamaha најмалку напредувала во текот на меѓусезоната, туку се работи повеќе за некоја стагнација. Ако земеме предвид дека темпото на оваа трка беше толку високо што Enea заврши за над 10 секунди побрзо вкупно време од ланскиот победник на Yamaha, а во исто време толку беше заостанувањето на оваа трка на Fabio во однос на првиот, тогаш е појасно. Yamaha мора многу да работи.

Ducati му се извини на Pecco

Борбата на опашката, според изјавите на учесниците, била многу интересна. Штета што немавме можност да го видиме ова во директниот пренос, но Darryn Binder изјави дека многу се забавувал и уживал во возењето. Remy Gardner не беше премногу среќен на темата. Доаѓајќи директно од најмалата класата, помладиот Binder си го задржа стилот на возење кој често вклучува нагла промена на правец, нешто што е уште поопасно кога се наоѓате на мотоцикл од 300 коњски сили. Иако сега се казнува ваквиот стил на возење во најмалата класа заради потенцијалната опасност, уште поголеми би биле последиците од евентуален контакт. Мора да се прилагоди што побрзо младиот јужноафриканец на класата во која вози сега.

Најголема вест е секако извинувањето на Davide Tardozzi кон својот (неофицијално) прв возач Pecco Bagnaia по фијаското во Qatar. Davide е поранешен тркач и точно знае низ што помина Pecco овој викенд. Неизнуденото извинување е потврда за направената грешка на тимот и знак колку навистина им вреди возачот кој треба да атакува на титулата оваа сезона. Некако се повторуваа двајцата во изјавите дека не треба Pecco да е тест возач. За таа намена порано служеа сателитските тимови. Да ги тестираат деловите кои потоа ќе ги користат во трка фабричките возачи. Сега не е така едноставно затоа што фабричкиот тим се реши за комбинација на ланскиот и овогодинешниот мотор со што самите се ограничија. Немаат тим кој вози иста спецификација. Pramac, VR46 и Gresini возат или варијанта GP’21 или GP’22. Никој не вози хибридна комбинација на двете. И тука има многу работа, а малку време. Конкуренцијата не чека и единствена утеха е рекордниот број на трки кој остава малку поголем простор за фаќање приклучок кон врвот.

Back To Top