Шефовите на тимовите во Suzuki, Хозе Мануел Казо (Алекс Ринс) и Френки Карчеди (Жоан Мир), зборуваат за правилата на игра во гаражата.

За време на првата сезона како тимски менаџер на Factory Yamaha MotoGP, Давиде Бривио, искуси вистинска поделба меѓу Валентино Роси и Хорхе Лоренцо.

Ова првично беше направено со цел да се сочуваат како тајна податоците во однос на пневматиците, откако Роси одлучи да вози со Bridgestone во 2008-ма година додека пак дебитантот Лоренцо реши да продолжи да вози со Michelin.

Но ѕидот помеѓу двајцата возачи продолжи да постои и во иднина, дури и откако Роси премина во Ducati во 2011-та година.

Бривио ја напушти Yamaha во истиот период со Роси. Подоцна тој се врати во серијата, овој пат како тимски менаџер на Suzuki.  Остана во тимот се додека Жоан Мир не стигна до титулата минатата сезона, по што одлучи да ја прифати понудата кој му пристигна од Формула 1.

Можеби поради искуството кое го имаше во Yamaha, Бривио веднаш постави нови правила во Suzuki со цел да се осигура дека нема да има тајни помеѓу возачите во тимот. Фабриката пак гарантираше дека и двајцата возачи ќе добијат исти делови.

„Тоа е во срцето на тимот и на тој начин бевме креирани. Давиде ја разви екипата и ги постави правилата и насоките за тоа како треба да функционираме“, вели Хозе Мануел Казо, шеф на тимот на Алекс Ринс.

„Немаше прв и втор возач бидејќи Suzuki секогаш гарантираше дека ако има нови делови, тие ќе им бидат достапни и на двајцата возачи.“

„Нивната позиција на табелата не игра никаква улога. На пример во 2015-та го имавме Маверик, кој тогаш беше дебитант и Алеш кој беше искусен возач. Помеѓу двајцата возачи немаше никакви разлики уште од самиот старт. Ова е начинот на кој Suzuki и во Јапонија функционира.“

 DSC4512 copy copy

Во однос на трките, и при подготвувањето на тимот нема никакви тајни во гаражата.

„Внатре во тимот одлучивме да бидеме транспарентни. Сите податоци се споделуваат. Исто така има и луѓе кои што работат со двете екипи. “

„Ако откриеме нешто во врска со пневматиците, токму тие луѓе ќе знаат за што станува збор. Дури и да сакам да сокријам нешто од тимот на Мир, нема да можам да го направам тоа. Овој метод на работа ни гарантира еволуција.“

„Потоа возачите се натпреваруваат на патеката и кој е подобар ќе победи.“

Што мисли Казо тогаш на коментарите на неговиот возач кој изјави дека смета дека тој е првиот возач на екипата?

„Не сум го слушнал тоа но сигурен сум дека и двајцата возачи го мислат истото. Дека еден од нив е прв возач“, вели Казо.

„Важно е тимот пред нив да ги кажеме правилата кои важат во нашиот тим. Само така можеме да гарантираме дека ќе имаат ист третман и дека треба да покажат кој е подобар на патеката. “

Со ова се сложува и шефот на тимот на Мир, Френки Карчеди.

„Во Suzuki, дури и минатата година немавме прв и втор возач. Машината е иста. Им ги пружаме најдобрите можности. Нормално е некогаш еден возач да има поинакви барања но и тоа го решаваме.“

„Целокупниот развој што го направивме во текот на зимата не е со цел да му помогнеме само на еден возач. Сакаме да го подобриме мотоциклот за и двајцата возачи да бидат подобри од останатите. “

„Сакаме и двајцата да се борат за врвот а ако еден од нив дојде до титулата, тоа е фантастично.“

 DSC4024 copy copy copy copy

Но секако дека преферирате вашиот возач да биде победник?

„Да бидам искрен, акцентот е ставен на победа на Suzuki.“

„Секако дека сакам Жоан да победи, но ако не успее во тоа а Алекс е шампион, исто така ќе бидам среќен.“

„Тоа е една од фантастичните работи кои Давиде ги направи за овој тим. Ова е идеална ситуација а на возачите е оставено да покажат кој е подобар.“

Карчеди и Казо се дел од новиот комитет на Suzuki кој беше креиран од страна на лидерот на проектот, Шиничи Сахара,  по заминувањето на Бривио. Од екипата велат дека иако зборот комитет значи и поделба во однос на носењето на одлуките, сепак главниот збор ќе го има Сахара се додека не биде донесена замена за Бривио.

Back To Top