Во текот на летната пауза, Валентино Роси ќе одлучи дали и во иднина ќе продолжи со трките или ќе се повлече од натпреварувањето.

Италијанецот, кој потпиша едногодишен договор со Petronas Yamaha, вели дека во текот на летната пауза ќе одлучи дали ќе остане дел од MotoGP и во сезоната 2022. Главен фактор при носењето на одлуката ќе бидат резултатите.

Последната победа, 42 годишниот возач ја постигна во 2017 година. Минатата година на трката во Херез се искачи на подиумот а блиску беше до добар пласман и во Мисано и Каталуња.

„Конечната одлука ќе ја донесам за време на летната пауза, некаде кон средината на сезоната“, вели Роси. „Сакам да помине барем половина од сезоната пред да ја донесам конечната одлука. Ако сум брз и се борам за место на подиумот или пак за победа, ќе возам уште една година. Ако не, тогаш ќе се повлечам.“

 DSC5241 copy copy

„Одлуката воопшто не е лесна, но морам да признаам дека таа зависи од резултатите, “ додава деветкратниот шампион. „Ако сум компетитивен, тогаш ќе продолжам да возам, тоа ми е планот.“

„Но се уште немам зборувано со Yamaha. Мојот живот комплетно ќе се смени кога ќе прекинам да возам, но не сум премногу загрижен поради тоа. Имав долга кариера и среќен сум поради тоа.“

„Во добра физичка кондиција сум и можам да продолжам да возам. Но се ќе зависи од резултатите кои ќе ги постигнам. Во однос на идните планови, сакам да продолжам да се тркам со автомобили. Работите ќе се променат, но се надевам дека таа промена нема да биде голема. “

Неговиот тим, VR46, размислува целосно да премине во MotoGP во 2022-ра година.

Back To Top