Првата трка од сезоната беше лоша за тимските колеги од Petronas Yamaha, Валентино Роси и Франко Морбидели. Двајцата возачи во текот на трката се соочија со различни проблеми.

Трката која се возеше во неделата го означи стартот на ерата во која Валентино Роси настапува за Petronas Yamaha. Но Италијанецот повторно се соочи со истите проблеми.

Откако се квалификуваше на четвртата позиција, Роси се најде на седмото место во првите етапи од трката во Лосаил. Наскоро, тој повторно се соочи со проблеми со пневматиците.

И во минатите години додека возеше за фабричкиот тим на Yamaha, Роси ги имаше истите проблеми, а оваа година, поради нив тој заврши на дванаесетото место.

„Очекувавме повеќе, особено после квалификациите. Но поради проблеми со пневматиците, на трката имав проблеми“, вели Роси.

„Истото ова се случи и во петокот. Се обидовме да направиме нешто но за жал не успеавме да го решиме проблемот. Поради некоја причина се прави голем притисок врз задната гума и после неколку круга таа нема добар контакт со површината.“

„Се надевавме дека денеска ќе имаме помалку проблеми бидејќи температурата беше пониска. Но за жал чуството беше слично и трката за мене беше тешка. Имав многу проблеми и загубив неколку места на табелата.“

„Имавме долг состанок, кажав што мислам и сега ќе се обидеме да го решиме проблемот и да бидеме подобри следната недела.“

46 valentino rossi txt 1 29 03

Како и останатите возачи и Роси одлучи да настапи со меки пневматици ( напред и позади) откако за време на тренинзите возеше со тврди гуми.

„Вчера возевме со тврда задна гума бидејќи во петокот имавме проблеми со мекиот пневматик. Но со цврстите гуми не бевме доволно брзи. Се соочивме со истиот проблем иако денеска температурата беше пониска“, вели Роси.

Поранешниот тимски колега на Роси, Маверик Вињалес победи на првата трка од сезоната а Фабио Куартараро заврши на петото место.

„Му честитам на Маверик бидејќи возеше одлично. Позитивно е тоа што победи Yamaha. Тие имаа поинаков сетап од нас и се чини дека тоа функционираше бидејќи Куартараро заврши на петата позиција.“

„Добро е да видиме што е тоа за да се подобриме за следната трка.“

morbideli qatar txt 2

Покрај Роси, разочаран од настапот беше и неговиот тимски колега од Petronas, Франко Морбидели.

Во пресрет на трката тој беше еден од фаворитите но на крајот заврши на осумнаесетата позиција.

„Не знам што се случи со Франко. Мислам дека и тој имаше проблеми со мотоциклот“, вели Роси.

Морбидели подоцна потврди дека имал технички проблеми со машината и дека поради тоа бил една до две секунди побавен.

„Имавме проблеми уште пред да почне трката но одлучивме да се појавиме на стартот“, вели Морбидели.

„Мораме подобро да ја истражиме причината за тоа бидејќи истото се повтори неколку пати за време на викендот. Но за време на трката јасно видовме дека нешто не функционира како што треба и поради тоа бевме многу побавни.“

„Тоа ми влијаеше многу за време на трката. Не можам точно да ви кажам што беше проблемот бидејќи и ние уште не знаеме.“

„Во суштина, задниот дел од мотоциклот беше некако празен, како да немам заден амортизер. Не можев добро да вртам и поради тоа бев една секунда побавен.“

„Не ја знаеме причината за тоа, се обидуваме да откриеме и сигурен сум дека вработените во Yamaha ќе го откријат проблемот.“

И покрај тоа што беше далеку побавен од останатите возачи, Морбидели реши да вози до крај поради почит кон тимот и колегите но и да собере повеќе информации за проблемот.

Морбидели откри и дека проблемот не се појавил за време на дневните сесии кога температурата на воздухот е повисока.

Вториот тркачки викенд во Катар почнува во петок.

Back To Top