Кејси Стонер со денешната победа на трката за ГН на Шпанија ја разочара домашната публика која се надеваше дека Хорхе Лоренцо по втор пат сезонава ќе дојде до победа.
Кејси Стонер со денешната победа на трката за ГН на Шпанија ја разочара домашната публика која се надеваше дека Хорхе Лоренцо по втор пат сезонава ќе дојде до победа. За Стонер ова е прва победа на Херез во кариерата, а дополнителна тежина на неговиот успех додава и податокот дека тој дека стартуваше од петата позиција.
Лоренцо стартуваше од пол позицијата но изборот за гумите го спречи да дојде до нови 25 бодови. Тој сеуште е на првата позиција во генералниот пласман но на денешната трка мораше да се задоволи со втората позиција. „Денеска беше навистина важен изборот на гуми, ние се одлучивме за меката компонента и се покажа дека нашиот избор беше погрешен. Немав доволно тракција и не бев самоуверен како на квалификациите па би рекол дека втората позиција е одлична во оваква ситуација.“ - изјави тој по завршувањето на трката.
Почетокот на трката беше интересен бидејќи Дани Педроза изби на првата позиција по стартот, но во првиот свиок веднаш зад него пролетаа Кејси Стонер, Хорхе Лоренцо, Андреа Довициозо и Ники Хејден. Веднаш потоа тој успеа да ги мине Довициозо и Хејден но одличниот Кал Крачлоу му беше зад опашот во текот на целата трка. Британецот беше на чекор до сензација но Педроза не дозволи пред домашната публика да го загуби третото место.
Во заднина ја следевме борбата за 9-та позиција помеѓу Валентино Роси, Хектор Барбера, Бен Спиз, а тука беше и „CRT“ Априлијата на Ренди де Пуние. За жал во последниот круг Априлијата не издржа и Де Пуние остана без пласман, а Роси ја „подобри“ позицијата од минатата трка, овојпат финиширајќи како 9-ти. Бен Спиз ја презема целата вина за денешнио неуспех, а на новинарските информации дека Довициозо ќе го завземе неговото место во фабричкиот тим на Јамаха следната година, сега можеме тоа да го кажеме и за Кал Крачлоу.
Следевме возбудлива трка која на крајот Стонер со вистинскиот избор на пневматици ја претвори во својата прва победа на Херез. Во генералниот пласман прв е Лоренцо со 45 бода, втор е Стонер со 41 бод, а трет е Педроза со 36 бода.
Следната трка се вози за една недела (6-ти Мај со почеток во 14.00) на патеката Есторил во Португалија.
Поз. | Бодови | Возач | Тим | Км/ч | Време |
---|---|---|---|---|---|
1 | 25 | Кејси Стонер | Repsol Honda Team | 157.3 | 45'33.897 |
2 | 20 | Хорхе Лоренцо | Yamaha Factory Racing | 157.2 | +0.947 |
3 | 16 | Дани Педроза | Repsol Honda Team | 157.1 | +2.063 |
4 | 13 | Кал Крачлоу | Monster Yamaha Tech 3 | 157.1 | +2.465 |
5 | 11 | Андреа Довициозо | Monster Yamaha Tech 3 | 156.2 | +18.100 |
6 | 10 | Алваро Баутиста | San Carlo Honda Gresini | 156.0 | +21.395 |
7 | 9 | Штефан Брадл | LCR Honda MotoGP | 155.6 | +28.637 |
8 | 8 | Ники Хејден | Ducati Team | 155.6 | +28.869 |
9 | 7 | Валентино Роси | Ducati Team | 155.3 | +34.852 |
10 | 6 | Хектор Барбера | Pramac Racing Team | 155.3 | +35.103 |
11 | 5 | Бен Спиз | Yamaha Factory Racing | 155.1 | +38.041 |
12 | 4 | Алекс Еспергаро | Power Electronics Aspar | 153.2 | +1'12.728 |
13 | 3 | Данило Петручи | Came IodaRacing Project | 152.9 | +1'18.669 |
14 | 2 | Матиа Пасини | Speed Master | 152.3 | +1'29.142 |
15 | 1 | Иван Силва | Avintia Blusens | 152.1 | +1'32.478 |
16 | Колин Едвардс | NGM Mobile Forward Racing | 151.7 | +1'40.577 | |
17 | Карел Абрахам | Cardion AB Motoracing | 150.6 | 1 круг | |
Без пласман | |||||
Ренди де Пуние | Power Electronics Aspar | 153.7 | 2 круга | ||
Џејмс Елисон | Paul Bird Motorsport | 152.7 | 3 круга | ||
Мишел Пиро | San Carlo Honda Gresini | 152.6 | 9 круга | ||
Не стартуваше | |||||
Џони Хернандез | Avintia Blusens | 0 круга |