Македонија ќе има свој претставник на Алпе Адриа шампионатот идната сезона.

Нашиот шампион Христијан Бузалковски, кој оваа година го освои БМУ Европскиот шампионат во класата SP125, следната година заедно со својот официјален спонзор Компанија Велкоски ќе бидат првиот македонски тим кој што ќе вози на шампионатот Алпе Адриа, и секако тоа ќе биде голем успех за Македонскиот мотоспорт! Па предлагаме да ја слушнеме и изјавата од нашиот шампион.

DSC 0745

„Оваа година ја завршивме работата на најдобар можен начин, односно ја освоивме титулата во класата SP125, и сме пресреќни поради тоа, зборувам во множина бидејќи во ова не сум сам, тука е мојот тим, моите спонзори, моите поддржувачи, семејството и сите кои што ме сакаат на било каков начин. Во 2019 година јас и мојот спонзор Компанија Велкоски ќе влеземе со сопствен клуб и ќе се натпреваруваме на шампионатот Алпе Адриа, и морам да признаам дека ќе не чека многу напорна работа, но секако тоа го посакуваме и за тоа се бориме! Набавивме нов моторцикл, направивме неколку тренинзи на патеката во Серес, сега останува уште да се опреми моторциклот со тркачката спецификација и да продолжиме со напорната работа и се надевам дека ќе дојдеме до одличен резултат и следната година!“ - изјави Бузалковски.

Нему му посакуваме многу среќа и успех следната година на Алпе Адриа, и посакуваме во земјава да имаме повеќе спонзори кои ќе знаат да ги препознаат младите таленти и ќе инвестираат во нив како што тоа го прави Компанија Велковски. Бузо ќе има пеколно тешка задача, но се надеваме дека среќата ќе биде на негова страна, бидејќи талентот го има.

Back To Top